ФИЛМ | СЕНТИМЕНТАЛНА ВРЕДНОСТ

пишува: Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник
СЕНТИМЕНТАЛНА ВРЕДНОСТ

Нежноста е новиот панк

„И двајцата, Ескил и јас, имаме панк позадина. Бевме контракултура, не сакавме да правиме патетични филмови. Но преку филмовите што ги направивме сфативме дека сме остареле и дека светот е место во кое можеме да бидеме ранливи.“

Ова го вели Јоаким Трир (Joachim Trier), норвешкиот режисер чие творештво во последните години станува сè поотворено кон ранливоста, блискоста и сложеноста на меѓучовечките односи. Заедно со сценаристот Ескил Фогт (Eskil Vogt), Трир изгради препознатлив свет во кој личните кризи никогаш не се одвоени од времето и местото во кое битисуваат неговите ликови. Од „Осло, 31 август“ (Oslo, August 31, 2011) до „Најлошата личност на светот“ (The Worst Person in the World, 2021), неговите филмови се занимаваат со луѓе кои се обидуваат да разберат што сакаат од животот и едни од други.

Во центарот на „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value, 2025) се сестрите Нора (Ренате Реинсве, Renate Reinsve) и Агнес (Инга Ибсдотер Лилеас, Inga Ibsdotter Lilleaas). Нора е актерка, Агнес историчарка. Мајка им неодамна починала, а нивниот татко Густав Борг (Стелан Скарсгард, Stellan Skarsgård), познат режисер кој со години бил отсутен од нивните животи, се враќа во Норвешка. Густав сака да го сними својот нов филм во семејната куќа, простор преполн со историја и сеќавања. Филмот е приказна за неговата мајка, која си го одзела животот, а за главната улога ја планира Нора. Таа ја одбива понудата, не сакајќи сопствениот живот и семејната траума да станат материјал за филмот на татко ѝ. Густав ја ангажира младата американска актерка Рејчел Кемп (Ел Фанинг, Elle Fanning), која е во потрага по кариерна промена.
„Многу често семејствата не можат директно да зборуваат за важните работи и наоѓаат индиректни начини да комуницираат. Уметноста е начин тоа да се изрази и тоа е најдобрата шанса што ја има ова семејство да комуницира и да ги разреши своите проблеми, наместо стандардната сцена во која целото семејство ќе седне, ќе експлодира и конечно ќе стигне до вербална катарза.“ (Јоаким Трир)

Границата меѓу животот и уметноста постепено станува невидлива. Она што се случува во семејството влегува во сценариото, а потоа сценариото повторно влијае врз семејството. Филмот што Густав го снима станува продолжение на семејната приказна, а сценариото разговор што таткото и ќерката не умеат да го направат во реалноста.

И тука доаѓаме до очигледното повикување на Ингмар Бергман (Ingmar Bergman). Кај Трир, како и кај Бергман, глумата може да биде пат до вистината. Ликот што го играш понекогаш ти дозволува да кажеш нешто што е невозможно во реалниот живот. Нора умее да влезе во туѓи животи, но тешко се снаоѓа со сопствениот. Во неа се судираат професионалната самодоверба и личната несигурност.

Во „Сентиментална вредност“ важна е и куќата. Таа не е само сценографија, туку еден вид семеен архив. Предметите, собите и ѕидовите носат траги од животот што се одвивал таму. Кога Густав сака повторно да ја претвори куќата во филмски сет, тој всушност се обидува повторно да влезе во сопственото минато. Така филмот станува и приказна за времето. Агнес, која се откажала од актерството и избрала историја, се занимава со минатото преку документи, наместо преку фикција. Можеби токму затоа изгледа како најстабилниот лик во семејството, но и таа е дел од истото наследство.

Најсилниот однос сепак останува оној меѓу Густав и Нора. Трир не го сведува на едноставна приказна за отсутен татко и повредена ќерка. Густав ја сака Нора, но не знае како да ѝ биде татко. Целиот живот ги гледал луѓето како материјал за својата работа и токму затоа тешко препознава каде завршува уметноста, а каде почнува одговорноста кон најблиските. Нора, пак, мора да се соочи со можноста дека токму човекот од кого најмногу се дистанцирала можеби конечно ја разбрал. Неговото сценарио, иако првично го доживува како повреда, постепено станува обид за разбирање, можеби и несмасно извинување.

Во очигледниот омаж на Бергман, Трир оди чекор понатаму во сцената во која ликовите од семејството се претопуваат едни во други, во стилот на „Персона“ (Persona, 1966). Но токму референците понекогаш се и слабоста на филмот. Трир е премногу свесен за филмската традиција со која разговара што на моменти конструкцијата станува поважна од самата приказна. Сепак, кога таа архитектура ќе се повлече во втор план, „Сентиментална вредност“ станува едноставен и човечки филм. За луѓето кои не знаат како да зборуваат едни со други. За тоа како уметноста може да ги оддалечи, но и повторно да ги поврзе. За меморијата што останува во предметите и просторот. И, пред сè, за потребата да бидеме слушнати и разбрани од оние што ни значат.

Филмот не нуди големо помирување и не се обидува да ги излечи сите рани. Некои работи остануваат неизречени. Но неговите ликови барем почнуваат да се гледаат едни со други на малку поинаков начин.
И можеби токму затоа, во свет во кој цинизмот често изгледа како најлесната форма на отпор, нежноста навистина може да биде новиот панк.


пишува: Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник
Економија и бизнис, 01 септември 2026

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Најчитано