Олга живееше нешто подолго од година дена на најгорниот кат од една градска куќа крај морето, кога за првпат ѝ се пристори дека некој чуден звук доаѓа од балконот. Куќата се наоѓаше во срцето на најстарото градско јадро, а балконот беше мал француски балкон, кочоперен, но без голема практична функција, освен да служи за украс. Подот од плочки беше тесен простор, точно толку широк да ѝ го собере стопалото. Речиси како да беше правен според нејзина мерка, си мислеше таа, не без одредено потајно задоволство. Во лето ќе истуреше вода да ги олади плочките и ќе зачекореше боса на него, гледајќи угоре и удолу низ улицата. Уживаше со двете раце да се фати за оградата од ковано железо, да се наведне напред, превиткувајќи се во половината надолу, така што косата ѝ паѓаше надолу, лелеејќи се на провевот кој струеше низ камените порти и премини.
Светот тогаш беше убав, а балконот ѝ се чинеше како ложа во театар за публика со привилегии.
Улицата под балконот беше тесна, поплочена со камени блокови, слични на оние од кои беа ѕидани и куќите. Каменот сјаеше на сонцето, измазнет од долга употреба. Илјадници стапала мора да минале преку него, си мислеше Олга, замислувајќи како изгледала таа иста уличка пред многу столетија, кога градот бил штотуку изграден. Била ли тоа весела улица со среќни соседи или темна и непријателска? Допирал ли до неа шумот на морските бранови од под ѕидините на градските бедеми, солта во воздухот и миризбата на далечните патувања од бродовите усидрени во пристаништето? Или мирисала на прав, пот и солзи? Кој ли седел ноќе на овој ист балкон под сјајот на месечината? Гледал ли во ѕвездите или слушал носталгични балади за љубовта и смртта?
„Уии-и-и-и“, повторно се слушна звукот однадвор, сега уште погласно.
Беше зимска вечер и од морето дуваше силна бура. Една од оние вечери кога е најдобро да се биде дома на сигурно. Морето беше црно и налутено. Огромни бранови го истураа својот бес врз брегот и бродчињата во пристаништето. Улицата беше измиена од дожд, пуста и мрачна. Никаде жива душа. Немаше ни трага од летниот спокој и ведрото, ѕвездено небо.
Можеби тоа само ветерот завива, помисли Олга, кога звукот стана сличен на лелек. Но беше некако – продорен. Не успеваше да се ослободи од него. Без да сака ѝ влегуваше во главата, одѕвонуваше меѓу ушите, создавајќи речиси сакрална симфонија од звуци.
Таа стана и нерешително се приближи до вратата на балконот. Ја фати рачката и ја отклучи бравата. Клучот единствен бранеше вратата да не попушти под налетите на ветрот. Што очекуваше да најде на балконот, се праша. Па сепак ја притисна рачката и го повлече навнатре дрвенаото крило. Шарките шкрипнаа, дрвото закрцка. Дождот сигурно ќе го натопи паркетот, се прекори Олга себеси. Но звукот беше како волшебен повик од нешто непознато. Не можеше да му одолее.
Силниот ветер ја удри во градите како тупаница. Олга вдиша длабоко и се стутка. Се обиде да се држи цврсто за вратата од балконот, но ѝ се чинеше како во раката да има лист хартија, а не дрвена рамка.
„Уиии-и-и-и…….Уиии-И-И-И-И-И“
Звукот сега доаѓаше од сите страни. Го стави стапалото на балконот и зачекори. Можеби доаѓа откај соседите? Што ако некој од нив довикува напомош? Мораше да провери, па што сака нека се случи.
Прозорците на сите околни станови беа цврсто затворени со дебели дрвени ролетни и железни резиња. Повеќето станари не живееја тука во текот на зимата. Становите ги користеа само во летниот период. Зиме, ова беше сосема поинакво место. Олга понекогаш мислеше дека тогаш градот се сели од светлата на темната страна на месечината. Зимата беше како сенка, опачина на летниот сјај.
Се обиде да се фати за оградата од ковано железо и да се наведне, како што тоа го правеше безброј пати на лето. Ветерот сè уште ѝ се спротивставуваше во намерата. Но и звукот како да стануваше се посилен. Најпосле успеа да дофати две железа и да го повлече телото кон нив. Ногата несакајќи ѝ се лизна на влажниот под и тежината на телото ја повлече преку оградата.
Паѓаше. Сакаше да се задржи, но нозете веќе ѝ беа во воздух. Се стрмоглави надолу, во мракот и дождот. Една мисла ѝ помина низ главата. Кога би имала крила, како птица, би можела едноставно да замавне со нив. Не би завршила вака ужасно.
Каменото лице на улицата ѝ се приближуваше со сè поголема брзина. Ги привлече колената кон градите, го сви телото и замижа во очекување на нешто страшно.
Бум!
Ударот беше тап и не многу силен. Коските не заѕвечкаа по камењата. Неочекувано, приземјувањето беше сосема меко.
Олга осети под себе тврда подлога, но немаше болка. Сакаше да го опипа телото, да испита дали е повредена, но тогаш забележа нешто чудно со рацете. Тие беа долги, широки и меки….всушност, тие веќе не прилегаа на раце, туку на пердувести крилја. Се обиде да ги рашири, но нешто ја ограничуваше. Некакви железни решетки околу неа, и железниот под на кој седеше.
„Аха, најпосле те фатив“, слушна женски глас во непосредна близина.
Во видокругот ѝ се појавија големи зелени очи. Погледот им беше строг и вперен право во неа. Очите припаѓаа на едно убаво лице, обрабено со мека коса собрана на тилот и украсена со ситни плетенки. Но зошто е толку големо ова лице, се прашуваше Олга.
Пред да успее да смисли одговор, една дланка со долги прсти се подаде кон неа. Подлогата на која лежеше се затресе и се крена нагоре.
Жената ја носеше в раце. Излегоа на мал балкон, на кој одвај имаше место да се застане со цело стопало. Сонцето беше упекло. Боите на небото никогаш порано не биле толку сини и јасни. Под нив, долу на улицата, се движеа многу луѓе. Беше тоа шаренило од народ- пешаци, коњаници, војници, мажи и жени во најразновидна облека, како во некоја историска драма. Беше бучно, одекнуваа гласни повици и неразбирлив говор на непознати јазици.
Жената ѕирна надолу кон улицата и мафна некому за поздрав. Потоа го закачи кафезот на еден дебел железен клин кој штрчеше од ѕидот на балконот.
„Така!“ рече задоволно.„ Повеќе нема никогаш да те пуштам да избегаш, ти будалеста птицо.“
Во весело расположение, зеленооката се сврте на петица и влезе внатре. Шушкањето на нејзиното долго здолниште се изгуби некаде во длабочината на станот.
Не сум птица! Олга сакаше да повика некого, било кого. Да се јави. Да побара објаснување. Што се случи? Ја отвори устата и се напрегна, но сè што ѝ излета од грлото беше едно тажно и долго „Уиии-и-и-и-и.“
Беше тоа единствениот звук што успеа да го изговори.
пишува: Сузана Камберова, авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис, 15 август 2026г












