пишува: Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина
Едно утро в зори господинот К. се разбуди некако изменет. Веднаш се обиде да открие што се случило, но тоа не му појде од рака. Единствено чувствуваше дека промената, каква и да беше, му е непријатна. За миг дури и се исплаши дека и него го снашла судбината на јунакот на еден расказ кој го прочита одамна − да се преобрази во огромен инсект.
Исплашен до смрт од таквата помисла, нагло скокна од постелата и во два чекора се најде пред огледалото. Внимателно се огледа од сите страни. За среќа, ништо слично не го беше снашло. Воздивна со олеснување и со раката ја избриша ладната пот од челото, како да сака да ги тргне и непријатните мисли што накратко завладеаја со него. Не, не беше инсект, но не беше ниту истиот човек. Не знаеше како да си го објасни тоа чувство. Во него нешто се беше поместило, како да се населил тивок сопатник. Некој кој му го зазел целиот внатрешен простор додека господинот К. мирно спиел.
Се приближи уште повеќе до огледалото за да ги види и најситните детали. Можеби нешто со кожата не е во ред или пак му опаднала косата и му се заматил погледот? Но, не, не беше ништо тоа. Тогаш ја забележа за првпат. Бледа, проѕирна фигура, речиси залепена за него, со лице и израз како неговото, го беше јавнала на рамениците. Се обиде да ја истресе со рака, да ја дувне или да ја отфрли како износено палто, но никако не успеваше да се ослободи од неа. По повеќе залудни обиди мораше да си признае дека, по сè изгледа, на некој мистериозен начин тој се удвоил. Станал двојник, од еден − двајца.
„Уште вакво чудо не сум доживеал од себе“, на час се вообрази, мислејќи дека е толку важен што природата решила да го пресоздаде во повеќе примероци.
Восхитот не му траеше долго. Двојникот стануваше видлив само во огледалото. Беше прилепен за него, речиси сошиен, како светлечка аура. Тоа присуство стануваше сè поопипливо. Во мислите почнаа да му упаѓаат туѓи зборови, настрани идеи, луди сеќавања. Двојникот премногу размислуваше и постојано беше за нешто загрижен. Се охрабри до толку што се осмели да му укаже на некои нешта со кои не се „согласувал“. Дури и да го обвинува за работи што одамна ги беше заборавил.
Непријатно беше некој друг да ти чепка по минатото, мораше да си признае господинот К. Тоа чудовиште со совест, што така ненадејно изникна од него, се осмелуваше да го суди. Во себе носеше некоја тежина, вина и сакаше да му ја наметне и нему.
„Од каде се појави?“, се прашуваше збунето. „Нарасна ли во мене преку ноќ како некој злокобен тумор?“
Одлучи дека ќе биде најдобро, барем засега, да го покрие огледалото со ткаенина. Мораше на другиот да му постави граници. Нема да се огледува сè додека не смисли како да се справи со оваа чудна размноженост. Но, двојникот не сакаше да мирува. Површината на огледалото набабри и се издигна на безброј места како гнојни пликови на болна кожа. Нешто под ткаенината растеше и продираше во слободниот простор од собата, земајќи му го здивот.
Преплашен К. собра храброст да го повлече превезот. На свое ужаснување, од огледалото се протегаа безброј раце право кон него, обидувајќи се да го зграпчат за вратот и да го задават.
Во паника избега од собата. Трчаше како споулавен низ ходниците на својата голема куќа на три ката, барајќи засолниште.
„Што се случува?“, се прашуваше удирајќи се од ѕидовите, протињајќи се низ вратите и сопнувајќи се преку скалите. „Можеби само сонувам и не можам да се разбудам?“
Се искачи до поткровјето прескокнувајќи по две скали одеднаш, но таму го чекаше двојникот. Сега беше целосно одвоен од него и многу реален. Со ладна решителност го турна надолу. Господин К. изгуби рамнотежа и падна по скалите што се собираа и се издолжуваа, извиени како бескрајна пружина. Леташе по должината на спиралната бездна како во сон, сè дури не се струполи, сиот искршен, на подот во приземјето.
Во куќата беше темно како ноќта да се вратила. Господин К. успеа набрзина да се прибере и да застане на нозе. Мора да избега дури не стасал оној другиот. Се исправи, треперејќи со снагата, и несигурно тргна кон излезот. Кога ја допре рачката од вратата целата куќа наеднаш оживеа. Ѕидовите закрцкаа како реуматични коски и почнаа да се движат. Изгледаше како некое огромно чудовиште штотуку да се разбудило од илјадагодишен сон. На ѕидовите се појавија стотици очи што го набљудуваа со ладно внимание.
„Се сеќаваш ли на мене?“
Гласот допре до него, слаб и пронижан со болка. Ѕидот зад него стана проѕирен, претворајќи се во маглива копрена што се креваше од подот, како да е на сцената на некој илузионист. Господин К. низ привидот од бел чад ја здогледа Ева, младата приправничка со која работеше некогаш. Беше бледа и трепереше како кукла од хартија.
„Ме напушти кога забременив“, рече таа со глас што се колебаше меѓу прекор и молба. „Немав никого, а ти ми го сврте грбот. Се фрлив во реката.“
К. зачекори наназад, ужаснат. Одамна ја беше заборавил, ја избришал од умот. Барајќи спас од ужасната визија, се втурна кон подрумот, но над вратата што водеше таму го пречека огромно око што го гледаше со презир.
„А мене, ме помниш ли?“, одекна машки глас. „Ми ја одзеде куќата за ситни пари. Болен и сиромашен умрев во засолниште за бездомници.“
Господинот К. со дланките ги затвори ушите да не слуша и се стрча удолу по скалите кои водеа во подрумот. Таму беше тивко. Бледата месечина ѕиркаше низ прозорецот осветлувајќи една стара фотелја во аголот. Во неа седеше жена, сета искривена.
„Мајко!?“
„Мене одамна си ме изумил синко“, прозбори сенката со глас од друг свет. „Ме остави болна и немоќна и никогаш не се врати. Ладнокрвно ме пушти да умирам сама.“
Го облеа студена пот. Сакаше да избега, но не можеше да се помести.
„Носев близнаци“, продолжи таа, „но едниот не преживеа. Ти ја зеде неговата сила. Твојот живот е енергијата на оние кои ги истисна, ги уништи, ги прегази.“
К. почна да гори однатре. Црвена светлина, како крвава река, му го замати видот. Посегна кон жената сакајќи да ја замолчи, но пред него се испречи двојникот опкружен со цел рој други сенки.
„Тој преживеа во тебе,“ продолжи гласот да зборува. „Твојот нероден брат. Твојата совест. Сега е време да платиш за она што му го должиш.“
Сенките му се приближуваа во тишина. Лицата им засветлуваа едно по друго. Сите ги познаваше. Од сите нешто беше одзел. Господинот К. сакаше да викне. Да им каже дека тој никому ништо не должи. Самите си беа виновни.
Но, гласот го издаде.
Се слушна само кус и остар звук, како ’ржење на животно. Потоа светлината на месечината исчезна. Куќата онеме.
Во неа повеќе немаше никој.
Економија и бизнис, 15 мај 2026












