„Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави − нема ништо ново под сонцето.“
Еклесијаст 1:9 -10
Понекогаш јас сум еден мал Колумбо. Откривам работи веќе откриени.
Тој така ја открил Америка, без оглед што таа веќе била откриена и населена со староседелци. Но, и него и многу други по него тоа не ги спречило да ја прогласат за ново откритие. Откритие кое станало Нов Свет − како за кого.
Истото ова ми се случува и мене. Постојано откривам нови светови, веќе откриени.
Еве, на пример, читам краток расказ од Хулио Кортасар (1914 – 1984) и се воодушевувам. Тој пишува толку необично. Играта со реалноста, приказна која се разгранува по некоја логика на сонот, внатрешното движење на наративот, заплетот − сето тоа одеднаш ме потсетува на нешто што веќе го знам. На слика. На еден автор. Откривам поврзаност која, ми се чини, само мене ми се прикажала. Кортасар ме потсетува на Мауриц Корнелис Ешер (1898 – 1972) кој сликал светови визуелно невозможни, перспективи кои се прекршуваат така да го збунат умот, архитектури што не можат да постојат. Додека Кортасар со зборот нè држи на границата на парадоксот, кај Ешер сликата е логички точна, а сепак реално невозможна. Иста порака, истиот код − пренесени низ два различни уметнички медиуми. Се возбудувам. Сум успеала ли да дешифрирам нешто невидливо за другите? Можно ли е тоа што Ешер го прави со скали што водат секаде и никаде Кортасар да го прави со приказни што почнуваат како реалност, а завршуваат како апсурд?
Проверувам веднаш дали некој веќе ја направил оваа невидлива врска. И нормално − ја направил.
Сличноста е воочена одамна, пред јас воопшто да помислам на неа. Откритието, за мене ново, за светот е веќе познато. Сум задоцнила.
ГОЛЕМИОТ ПРАСОК Е ИНТИМНА РАБОТА
Кога сме кај сликите, го сакам германскиот романтичар Каспар Давид Фридрих (1774 − 1840). Неговите слики се длабоко рефлексивни и мистични. Можам да ги гледам со часови. Забележувам дека на неговите платна фигурите често се свртени со грб. Тие се како водичи низ пејзажот. Што тоа значи?, се прашувам. Дали јас прва го открив ова? Не баш. Иако нема многи теоретски записи на оваа тема, сепак историјата на уменоста го забележала и го означила мотивот фигура свртена со грб (Rückenfigur). Фигура како психопомп (водич низ светови). Мотивот на фигура свртена со грб датира уште од антиката, но таквите фигури сепак не биле доминантни на сликите. Подоцна добиваат поголемо значење, особено во делата на пејзажниот сликар Каспар Д. Фридрих кој ја гледа природата преку очите на своите фигури. Тие се посредници кои го преведуваат јазикот на природата во боја, во форма и во чувство.
Но, да ја оставиме уметноста и да се навратиме сега кон нешто многу попрозаично.
Имам трудна пациентка со која разговарам за нејзината бременост. Во исто време размислувам за претходниот пациент кој се лекува од карцином. Одеднаш двете мисли ми се спојуваат во умот. Се раѓа идеја: Зарем не е точно дека кај бремени жени со карцином болеста речиси никогаш не се пренесува на плодот како метастаза? Можно е, но исклучително е ретко такво нешто. Тоа значи дека постои природен одбранбен механизам кој го штити плодот и од туморот. Плацентата? Ако е така, дали тие нејзини биолошки механизми би можеле да се искористат како терапија за малигни болести? Постои ли такво истражување?
Веднаш проверувам по медицинските бази на податоци дали ова некој друг веќе го помислил. И дознавам, се разбира, дека не сум прва што се сетила. Постои цела област на истражување посветена на оваа проблематика.
Пак сум задоцнила.
Што би се рекло, доцна стига Марко на Косово Поле.
Самостојното откривање на веќе откриени работи е една чудна, заморна дисциплина. Се вложува ментален напор, но не се постига ништо. Нешто како маратон во кој трчате сами, но на целта ќе откриете дека некој веќе ве престигнал. Може тоа да биде и обична желка, но едноставно, не сте први.
Посакувате да ја пронајдете јаболкницата на Исак Њутн за да може на ум да ви падне Њутновото јаболко, но наместо тоа постојано налетувате на скиселена туршија наместо на свеж плод. Идеи кои некој далеку пред вас ги собрал и ги конзервирал за долгорочна употреба. Па, сепак, сте размислувале и угоре и удолу и внатре и надвор од кутијата. Сте стигнале до откритие што не е ни малку банално. И пак ништо од тоа − светот веќе знае сè. Не сте оригинални.
И што сега?
Се прашувам дали сум и јас копија или оригинал.
Можеби некој веќе се сетил да ме роди пред да се родам. Можеби сум живеела и пред да живеам. Што ако некој, токму во овој миг, го повторува секој мој потег? Пишува иста колумна за откритија што и не се некои откритија зашто воопшто не се нови.
Многу ешеровски е ова, нели?
Сите се движиме низ ходници што водат никаде и насекаде. Кој пат ќе го фатиме? И што, всушност, значи оригиналност? Дали ова е само мој проблем или така функционира системот од кој сме дел?
Можеби секоја генерација е осудена повторно да го открива светот. Работи подзаборавени излегуваат на светлина и стануваат нови не затоа што никогаш не постоеле, туку затоа што повторно се гледаат, но од други очи. Сите се вртиме во круг. А круговите се спирали. Секоја навивка не носи кат повисоко, но дали тоа значи и подлабоко?
Дури и кога станува збор за модерната технологија, можеме ли да тврдиме дека и неа ја откриваме за првпат?
Интернетот е полн со чудни слики − нешто што наликува на мобилен телефон во рака на античка фигура, небесни објекти што потсетуваат на вселенски бродови се насликани на стари икони и на средновековни слики. Објаснувањата се рационални, симболички, историски, но дали се доволни? Човекот посегнува кон теории на заговор, мрачни тајни ѕиркаат од секој новоотворен прозорец. Мистеријата се продлабочува.
Но, мене не ме интересира дали тие слики се вистинити.
Ме интересира зошто ние, денес, во нив го гледаме токму тоа што го гледаме.
Дали е светот стар и ист, а ние нови или ние сме стари, а светот постојано ни нуди нешто ново за откривање?
Зошто во зрак светлина на сликата − гледаме ласер?
Во облакот − машина.
Во минатото − иднина.
Можеби и не го откриваме светот.
Можеби постојано го препознаваме.
И секојпат мислиме дека ние сме првите. И дека сè почнува од нас.
пишува: Сузана Камберова, Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис, 15 април 2026г.











