КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ | Петар Денковски: „Богат татко, сиромашен татко“

пишува: Петар Денковски | Авторот е генерален директор на ВЕРО

Постојат многу книги за финансии, за управување, за бизнис – книги кои нудат стратегии, формули, мотивација, раст. Но „Богат татко, сиромашен татко“ од Роберт Кијосаки се издвојува по нешто поинакво. Таа не ви кажува точно што да правите, туку ве тера да се запрашате зошто воопшто размислувате така како што размислувате. И токму тоа прашање е она кое останува со вас долго откако ќе ја затворите книгата.

Книгата ја гради својата вредност преку едноставен, но многу силен концепт, разлика меѓу сигурност и неизвесност (создавање вредност). Едниот начин нè учи како е да бараме сигурност и стабилност, а другиот начин нè потикнува како да изградиме нешто повеќе и да створиме додадена вредност. Оваа разлика не е теоретска – таа дирекно се рефлектира во секоја одлука што ја носиме и во бизнисот и во животот.

Оттука природно произлегува уште еден поинаков поглед – оној кон ризикот. Кијосаки ја предизвикува широкоприфатената идеја дека сигурноста е највисока вредност и наместо тоа ја нагласува способноста за учење, за прилагодување и за преземање иницијатива. Во динамичен пазар, вели тој, најголемиот ризик е да не се преземе ризик, да не се преземе никаков чекор. Напредокот секогаш подразбира одредено ниво на неизвесност и на преземање ризик – и книгата нè учи да го прифатиме тоа наместо да го избегнуваме.

Друг важен аспект што го нагласува книгата е финансиската дисциплина. Не е колку заработувате, туку колку на крајот ќе ви остане. Еден од највпечатливите совети е дека луѓето често се фокусираат на зголемување на приходот наместо на создавање средства. Така се создава циклус во кој колку повеќе заработувате толку повеќе трошите, без промена на финансиската состојба. Овој увид нè тера да ги оценуваме одлуките поинаку не според краткорочен резултат, туку според долгорочна вредност.

Она што ја прави оваа книга посебна е нејзината директност. Таа не се обидува да импресионира, како многу други, туку поставува едноставни прашања за тоа што го правиме дали нè носи поблиску до самостојност или нè врзува уште повеќе.

На крај најсилната порака не е за пари, туку за умот што создава можности. Бидејќи, како што вели Кијосаки − вашиот ум е вашето најголемо средство − ако го тренирате да создава можности, ќе ве води кон слобода, ако го оставите да бара сигурност, ќе ве држи/остави таму каде што сте.

„Богат татко, сиромашен татко“ не нуди готови решенија, туку практични принципи што можат веднаш да се применат. За мене таа претставува потсетник дека успехот не е резултат на случајност, туку на дисциплина, на доследност и на храброст да се носат одлуки во неизвесни времиња и околности.


Економија и бизнис, 01 јуни 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано