КОСОВО САКА ДА ОСНОВА НАЦИОНАЛНА АВИОКОМПАНИЈА, Базел, Цирих и Дизелдорф се меѓу дестинациите со најголем број патници од аеродромот во Приштина

Владата на Косово има намера да основа национална авиокомпанија, но не објави колку би чинело овој проект, кој би го финансирал и какви услуги би понудил покрај оние што веќе постојат.

Експертите за цивилно воздухопловство предупредуваат дека високите трошоци и меѓународната конкуренција би можеле да ја загрозат одржливоста на таква компанија.

Искуствата од регионот, исто така, покажуваат дека превозниците со државна поддршка или големи партнери се соочуваат со финансиски тешкотии.

Минатата година, повеќе од 4,6 милиони патници поминале низ приштинскиот аеродром, каде што работат десетици авиокомпании.

Косовскиот пазар сè уште расте, но останува нејасно дали има простор за нова компанија што би се финансирала со јавни пари.

Косовскиот премиер Албин Курти најави започнување на процесот за основање авиокомпанија со јавен капитал за време на неговиот нов четиригодишен мандат на чело на Владата.

„Во рамките на мандатот, ќе го започнеме процесот за основање авиокомпанија со јавен капитал, во партнерство со важни актери од воздухопловната индустрија во земјата и во странство“, рече Курти на 13 септември, за време на презентацијата на програмата на Владата во Парламентот.

Меѓународниот аеродром во Приштина  опслужил повеќе од 4,6 милиони патници во текот на 2025 година, што е раст од 13 проценти во споредба со претходната година.

Според податоците на Управата за цивилно воздухопловство на Косово, во тој период се регистрирани околу 15.000 полетувања.

Базел, Цирих и Дизелдорф беа меѓу дестинациите со најголем број патници, главно поради врските на Косово со дијаспората. 21 авиокомпанија од различни земји работат на аеродромот во Приштина, пишува Радио Слободна Европа.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано