ХОЛАНДИЈА ИМА НАЈДОБАР ПЕНЗИСКИ СИСТЕМ, зголемен притисок врз пензиските фондови во светот

Холандија има најдобар пензиски систем во светот, додека некои големи европски економии се соочуваат со сериозни предизвици во финансирањето на пензиите. Ова го покажува Глобалниот индекс на пензиски системи за 2026 година, кој вклучува 55 земји и системи што опфаќаат 66 проценти од светската популација.

Според истражувањето на Marsh и Институтот CFA, Холандија постигна 85,8 од можни 100 поени. По нив следуваат Данска со 84,1 и Исланд со 84 поени. Меѓу најдобро оценетите земји се Шведска, Финска и Норвешка.

Индексот ги оценува пензиските системи според три критериуми: износот на пензискиот приход, долгорочната одржливост и квалитетот на управувањето и заштитата на корисниците.

Холандија го задржа првото место четврта година по ред. Нејзиниот систем ја комбинира државната пензија, дополнителните пензии преку работодавачите и големите пензиски фондови што се инвестираат за идни плаќања.

Сепак, оваа земја спроведува и реформи. Наместо систем во кој пензиите се однапред одредени според заработката и должината на стажот, се преминува на модел кој повеќе се потпира на плаќања и приноси од инвестиции. Се очекува промената да биде завршена до 2028 година.

Европските земји со добро оценети системи вклучуваат Швајцарија, Велика Британија, Франција, Ирска, Белгија, Германија, Португалија и Хрватска.

Сепак, високите пензии не мора да значат дека системот е финансиски одржлив.

Шпанија доби 83 поени за нивото и соодветноста на пензиските бенефиции, но само 33 за одржливост. Франција доби 85 поени за соодветност и 49,3 за одржливост.

Италија и Австрија се меѓу земјите кои се соочуваат со значителни долгорочни ризици. Турција е на последното место меѓу европските земји вклучени во истражувањето.

Еден од најголемите проблеми е што луѓето живеат подолго, додека во исто време се раѓаат помалку деца. Затоа се намалува бројот на работници кои ги финансираат пензиите на сè поголем број пензионери со своите придонеси, пренесува НИН.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано