ЛИТЕРА ОТВОРА НОВО ПОГЛАВЈЕ: „ГРАДОВИ ПОЛНИ ПРИКАЗНИ“ И НОВ ЦЕНТАР ЗА ДЕТСКА КРЕАТИВНОСТ

Меѓународниот фестивал за илустрација и литература за деца и млади „Литера“ најавува два значајни проекта – едиција сликовници посветени на македонските градови и отворање Центар за развој на детска креативност. Од денес, 19 октомври до 10 ноември 2026 година е отворен конкурс за авторски текстови за сликовници под заедничката тема „Градови полни приказни“. Со овие иницијативи, фестивалот го проширува своето дејствување во целогодишна платформа за литература, илустрација, уметност и едукација.

Шест градови, шест сликовници, една Македонија раскажана низ приказни. Гевгелија, Битола, Охрид, Скопје, Прилеп и Куманово ќе добијат свои авторски сликовници, кои преку автентични приказни и илустрации ќе го претстават нивниот културен идентитет пред домашната и меѓународната публика.


Под мотото „Градови полни приказни“, „Литера“ ги повикува авторите да создадат оригинални текстови инспирирани од овие шест македонски градови. Конкурсот е отворен од 19 октомври до 10 ноември 2026 година и има цел да поттикне нови авторски гласови и современи приказни што ќе го доближат културното богатство на Македонија до најмладите генерации.

Шесте сликовници ќе бидат изработени со висококвалитетни материјали и обединети во специјално дизајнирана кутија со интерактивна игра за запознавање на градовите. Проектот создава современо книжевно, визуелно и едукативно искуство, со потенцијал за промоција на македонската култура надвор од земјата.

Од 1 ноември започнува со работа Центарот за детска креативност

Во исто време, „Литера“ отвора Центар за развој на детската креативност, кој од 1 ноември 2026 година ќе понуди тематски работилници за боја, илустрација, 3Д-форми, раскажување приказни преку цртеж и изработка на сликовници. Работилниците ќе ги водат професионални автори и стручни лица, а програмата ќе се објавува однапред, со пријавување и до пополнување на капацитетите.


Осум години посветени на квалитетната детска литература


Во изминатите осум години „Литера“ придонесува за нов пристап кон детската литература и илустрацијата во Македонија, афирмирајќи ја сликовницата како уметничко дело со важна улога во развојот на визуелната култура, имагинацијата и љубовта кон читањето.

„Веруваме дека вложувањето во детската литература и креативност е вложување во културната иднина на нашата земја. Со едицијата „Градови полни приказни“ сакаме да покажеме дека секој град има приказна што вреди да се раскаже и зачува. Паралелно, создаваме простор во кој децата ќе можат да ја развиваат својата имагинација и креативност.

Нашата цел не е само да создаваме нови читатели, туку и идни автори, илустратори и генерации со развиена визуелна култура“, велат од тимот на „Литера“.
Во 2026 година фестивалот ја развива својата целогодишна платформа, која ќе обедини изложби, работилници, предавања, професионални вмрежувања и меѓународни претставувања. Со новите проекти, „Литера“ продолжува да гради простор во кој приказните ја зачувуваат културата, а креативноста ја обликува иднината.

Автор на официјалната илустрација за Литера 2026 е Анастасија Јованова.



Конкурс „Градови полни приказни“

Рок за доставување авторски текстови: 10 ноември 2026 година.
Деталите за условите и начинот на пријавување се достапни на Facebook страницата на Литера.

За дополнителни информации: literafestival@gmail.com

Повеќе од истиот автор

Најчитано