Yes for Less Викенд – два дена што покажуваат дека промената почнува од секој од нас

На 17 и 18 октомври од 10:30 до 17:30 во Лабораториум, Скопје, здружението Yes for Less го организира „Yes for Less Викенд“ – дводневен настан што ги обединува одржливото живеење, локалните еко-бизниси, граѓанскиот активизам, и пред сѐ – луѓето желни за промени.

По три успешни изданија на Саемот на еко-бизниси нa Yes for Less, оваа година настанот за првпат прераснува во нешто поголемо. Освен саемот со преку 20 локални еко-бизниси, посетителите ги очекува програма со седум тематски дискусии, детска работилница, краткометражниот документарен филм “Спас за Рашче”, уметнички перформанси и изложбена програма.

Идејата зад „Yes for Less Викенд“ е едноставна: позитивната промена не е резервирана само за луѓето кои професионално работат во областа на животната средина. Таа може да започне преку производот што некој го создава, бизнисот што го развива, уметноста со која комуницира, граѓанската иницијатива што ја поддржува или преку секојдневните избори што ги прави.

Токму затоа програмата отвора теми кои екологијата ја поврзуваат со нашиот секојдневен живот. На панел дискусиите ќе се зборува за влијанието на пластиката и невидливите хемикалии врз здравјето, развивањето еколошка свест кај децата, апатијата и граѓанскиот активизам, системски решенија за отпадот и лични бизнис приказни од дел од изложувачите.

Во центарот на викендот сепак остануваат локалните еко-бизниси. Посетителите ќе можат директно да се запознаат со производи и услуги од различни категории – од рачно изработени и природни производи, храна и козметика, до производи создадени од рециклирани материјали и практични алтернативи за поодржливо секојдневие.

Со нивната промоција, Yes for Less истовремено ја поддржува локалната економија и луѓето кои градат бизниси во кои успехот не се мери само преку профитот, туку и преку односот кон заедницата и природата.

Идејата на настанот, како и на самото здружение, е да покаже дека секој може да придонесе кон позитивна промена, без разлика дали тоа го прави преку својата професија, уметнички подвизи, активизам или преку секојдневните избори на она што го купува и користи.

Преку платформата yesforless.mk, здружението повеќе од 5 години ги поврзува граѓаните со еколошки бизниси, практични совети, локации за селектирање отпад, настани, работилници и едукативни содржини – со цел одржливото живеење да биде поедноставно, подостапно и применливо во секојдневието.

Реализацијата на овогодинешниот „Yes for Less Викенд“ е поддржана од Воден, Wolt, Еко-свест и Greenland Group, како партнери и поддржувачи на иницијативи насочени кон поодржливо општество и зајакнување на локалната заедница.

Влезот е бесплатен и отворен за сите посетители, а целосната агенда може да ја најдете на Инстаграм и Facebook профилите на Yes for Less.


Фотографии: Стефан Самандов

Повеќе од истиот автор

Најчитано