МОЗАИК | Како Турција дозволи дивоградба од 100 милијарди долари, која самата мораше да ја урне

пишува: Суад Мисини | Авторот е извршен директор на Истражувачкиот центар за граѓанско општество и антикорупциски истражувач

Кога над 455 илјади инвеститори ќе ги загубат своите влогови во инвестициски фондови, разбирате дека нешто масивно се случило и дека нешто брутално треба да се преземе за да се изгаси пожарот на кој сведочиме последниве 2 месеци, кој беснее на Истанбулската берза (БИСТ) и кој проголта 20 милијарди долари на инвеститори кои помислија дека нашле спас од инфлаторниот кошмар кој со години ги разјадува нивните плати и заштеди. Но, проголта и 25 % од вредноста на берзата во однос на нејзиниот пролетен пик. Во само два дена, пазарната капитализација на Берзата загуби 30 милијарди долари, додека на крајот на октомври тој пад изнесува шокантни 100 милијарди долари.

Граѓаните видоа излез од повеќегодишното инфлациско исцрпување на својата актива во ТАТовските ветувања за профит изразен во илјадници проценти, кои последниве години им ги нудеа неколку инвестициски фондови. Но, нивните пари испарија во вителот на пукнатиот инвестициски балон, додека десетици директори на друштва за управување со фондови и видни портфолио-менаџери завршија во притвор, со целокупната актива и имот замрзнати од страна на истражните органи.

Целата кула од карти се урна откако кон средината на септември видна функционерка на владејачката партија и поранешна министерка беше обвинета од опозицијата за неосновано богатење преку инсајдерско тргување на берза. Имено, госпоѓа Фатма Бетул Каја непосредно пред пукањето на инвестицискиот балон го повлече своето портфолио со добивка од околу 4.000 %, односно наплатувајќи 45 милиони долари за инвестиција од 3,3 милиони долари, што предизвика реакција на властите, а регулаторот за берзанско работење – Комисијата за хартии од вредност – спроведе чекор со кој директно ја детонира контролираната експлозија на пазарот на капитал.

Но овој инвестициски балон е дуван многу месеци наназад од страна на 7 друштва за управување со фондови кои ги користеа регулаторните дупки и фрустрацијата на граѓаните од инфлацијата. Регулаторот немо ја набљудувал оваа раскошна сапуница, а нејзиното пукање, непосредно по наплатата на влогот од страна на доскорешната функционерка, само ги осветли фактите за кои уште одамна беа свесни и властите и меѓународната инвеститорска заедница.

Сега две државни банки – Зираат банка и Ишбанка – ја продаваат преостанатата запленета актива на 7-те ликвидирани друштва и нивните дури 131 фонд, со цел да започне процес на обештетување на малите инвеститори, оние со влог до 20.400 долари. Сеуште не се знае дали со продадената актива ќе се обештетат сите мали инвеститори. За големите инвеститори, ситуацијата е јасна: инвестицијата е најверојатно загубена, додека 56 директори, менаџери и сопственици се притворени и чекаат судење.

Како точно дојде до оваа катаклизма?

Ослонувајќи се на во светот видената практика за агресивно купување неликвидни акции на компании кои се котираат на БИСТ, менаџерите сметаа на согледаните регулаторни дупки. Кружно тргувале со тие акции како поврзани правни лица, значително кревајќи ја вредноста на акциите. Така, едно од друштвата за управување со фондови пријавило тригодишен кумулативен раст на активата од 15.000 %..!

Со таквата слика на успешни „менаџери на фондови во време на инфлација“, тие успеале да привлечат не само големи инвеститори и успешни луѓе од естрадата, лекари, политичари и други престижни профили, туку и обични луѓе, пензионери, студенти и граѓани кои не само што ги инвестирале своите депозити, туку и се задолжувале во банки за да инвестираат во тие фондови.

Во еден момент целата конструкција добива форма на Понци шема и таквата пирамида почнала да се одржува преку исплаќање нереално високи приноси со средства од нови инвеститори. Вредноста на овие друштва, како Тера портфолио и Пусула портфолио, растела експоненцијално, а Терих Фонд, на пример, успеал да ја покачи својата вредност за апсурдни 60.000 %. Портфолио менаџерите продолжиле со оваа пракса, сметајќи дека учеството на политички фигури во целиот систем ќе им овозможи политички штит и во случај на ликвидносни проблеми, државата би се вмешала, сметајќи дека целата конструкција е премногу голема за да биде оставена да пропадне.

На 28 август, Регулаторот носи уредба за ограничување на концентрацијата на акции во слабо ликвидни фирми само до 2-6 % акции, која стапува на сила наредниот ден! Неколку дена претходно, поранешната министерка го засолнува своето портфолио во посебен фонд и до првата половина на септември ги повлекува своите 45 милиони долари.

Така, во првата половина на септември фондовите почнуваат масовно да ги продаваат акциите, заради паника на инвеститорите кои бараа исплата на своите удели. Фондовите не располагаат со готовина за исплата и експлозијата кулминира на 16 и 17 септември, по што државата стапува на сцена, ги ликвидира фондовите, го запленува имотот на друштвата и ги притвора нивните клучни луѓе.

Со тоа Регулаторот директно го предизвикува колапсот и уривањето на целата конструкција. Но, оваа мерка има цела предисторија и одлуката за ваквиот чекор била сосема свесна и пресметана.

Уште на 4 ноември 2025 година, министерот за финансии Мехмет Шимшек, на јавен настап ќе изјави: „знаеме дека преку одредени фондови се вршат пазарни манипулации“. А странските инвеститори, минуциозно следејќи го секој збор на финансиските власти, очекуваат итна и остра реакција, но безуспешно. Странските инвеститори заклучуваат дека Регулаторот не функционира независно и дека можеби е под влијание на политички интереси.

Според проценките што ги прават и сознанијата до кои доаѓаат, базирани најнапред на математичкиот апсурд за приноси од 15.000 %, што за нив ниту е легитимно ниту возможно, како и преку расчленување на портфолијата на фондовите, заклучуваат дека растот доаѓа од циркуларното тргување со неликвидни акции и утврдуваат огромен пораст на активата без влез на странски капитал: од август 2025 до август 2026, активата на турската портфолио индустрија се зголемила од 246 на 329 милијарди долари, додека друштвата Тера и Пусула го зголемуваат нивниот капитал за 10 односно 13 пати, за само една година.
Во отсуство на странски свеж капитал како објаснување за толкавиот раст, заклучуваат: пазарот се „пумпа“ одвнатре, со што се создава затворен балон кој зависи исклучиво од домашната ликвидност.

Во јуни годинава доаѓа големиот шок, за кој пошироката инвеститорска јавност не е свесна: најголемиот светски провајдер на берзански индекси МСЦИ, што големите светски фондови го користат како мапа за инвестирање, официјално ја предупредува Владата дека доколку не се реши проблемот со координираното поврзано тргување на БИСТ, МСЦИ ќе го укине статусот на Турција како „пазар во развој“ со извршен датум на 26 ноември годинава!

Ова е знак за евакуација на странските инвеститори кои тивко ги повлекуваат своите инвестиции, бидејќи по правило не смеат да инвестираат во земји кои го загубиле тој статус.

Така, радикалната мерка на Регулаторот за диверзификација од 28ми август е свесно активирање на детонаторот за пукање на балонот. Потезот не е грешка, туку изнудена и промислена реакција на можната одлука на МСЦИ, избирајќи меѓу лошо и катастрофално сценарио. Низ призмата на властите, се отцртуваат 4 клучни причини зошто мерката мораше да биде моментална и брутална:

  • ултиматумот на МСЦИ со кој Турција беше предупредена дека берзанскиот статус ќе ѝ биде одземен во ноември, што ќе предизвика моментална и масовна евакуација на сите странски инвеститори од земјата, а со тоа и колапс на турскиот банкарски и државен долг. Регулаторот мораше итно да реагира за да ја демонстрира подготвеноста на земјата за расчистување на финансискиот систем од штетни практики;
  • тоа понатаму ќе доведе до експоненцијално зголемување на долгот што директно ќе го загрози банкарскиот систем. Фондовите уште порано земаа огромни позајмици од комерцијалните банки, со заложување преценети неликвидни акции. По 3 месеци, пукањето на балонот ќе ги уништеше не само 7-те фондовски друштва туку и банките! Затоа свесно реши да ги жртвува инвестициските фондови и да ја урне берзата до ниво од 10-20 %, за да го спаси банкарскиот систем.
  • Регулаторот не остави преоден период за примена на мерката за да ги спречи инсајдерите да ги повлечат своите влогови по највисоки цени, на штета на малите инвеститори.
  • И политичкиот тајминг играше улога: тоа беше последен момент кога претседателот можеше да го превенира социјалниот гнев и да развие механизам за обештетување на малите инвеститори. Балонот стана мегапопуларна психоза во која се приклучија граѓани од сите слоеви и не смееше да се дозволи евентуалниот гнев да опстои до претстојните парламентарни и претседателски избори. Затоа време веќе немаше; целта беше јасна, жртвата пресметана: да се отсече гангренозното ткиво од финансискиот систем за да се сочува макроекономската стабилност на земјата.

Но во финансискиот свет одлуките на регулаторите ретко настануваат во вакуум. Регулаторот сфати дека внатрешен, можеби клучен механизам е надвор од контрола: техничкиот банкрот на фондовите се случи заради неможноста да ги исплатат клиентите, но и заради неможноста да ја исплатат на банките разликата меѓу заложената и веќе паднатата цена на акциите.

Во меѓувреме, притворените се обидуваат да ја употребат техниката на поранешната министерка за да се бранат од слобода: таа ги уплати сите 45 милиони долари на посебна државна сметка, преку механизмот наречен „ефективно каење“; така се спаси од притвор и заплена на имот. Во исто време е отстранета од сите функции во партијата. Но на останатите не им е дозволено заради ризикот од бегство и влијание врз сведоци, иако повеќе обвинети по истиот основ уплатија 315 милиони долари, од кои само сопствениците на Астор Енерџи уплатиле 152 милиони долари, по што им се деблокира имотот. Во меѓувреме истрагата е проширена на 217 лица, а властите продолжуваат со заплена на новопронајдена актива, во земјата и во странство, а и самиот претседател на Комисијата за хартии од вредност беше сменет.

Министерот Шимшек деновиве во Лондон се обидува да ги увери меѓународните инвеститори дека државата презела сериозни мерки за прочистување на финансискиот систем, но со половичен успех. МСЦИ ја одложи за 6 месеци одлуката за одземање на индексниот статус на земјата. Во меѓувреме, започна постепеното обештетување на малите инвеститори од Фондот за осигурување депозити.
Турција е пред голем предизвик, а меѓународните финансиски експерти не се оптимисти дека земјата во скоро време ќе ја санира состојбата.


пишува: Суад Мисини | Авторот е извршен директор на Истражувачкиот центар за граѓанско општество и антикорупциски истражувач
Економија и бизнис, 01 ноември 2026г
(фото: илустративна AI-генерирана слика)

Повеќе од истиот автор

Најчитано