Љубљана, Словенија не се многу далеку географски од нас. Имаме многу заеднички работи, сме живееле во иста држава, јазично делумно се разбираме, а денес илјадници македонци студираат во Словенија, и се добро примени. Имаме сличности, но и по многу нешта сме различни. Додека ние мака мачиме со собирањето на отпадот, со чистотата на градот, а за туризам повеќе декларативно збориме отколку што нешто реално правиме, Словенија и Љубљана со туризмот добиваат признаение на европско ниво.
Имено пред некој ден Европската комисија ја прогласи Љубљана за европска престолнина на туризмот за 2027 година. Наградата ја понесе во конкуренција од 83 дестинации од 24 земји. Но, она што најмногу ме интересира не е самата титула, туку причината поради која ја доби.
Словенечката престолнина туризмот го развива систематски и долгорочно, а истиот е веќе дигитализиран. Преку дигиталната платформа „Ljubljana FLOWS“ на едно место се собира евиденција за бројот на гости, ноќевањата, пополнетоста на сместувачките капацитети, настаните и краткорочното изнајмување, а од 2026 година се користат и модели што предвидуваат кога и каде ќе се зголеми притисокот од туризмот. Резултат на тоа е град што однапред знае што му следува и може да реагира навреме.
Истовремено, Љубљана се бори со сезонската зависност на ефикасен начин. Фестивалот LUV Fest кој с еорганизира во “тивките” месеци февруари и март собира 130 партнери и над 230 настани на 70 локации, а ноќевањата во тие два месеца пораснаа за 59 отсто, споредбено со минатото. Се организираат шест „културни квартови“ кои ги носат посетителите надвор од историското централно јадро на Љубљана и ги распределуваат во периферијата на градот, наместо да се преполнува центарот.
Град кој го развива туризмот, но и се грижи за оние што живеат во него
Жирито во Брисел особено ја истакна улогата на туризмот во однос на „посветеноста кон граѓаните“. Љубљана беше прв европски град со титула „Zero Waste“ (2015), центарот е пешачка зона со многу зеленило, на 56 автобуски постојки има автохтони растенија што ја намалуваат топлината, а градот е дом на околу 4.500 пчелни семејства. Граѓаните, училиштата и волонтерите учествуваат континуирано во акциите за чистење на реката Љубљаница, а на јавните настани се користат чаши за повеќекратна употреба.
Пристапноста е посебна приказна. Со стратешки план за пристапност, секој архитект, инвеститор и служба за одржување мора да ги почитува стандардите. Независна комисија составена од лица со попреченост ги оценува туристичките доживувања според дванаесет категории, по принципот „ништо за нас без нас“. Така туризмот станува подобар и за гостите, и за самите жители.
Ова е применливо и кај нас!
Развојот на туризмот во земјава треба да базира на податоци и АИ. Врз основа на податоци да се носат одлуки. Скопје може да почне со градење едноставен заеднички систем што ги собира податоците за гости, ноќевања и настани, па дури потоа да планира кампањи и инвестиции. Културните и фестивалските програми во зимските месеци можат да ги пополнат хотелите и угостителските објекти во мртви делови од сезоната. Љубљана не стигна до оваа награда преку една кампања. Тоа е резултат на повеќегодишна доследност, од „Zero Waste“ во 2015 година до дигитални алатки денес.
Ако навистина сакаме туризмот да им користи на оние што живеат тука, градот мора да го градиме најпрво за себе, а потоа за гостите. Ако сакаме Скопје да биде попримамливо за туристите, треба да биде поубаво и за неговите граѓани. Да има повеќе зеленило, наместо бетонски блокови, зеленилото да се одржува, а не градочалниците да се сликаат кога нешто се сади, а по едно година истото да биде запуштено. Туристите сакаат и чисто Скопје, нечистотијата е нешто што најмногу им пречи.











