Влатко Сулев: Македонија и балканот како прва европска дестинација за бразилските туристи!

Бразил е земја што за многумина од нас е далечна дестинација, за која не асоцира карневалот во Рио де Жанеиро, самба, страста за фудбалот, бескрајните плажи, дестинација која за многумина е сон. И ако денес направиме анкета во Македонија и прашаме кој би сакал барем еднаш во животот да отпатува таму, веројатно ретко кој би одговорил со „не“.  

Но, вистинското прашање не е само колку ние сакаме да го посетиме Бразил, туку што ако за туристите од оваа голема 100 милионска држава, Македонија и Балканот се првата почетна дестинација од нивната посета на Европа? А Европа за нив е подеднакво примамлива и интересна, како што се Бразил,  Аргентина, Уругвај, Чиле..за европјаните. А јужноамериканците патуваат во Европа, посебно во Шпанија, но и во другу земји, и најмногу во оние кои туристички им овозможиле атрактивни понуди.

Токму во тоа се крие една од најинтересните туристички идеи што може долгорочно да го промени туризмот во земјава и на балканот. Македонија, мала по територија, но голема по приказни, може да стане првата европска точка за туристи од Бразил. И тоа не како случајна станица на патот кон поголемите европски метрополи, туку како внимателно избрана дестинација што има што да покаже, што да раскаже и што да понуди. Прв услов е директна линија од Балканска земја, до јужноамериканските поголеми гардови, за почеток, до еден или два. Потоа тука кога ќе дојдат да ги пречека турустички лиценциран водич кој знае шпански и англиски јазик, и да имаат една прецизна и договорена балканска рута Скопје-Охрид-Драч-Будва-Дубровник, а по пат да видат уште нешто.

Во време кога светскиот туризам сè повеќе се врти кон автентични искуства, кон помали дестинации, локална култура и патувања што не се сведуваат само на фотографии пред познати знаменитости, Македонија има сериозна шанса. Охрид да се претстави не само како езеро, туку цивилизациска меморија, додека Скопската чаршија не само како историски дел со дуќани, туку како жив доказ дека Истокот и Западот тука со векови разговарале на ист јазик. Да понудиме различни приказни од една земја што сè уште не е доволно раскажана пред светот.

За бразилскиот патник, Балканот може да биде нешто ново, свежо и неочекувано. Посета на Европа која што не почнува со Париз, Рим или Барселона, туку со земја каде што гостопримството не е маркетинг фраза, туку начин на живот. Земја во која трпезата е дел од културата, музиката дел од секојдневието, а историјата не постои само во музеи, туку се доживува на плоштадите, во манастирите, во старите чаршии и во разговорите со луѓето.

Мисијата што ја најавува Балкан Прајм Турс е токму таква: да ја постави Македонија не како периферија на европските маршрути, туку како нивен почеток. Тоа е амбициозна, но и логична идеја.

Но, за да се случи тоа, потребно е повеќе од добра намера. Потребна е визија, организација, партнерства, квалитетна услуга и јасна приказна. Туризмот денес не продава само ноќевања и трансфери. Туризмот продава чувство: каде сум бил, што сум видел, кого сум запознал и зошто токму тоа патување ќе го паметам. Ако Македонија сака да биде првата европска адреса за бразилските гости, тогаш мора да им понуди патување што ќе започне како љубопитност, а ќе заврши како препорака.

Во тоа гледам голема можност не само за една туристичка компанија, туку и за целата земја. Затоа што секој турист што ќе пристигне од Бразил не носи само куфер, туку и љубопитност да доживее една интересна приказна што утре ќе ја раскаже дома. А ако таа приказна започне со Македонија, тогаш сме направиле многу повеќе од туристички аранжман. Сме создале мост меѓу два далечни света.

Најчитано