На туристички саем не се оди само за да се покаже што имаме, туку и за да се разбере што бара светот. Токму така го гледам учеството на Балкан Прајм Турс на ITB Asia во Сингапур: како можност за нови деловни контакти, но и како проверка дали понудата што ја создаваме ќе биде релевантна и интересна за туристите од Азија. За Македонија, можноста да се привлечат туристи од Азија, е сериозен предизвик, но и шанса нешто ново да научиме.
Годинешното, 19. издание на ITB Asia се одржа од 21 до 23 октомври 2026 година во Sands Expo & Convention Centre во Сингапур, паралелно со MICE Show Asia и Travel Tech Asia. Темата „Experiences in Motion: Human-Centred Design in Travel & Tourism“ го постави човекот и неговото доживување во средиштето на разговорот за иднината на патувањата. Токму во таа рамка ја гледам и суштинската порака за нашата индустрија: технологијата е важна, но нејзината вредност се мери со тоа колку патувањето го прави подобро за туристот.
Централно место на саемот имаше Experience Pavilion by Tripadvisor, посветен на автентичните туристички доживувања, и трендовите во туризмот. Саемската програма, пак, ги стави во фокус вештачката интелигенција, податоците, промените во однесувањето на патниците, одржливоста и иднината на туризмот поврзан со организираните деловни настани. За мене, ова се поврзани насоки, а не одделни трендови: и на сите нив треба да обрнеме внимание кога креираме релевантна понуда за секој гостин посебно, како да дојдеме до полесна организација на патувањето и поголемо внимание кон местото што се посетува.
Особено значајно е што ITB Asia годинава го издвои креирањето на специфични гастрономски, велнес и авантуристички понуди според интересите на патникот, а не толку поврзани со местото на престој. За мене, тоа е повик и ние поинаку да ги креираме нашите туристички понуди: односно локалната храна, виното, приказните на производителите, организираните активни тури, да ги прилагодиме на очекувањата на туристите. Не е поентата да наброиме што сè имаме, туку да создадеме заокружено доживување поради кое некој ќе ја избере токму Македонија. Автентичноста ја имаме, но задачата е да ја претвориме во квалитетен туристички производ што може лесно да се пронајде, резервира и доживее.
Македонскиот штанд беше поставен веднаш спроти главната сцена, а голем дел од панел-дискусиите беа посветени на вештачката интелигенција, технологијата и оптимизацијата на процесите во туризмот. Слушајќи ги дискусиите, уште еднаш се уверив дека во Балкан Прајм Турс со TourCraft, нашиот ERP-систем со вештачка интелигенција, се движиме во вистинската насока. За мене дигитализацијата има смисла само кога ја олеснува работата и остава повеќе простор за квалитетна услуга и подобро внимание кон гостинот.
Ние во Балкан Прајм Турс подолго време се залагаме за дигитализација на туризмот во земјава, а платформата TourCraft е дел од таа определба. Сепак, сметам дека технологијата не може да ја замени добрата туристичка содржина, туку само да помогне да ја претвориме во осмислени, квалитетни и препознатливи искуства.
Од Сингапур ја носам потврдата дека Македонија има што да му понуди на светот, но и дека потенцијалот сам по себе не е доволен. Насоките што ги отвори ITB Asia — доживувања во чиј центар е гостинот, паметна употреба на технологијата, одржливост и подобро разбирање на различните пазари — треба да станат прашања за нашата секојдневна работа. Не е доволно да прашуваме како да привлечеме повеќе туристи, туку и зошто би нè избрале, што ќе понесат од престојот и дали ќе посакаат да се вратат. Тука почнува следното поглавје на македонскиот туризам.
Средбите со потенцијалните партнери и размената на идеи повторно ме потсетија дека Азија не е еден единствен пазар. Различните навики и очекувања бараат различен пристап, а не една иста понуда преведена на друг јазик. Ако сакаме да ја претвориме почетната заинтересираност во долгорочна соработка, треба да разбереме кому му се обраќаме, како се планира патувањето и каква вредност се очекува од него.
Затоа македонското присуство на ITB Asia го сметам за значаен чекор за освојување на нетрадиционалните пазари. Сакам да им честитам на членовите на тимот задолжен за туристичка промоција во Министерството за култура и туризам и да им се заблагодарам за визијата, иницијативата и храброста да го направат тој исчекор. Таквиот пристап заслужува поддршка, но и континуитет. Едно учество отвора врата; доследната работа создава доверба.
Пишува: Влатко Сулев, генерален менаџер на Балкан Прајм Турс











