Влатко Сулев: Македонија има туристички ресурси, но сè уште нема доволно туристички производи

Туризмот мора да создава вредност за локалната економија. Не е важно само колку туристи доаѓаат, туку што доживуваат, колку ќе останат и колку трошат. Стратегијата за туризам е почеток, но вистинскиот тест е во нејзината реализација.
Халанд направи повеќе за туризмот на Норвешка отколку десет министри

Во туризмот одамна научив една важна лекција: убавината на една локација сама по себе не ја претвора во туристички производ. Независно дали станува збор за една планина, езеро, манастир, традиционално село, локална храна, вино или гостопримството, тие не се туристички производ, доколку посетителот не може лесно да ги открие, запознае, да ги резервира и доживее и, можеби најважно, доколку тие не носат вредност за локалната економија.

Токму затоа, наодите врз кои се гради Националната стратегија за туризам 2027–2032 не ги читам само како статистички податоци, туку и како прецизна дијагноза на проблемот што со години го препознаваме во македонскиот туризам: нам не ни недостигаат ресурси, туку способност да ги претвориме во организирана, пазарно достапна, локално туристичка понуда.

Зголемениот број на туристи не значи автоматски и подобар туризам! На прв поглед, бројките нè охрабруваат. Во 2025 година бројот на туристи е за 12,8 проценти поголем во споредба со 2019 година. Но, ноќевањата во истиот период се зголемени за само 1,9 проценти. Просечниот престој на странските туристи е намален на 1,78 дена во 2025, наспроти 2,08 дена во 2019 година.Тоа е можеби најважната порака од целата анализа: не треба повеќе да се задоволуваме само со броење пристигнувања.

Вистинското прашање не е само колку туристи пристигнуваат, туку колку долго остануваат, колку трошат и што купуваат. Подеднакво е важно колку локални бизниси се вклучени во нивното патување и дали целокупното искуство им дава причина повторно да се вратат.

Дополнително наодите покажуваат дека, 77,8 проценти од туристите се концентрирани во Скопскиот и Југозападниот Регион. Значи, формално зборуваме за национален туризам, а економскиот ефект сè уште е концентриран во релативно мал број точки во земјава.

Токму тука ја гледам огромната можност за руралниот, гастрономскиот, активниот и автентичниот туризам. Не како декоративен додаток на „главната“ туристичка понуда, туку како еден од механизмите преку кои посетителот ќе остане уште еден ден и ќе потроши уште едно евро во локалната економија, и тоа по можност и во останатите региони од земјава.

Од 74 локалитети – само четири имаат развиен туристички производ на лице место. За мене, ова е можеби најсилната бројка во целата анализа.

Од 74 анализирани туристички локалитети, 54 се видливи на платформите, 42 имаат некаков комерцијален производ, 35 имаат производ што може да се резервира, но само четири локалитети имаат организиран туристички производ што тргнува од самиот локалитет, или најдиректно да кажеме само 4 наши дестинации се имаат организирано. На сите други локации ако туристот пристигне на пример во едно село, национален парк, вински регион или културен локалитет, може да се случи таму да нема водич, организирана тура, работилница, или можност да вкуси локален производ или да доживее искуство што може веднаш да го освои. На тој начин потенцијалот и економската вредност на таа локација останува неискористена. Тука е суштината. Можеме да потрошиме милиони за промоција, да произведеме прекрасни видеа и да собереме илјадници следбеници на социјалните мрежи, но ако ги донесеме туристите на еден локалитет, и таму се оставени сами на себе, впечатокот многу лесно може да биде дури и негативен.

И тоа не води друг наод кој вели дека не е случајно, што дури 61,5 проценти од странските посетители и 56,8 проценти од домашните не купуваат ниту една тура или активност. А дури 84,7% забележуваат депонии, загадени или руинирани локации.

Затоа сметам дека во периодот кој следи нашата главна преокупација не треба да биде само „како да донесеме повеќе туристи“, туку што ќе им понудиме и продадеме кога ќе дојдат. Пораката е јасна: Туризмот не се развива од канцеларија, туку на самите дестинација!

Вториот голем предизвик е управувањето со туризмот во рамките на единиците за локална самоуправа. Само четири општини и Град Скопје имаат засебна единица за туризам, додека кај повеќе од половина од анкетираните јавни единици нема некаква форма на организација за управување со дестинацијата од туристички аспект. Дури 85,4 проценти немаат годишна буџетска ставка за промоција, само 22 проценти редовно користат податоци при донесувањето одлуки, а во последните три години 58,5 % од општините немаат спроведено туристичка анкета. Истовремено наодите за координацијата меѓу јавниот, приватниот и локалниот сектор се оценети како ниски, па дури и постои расчекор во перцепцијата. Администрацијата ја оценува меѓусекторската координација со 2,80 од максимални 5, бизнисот со 2,16, а локалната заедница со 2,14. Со други зборови, системот смета дека нештата во туризмот функционираат многу подобро отколку што тоа го чувствуваат оние што секојдневно работат во него.

Од моја професионална перспектива, токму ова е критичната точка. Туризмот не може да биде несинхронизиран, општината да работи едно, државата друго, бизнисот трето, а локалната заедница за плановите да дознава последна. Дестинацијата мора да се управува како целина.

Стратегијата за туризам ќе вреди онолку колку што ќе биде успешна нејзината реализација

Добро е што предложената рамка го поместува фокусот кон конкурентна понуда, квалитетни и одржливи дестинации, човечки ресурси и функционално управување. Особено е важно што локалната економска корист, регионалната диференцираност, како и зелената и дигиталната транзиција се поставени како хоризонтални принципи. Но, вистинскиот тест допрва доаѓа – изработка на Акцискиот план.

Кој ќе биде одговорен за него? Со колкав буџет? До кога? Како ќе го измериме резултатот? И што ќе се случи ако мерките не се реализираат?

На Македонија не ѝ е потребна уште една стратегија што добро изгледа во ПДФ-документ.

Ни треба туризам во кој Крушево, Мариово, Малешевијата, Пелагонија, Тиквешијата, Осоговијата или едно мало македонско село нема да бидат само убави точки на картата, туку места каде што луѓето ќе можат достоинствено да живеат од приходи од туризам, затоа што посетителот дошол, останал, купил локално искуство и си заминал со намера повторно да се врати.

Успехот нема да биде кога ќе имаме само повеќе туристи, туку кога туризмот ќе создава поголема вредност – во повеќе региони, за повеќе локални луѓе и во текот на целата година.

Најчитано