Промоцијата на Македонија e континуиран процес и не почнува и завршува со учество на саем

Ако сакаме повеќе туристи, повеќе ноќевања и поголем приход, туристичката промоција мора да се планира најмалку две години однапред — со јасна порака прилагодена на секој пазар.

Македонија не може да биде присутна на сите туристички саеми, ниту тоа ѝ е потребно. Но мора да знае каде сака да биде видлива, какви туристи сака да привлече и што очекува од секој настап, кампања или промоција.

Во туризмот постои една едноставна вистина: туристот што сакаме да го видиме во Македонија утре, мора да почнеме да го освојуваме денес. Еден од каналите за промоција се саемите, Но, промоцијата не почнува со отворање и завршување на саемот. Кога веќе си на саем, очекувањата се да се остварат повеќе конструктивни средби, и од нив да произлезат конкретни договори.

Реалните промотивни активности треба да почнат многу порано, со креирање на стратегија и национален календар за туристичка промоција прецизиран и договорен најмалку 18 до 24 месеци однапред, меѓу државата и приватниот сектор. Клучното прашање не е на кој саем ќе се појавиме, туку што сакаме да постигнеме. Односно изборот на саеми да биде според тоа од кои земји сакаме гости, во кој период и со колку ноќевања. Туристичката промоција не смее да биде збир на поединечни настапи, туку заеднички процес со јасна логика, приоритети и мерливи резултати. Суштината е туризмот да го зголеми својот удел во националниот БДП, а тоа значи да оставрува поголеми приходи. За тоа да се случи е многу поважно да имаме куповно моќни туристи, кои ќе престојуваат повеќе денови, и ќе потрошат повеќе пари, отколку да мериме само број на туристи.

Кога сме веќе кај промоцијата, природно е таа прво да биде насочена кон европските земји, но истовремено таа треба да биде таргетирана и прилагодена кон секоја земја посебно.  Бидејќи Германецот, Французинот, Полјакот или Скандинавецот не патуваат од исти причини, и имаат различни очекувања. Некој бара туристичка понуда во која доминира културата, други преферираат природни убавини, гастрономија, вино, активен одмор или некакво автентично локално искуство.

Токму затоа Македонија треба да се раскажува преку конкретни туристички приказни, а не само преку општи пораки. На пример, еден туристички ден може да почне со посета на семејна винарија, каде гостите ќе слушнат како се создава локалното вино и ќе го пробаат заедно со традиционални вкусови од регионот. Потоа патувањето може да продолжи во селско домаќинство, каде домаќините подготвуваат домашна храна, раскажуваат за местото и му овозможуваат на туристот да почувствува вистинска, човечка блискост со дестинацијата. Денот може да заврши покрај езеро, во чиста природа, далеку од гужва и комерцијален туризам — како искуство што не се сведува само на разгледување, туку на доживување. Таквата приказна продава повеќе од фотографија: продава чувство, автентичност и причина туристот да остане подолго.

Истовремено, треба да размислуваме и пошироко, да бидеме поамбициозни, а тоа значи да настојуваме да донесеме туристи и од подалечните пазари. Тоа ќе значи посета на туристи во текот на целата година, поголеми приходи, диверзификација и стабилност во работењето. Тоа се туристи од Јапонија, Кореја, Кина, САД или Латинска Америка, за кои Македонија треба да биде дел од балканската понуда, а притоа да се избориме Македонија да биде повеќе од кратка попатна станица. Нашата цел треба да биде јасна: не престој од неколку часа во Скопје или едно ноќевање во Охрид, туку три или четири дена престој во Македонија, што носи приход за хотели, ресторани, винарии, водичи, превозници и локални атракции.

Исто така не смееме да ги заборавиме ниту Бугарија, Романија и регионот. Тоа се пазари блиску до нас, со реален потенцијал за викенд-патувања, посета на фестивали и пократки одмори.

Промоцијата треба да почне од целта. Саемите, B2B работилници, press trip-ви, дигитални кампањи или соработки со авиокомпании се само канали и форми за промоција. Но најважна е содржината, што ќе комуницираме, и што со тоа сакаме да постигнеме, па потоа да дефинираме буџети, и временски план.

Македонија нема буџет да биде присутна на сите сами, на сите канали, и нон стоп. Треба да креира паметна комуникација, да биде присутна на вистинските пазари, со вистинската порака и доволно долго за да стане препознатлива. Туризмот не бара само поголем буџет. Бара мудар план, континуитет, соработка и дисциплина меѓу сите инволвирани страни што ја продаваат Македонија како дестинација.

Промоцијата за 2028 не смее да ја планираме во 2028 година. Тогаш веќе треба да работиме за 2029 и 2030.

Туристот што ќе пристигне утре е резултат на работата што сме ја започнале многу порано. Ако сакаме Македонија да биде посакувана дестинација, мора да почнеме да ја градиме таа желба пред туристот воопшто да одлучи каде ќе патува.

пишува: Влатко Сулев

Најчитано