Што ќе добие Скопје како Европска престолнина на културата 2028, и што можеме да научиме од Ливерпул, Лил или Пловдив

Изборот на Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година не треба да го гледаме само како календар исполнет со изложби, концерти и фестивали, туку како можност да се промени имиџот на градот, да се активираат запуштените простори и да се создадат туристички производи што ќе живеат долго време по завршувањето на 2028. Оваа тутула треба да донесе нови посетители,  луѓе кои доколку се задоволни можат во иднина да го препорачуваат Скопје,  и од тоа ефект да има целата економија.

За да знаеме како оваа можност најдобро да ја искористиме, добро е да ги знаеме искуствата од другите градови како како на пример Ливерпул, Лил, Матера и Пловдив, кои во минатото ја имале истата титула.

Искуствата на другите европски градови ни покажуваат дека титулата може да биде значајна развојна алатка за земјава: да донесе нови посетители, да го промени долгорочно изгледот на градот, да поттикне креативност кај голем број на млади луѓе да се вклучат во туризмот, но и да заживеат одредени дејности, кои вообичаено се запоставени.

Доколку ги анализираме активностите на останатите градови, првиот заклучок е дека сите започнале многу порано со подготвителни активности. Од самиот почеток вклучиле експерти кои се бават со дојдовен туризам, бидејќи тие најдиректно на дневна основа добиваат коментари од странските туристи кои ги носат. Потоа стратешки ги поврзале културата, туризмот, урбанизмот и локалната економија и однапред планирале што ќе остане по настанот. Токму затоа, за Скопје најважното прашање не е само што ќе се случува во 2028 година, туку каков град сакаме да имаме во 2029, 2030 и понатаму.

Ливерпул е еден од најпознатите примери. Како Европска престолнина на културата во 2008 година, градот ја употреби титулата за да се оддалечи од сликата на постиндустриски центар и да се позиционира како привлечна културна дестинација. Програмата достигна околу 9,8 милиони посети, а исто така порасна и посетеноста на седумте најголеми атракции во поширокиот регион на Ливерпул. Поважно од бројките е што културата стана дел од подолгорочната туристичка и урбана приказна на градот.

Интересен е примерот со Лил во 2004 година, кој покажа што значи титулата да не остане затворена во центарот на еден град. Во културната програма на Лил беа вклучени 193 блиски општини од Франција и Белгија, беа организирани околу 2.500 настани, кои привлекоа близу девет милиони посети, а туристичката посетеност на целиот регион порасна за околу 30 проценти. Од процесот произлегоа и нови културни простори, а енергијата продолжи преку програмата „Lille3000“. Лекцијата од Лил е јасна: успехот се мултиплицира кога титулата се поврзува со поширокиот регион и кога има продолжение по свеченото затворање.

Матера, Италија, Европска престолнина на културата во 2019 година, е поинаков, но еднакво важен пример. Град што долго бил на европската периферија ја претворил својата исклучителна архитектура, локалните приказни и силното учество на заедницата во меѓународно препознатлив бренд. Подготовките траеја со години и поттикнаа туристички текови, инфраструктурни вложувања и развој на културните и креативните дејности. Матера покажа дека автентичноста не треба да се измислува – туку треба само добро да се раскаже, организира и понуди како автентично доживување.

Пловдив, пак кој ја делеше титулата со Матера, е можеби најблискиот и најспоредлив пример за Скопје. Во титуларната година градот реализирал околу 600 настани и соработувал со повеќе од 130 организации и уметници од Европа. На најмалку еден настан од програмата биле присутни 1.215.696 полнолетни граѓани на Бугарија, а уделот на домашни посетители кои дошле во Пловдив специјално за културните настани се зголемил за 38,6 проценти во 2019 година. Според податоците наведени во завршниот мониторинг, бројот на странски туристи во поголемите сместувачки капацитети пораснал за 27 проценти, ноќевањата за речиси 18 проценти, а приходите од нив достигнале 29 милиони бугарски лева. Просечната потрошувачка на еден посетител изнесувала 175 лева, додека приходот од домашните културни посетители во текот на две години бил проценет на околу 400 милиони лева, без превоз и влезници. Истовремено, бројот на регистрирани претпријатија во секторот „култура, спорт и забава“ се зголемил за 25 проценти, а бројот на вработени за 16 проценти. Овие резултати покажуваат дека добро осмислената културна програма може да ја поттикне не само посетеноста, туку и пошироката локална економија – лекција што е директно применлива и за Скопје.

Што значи ова за Скопје? Пред сè, градот треба да се претстави како повеќе од сцена за настани. Старата скопска чаршија, модернистичкото наследство, Матка, Водно, гастрономијата, занаетите и приказните за обновата по земјотресот можат да се поврзат во препознатливи тематски рути, спроведени од искусни туристички работници. Културната програма треба да се надополни со добро организиран јавен превоз, уредени пешачки зони, повеќејазични водичи, јасна сигнализација, безбедни јавни простори и туристички пакети што обединуваат превоз, сместување, настани и локални искуства.

Ако ги примениме овие лекции, Скопје може да добие неколку трајни придобивки: поголем број странски гости и повеќе ноќевања, подобра меѓународна препознатливост, обновени културни и јавни простори, нови можности за малите бизниси и креативните индустрии, посилни врски со авиокомпании, тур-оператори, медиуми и европски културни мрежи. Подеднакво важна придобивка е самодовербата на граѓаните и чувството дека културата не е трошок, туку инвестиција во квалитетот на животот.

За тоа е потребна заедничка работа уште денес. Културните институции, Град Скопје, државните органи, туристичкиот сектор, угостителите, водичите, организаторите на настани и локалните заедници треба да планираат како еден тим. Промоцијата мора навреме да стигне до саемите во Берлин, Лондон и Мадрид, до странските медиуми, дијаспората и продажните канали на тур-операторите. Само така посетителот ќе добие причина не само да дојде на еден настан, туку да остане подолго, да потроши повеќе и повторно да се врати.

Европските примери покажуваат дека титулата е највредна кога служи како катализатор за промени што градот и онака им ги должи на своите жители: подобар јавен простор, подостапна култура, посилна локална економија и појасен идентитет. Таа не е гаранција за успех, туку нешто што нè обврзува подобро да се организираме и можност европското внимание да го претвориме во трајна вредност.

Скопје одамна немало ваква можност да се погледне себеси со поамбициозни очи. Ако од Ливерпул ја преземеме долгорочната промена на имиџот, од Лил регионалното вмрежување и трајната програма, од Матера почитта кон локалната автентичност, а од Пловдив силното учество на заедницата и претворањето на балканското наследство во современа културна понуда, 2028 година може да биде многу повеќе од успешна културна сезона.

-пишува: Влатко Сулев

Најчитано