Влатко Сулев од WTM 2026 Лондон:  Патниците штедат, но не се откажуваат од патувања. Кои се најновите трендови во туризмот?

Неодамна се вратив од Лондон, од World Travel Market 2026 – еден од најголемите и највлијателните туристички саеми во светот. На WTM секогаш одам со иста цел: да ја почувствувам насоката во која се движи глобалниот туризам пред таа да стигне до нас. Годинава, заедно со тимот на Балкан Прајм Турс, се вратив со едно силно чувство – дека туризмот не се менува постепено, туку брзо и суштински. Затоа сакам да споделам што видов и слушнав, и што мислам дека нè очекува во годините што доаѓаат.

Патниците штедат, но не се откажуваат

Саемот започна со претставувањето на Глобалниот извештај за патувања, изработен во партнерство со Tourism Economics. Дејв Гуџер, извршен директор на Tourism Economics, отворено зборуваше за намалената куповна моќ на потрошувачите. Но, поважната порака беше друга – патниците не се откажуваат од патувањата, туку ги прераспределуваат парите и штедат таму каде што можат. Тоа е лекција и за нас на Балканот: денешниот патник е внимателен, споредува и бара вистинска вредност за секое потрошено евро.

Луксузот добива ново значење

Според Шон Морган, раководител на истражувањата за патувања во Tourism Economics, дури 60% од анкетираните патници изразиле интерес за луксузни одмори – при што доживувањето е клучниот критериум. Додека луксузот на иднината ќе биде „access, not excess“ – пристап до ексклузивно доживување, а не изобилство. Во иднина ќе се издвојат три групи на патници за кои индустријата треба да се подготви: оние што бараат престиж и ексклузивност, оние што патуваат за личен раст и збогатување, и оние што патуваат за да ги зацврстат врските со семејството и пријателите.

Ова за нас е охрабрувачка вест. Балканот не мора да се натпреварува со раскошот на големите светски дестинации, но може да понуди пристап до нешто автентично и неповторливо – вечера во домаќинство во село, винарија каде што сопственикот лично ве пречекува, можност да се види како се креира охридскиот бисер итн. Тоа е луксуз што не се купува од туристички каталог.

Настаните, концертите како причина за патување

Туризмот базиран на доживувања беше една од главните теми на саемот, кој годинава има и посебен простор посветен токму на ова. Анџела Вал од Visit Philadelphia раскажа како концертите на Тејлор Свифт го промениле начинот на кој градот гледа на настаните – луѓето веќе не доаѓаат само на концерт, туку сакаат да го доживеат градот во сите три дена додека се таму. Слично беше и за време на Светското првенство во фудбал, кога бесплатните придружни настани во Филаделфија собраа најмногу посетители на целиот турнир, бидејќи, како што рече таа, „70% од луѓето што одат на Светското првенство немаат билет“.

Глобалниот извештај за туризам покажува дека 58% од меѓународните патници во последните две години патувале во странство специјално за да присуствуваат на некој настан. Фестивалот Охридско лето, Скопје град на културата 2028 и други настани се нашата шанса преку културните случувања да привлечеме многу повеќе туристи и подолго да ги задржиме во земјава.

Од речни крстарења до туризам достапен за сите

Потребата од доживувања ја менува и индустријата за крстарења. Луксузниот бренд за речни крстарења Century Cruises ги најави плановите за ширење во Европа и Северна Африка – со брод на линијата Рајна–Дунав воведен годинава, нов во 2027 година и крстарења по Нил од 2028 година. Нивниот рецепт се гастрономски доживувања, културни вечери на бродот и ексклузивни настани на копно, како приватни оперски рецитали во Виена.

Во Лондон, сепак посебно ме инспирираше Шпанија, која, иако е светски лидер во туризмот, вложува и во пристапен туризам. Шпанската туристичка канцеларија, во рамките на стратегијата Spain for All, претстави водич за хотели кој им помага јасно да комуницираат колку се тие пристапни за гостите со попреченост. Тоа е резултат на тригодишна работа со советодавно тело во кое учествуваат и луѓе со лично искуство на попреченост. Пристапноста веќе не е само општествена одговорност – таа е и пазарна предност.

Вештачката интелигенција е алатка, а не замена

Технологијата, очекувано, беше на секој чекор. Гери Вилсон, извршен директор на easyJet Holidays, истакна дека вештачката интелигенција може да ги автоматизира рутинските прашања на клиентите, за вработените да можат да се посветат на посложените барања.

За агенциите како нашата, пораката е јасна: патниците сè почесто го планираат патувањето со помош на вештачка интелигенција, па мораме да бидеме видливи таму каде што тие истражуваат и пребаруваат. Но, вистинската предност е во она што технологијата ни го ослободува – време за личен совет, за разговор, за патување скроено по мерка. На саемот се зборуваше и за тоа дека без сигурни и поврзани податоци нема ни успешна примена на вештачката интелигенција – уште една домашна задача за целиот регион.

Што нè очекува во иднина

Ако треба да ги сумирам очекувањата со кои се вратив од Лондон, тие се неколку. Патниците ќе бидат повнимателни со буџетот, но ќе плаќаат за искуства што имаат смисла. Луксузот ќе се мери со автентичност и пристап, а не со квадратура и раскош. Настаните – музички, спортски и културни – сè повеќе ќе бидат главна причина за патување. Пристапноста ќе стане стандард, а не исклучок. Вештачката интелигенција ќе биде првата точка во планирањето на патувањето, но довербата и понатаму ќе се гради преку човечки контакт.

За Македонија и Балканот ова е голема шанса. Имаме приказни, вкусови, пејзажи и гостопримливост што светот сè повеќе ги бара. Она што ни треба е да ги спакуваме во доживувања, да ги поврземе нашите настани со подолг престој, да вложиме во пристапноста и во дигиталната видливост. Од Лондон се вратив со уверување дека патникот на иднината не бара повеќе – бара поинаку. А токму тоа „поинаку“ е она што ние најдобро знаеме да го понудиме.

Колумна: Влатко Сулев, Балкан Прајм Турс

Најчитано