Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека САД оваа година имаат рекордни инвестиции и водечка улога во областа на „суперинтелигенцијата“, односно вештачката интелигенција (ВИ).
На самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Шенжен, кој е водечки технолошки и иновативен центар на Кина, познат и како кинеска Силиконска долина, Трамп рече дека „инвестициите во нова опрема оваа година во САД се зголемија за неверојатни 21 процент“, што, според него, „претставува рекорд“, пренесува Фокс њуз.
„Извозот достигна највисоко ниво во американската историја, а за помалку од две години обезбедивме ветувања од 22 трилиони долари нови инвестиции во САД, од кои голем дел, со задоволство можам да кажам, дојдоа од моите пријатели во оваа просторија“, рече Трамп на самитот, на кој присуствуваа голем број светски лидери.
„Значи, создадовме богатство за нашата земја во износ од 25 трилиони долари. Тоа е убедлив рекорд. И, можеби најважно, повеќе луѓе работат во Соединетите Држави денес од кога било досега. Ова се невидени достигнувања“, рече Трамп.
Трамп додаде дека САД се лидер во областа на „суперинтелигенцијата“ и се спротивставуваат на секој потег што би можел да ја попречи.
„Соединетите Држави се исто така горди што се светски лидер во областа на суперинтелигенцијата. Тоа е најголемата технолошка трансформација од индустриската револуција. Звучи неверојатно, но се чини дека е вистина. Американците ја измислија, ние ја создадовме таа суперинтелигенција и таа носи извонреден просперитет и раст на луѓето ширум светот. Затоа не сакаме да правиме ништо што би го уништило огромниот потенцијал на оваа технологија“, рече Трамп.
Тој предупреди дека вештачката интелигенција сè уште треба да се „набљудува“.
„Мора да бидеме внимателни. Мора да го негуваме. Речиси е целосно добро, но содржи и одредени лоши елементи. Затоа, мора да бидеме многу внимателни во управувањето со тие лоши страни. Се спротивставуваме на секаков облик на глобалистичка регулатива, како и на сите обиди за контрола или задушување на суперинтелигенцијата, нема да дозволиме такво нешто да се случи“, рече американскиот претседател, пренесува Еуроњуз.рс.
Фото Економија и бизнис








