Патувањата − моќна алатка во бизнисот
Моето прво патување во Кина, во далечната 2007ма година, со амбиција да го претставиме и извеземе македонското вино на овој огромен пазар, беше искуство кое длабоко ми ги промени бизнис перцепциите. Уште од првите денови сфатив дека во Кина не можеш едноставно да понудиш производ и да очекуваш успех. Таму мора прво да ја запознаеш културата, начинот на размислување, бизнис етиката и вредностите на луѓето со кои соработуваш. Градењето доверба и личните односи, познати преку концептот на „гуанси“, се основа за секоја сериозна и долгорочна деловна соработка.
Низ средбите со потенцијални партнери и увозници, како и посетите на големите вински саеми, имав можност одблиску да видам како функционира овој пазар и колку е силна меѓународната конкуренција. Брзо сфатив дека за земја со големина и ресурси како Македонија, самостојниот настап на една винарија носи сериозни предизвици. Не е доволно да имаш квалитетно вино. Потребни се континуирано присуство, препознатливост, маркетинг и сериозна логистичка поддршка.
Особено ми остави впечаток начинот на кој кинеските партнери пристапуваат кон деловните разговори. За нив не е важна само понудата, туку и приказната зад производот, неговото потекло и луѓето што стојат зад него. Тоа ми покажа колку е важно македонското вино да го претставиме како дел од нашата традиција и идентитет, а не само како уште еден производ на полиците.
Токму затоа сметам дека малите земји можат да постигнат вистински резултати на вакви пазари само преку организиран и координиран настап. Државната поддршка, националните штандови, заедничката промоција и институционалниот кредибилитет можат да отворат врати кои за поединечните производители остануваат тешко достапни.
Во македонскиот аграр генерално имаме квалитет, автентичност и сопствена приказна што вреди да се раскаже. Но, за таа приказна да стигне до потрошувачите во Кина и да стане препознатлива, потребни се заедничка визија, истрајност и долгорочна стратегија. Квалитетот е почетокот, но за успех на светскиот пазар е потребно сите да работиме во иста насока.
Економија и бизнис, 15 ноември 2026г.








