ГЛОБАЛНИТЕ ЦЕНИ НА НАФТАТА НА НАЈНИСКО НИВО ВО ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ, глобалната понуда на нафта ја надмина побарувачката за прв пат од почетокот на војната со Иран

Цените на нафтата денес паднаа на најниско ниво во последните три месеци, при што суровата нафта од Северното Море Брент падна на околу 89,50 долари за барел.

Во исто време, американската сурова нафта WTI падна на приближно 80,5 долари, под влијание на зголемената понуда од Либија и повисоките испораки од Блискиот Исток, објави „Трејдинг економикс“.

Падот на цените следеше по рестартирањето на либискиот нафтовод Шарара, додека Националната нафтена корпорација на Либија соопшти дека суровата нафта почнала да ги полни резервоарите за складирање во објектот Акакус во Завија.

Претходно беше предупредено дека прекинот на нафтоводот може да го намали производството за околу 350.000 барели дневно.

Според ноемврискиот извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), глобалната понуда на нафта ја надмина побарувачката за прв пат од почетокот на војната со Иран, а се очекува вишокот да биде забележан и во четвртиот квартал од оваа година.

Податоците за транспортот на нафта низ Ормуската Теснина дополнително влијаеја врз движењето на цените.

Просечниот проток на нафта низ теснецот изнесуваше околу 9,5 милиони барели дневно за 10-те дена што завршија на 19 ноември, во споредба со 12,2 милиони барели дневно во октомври, според податоците од аналитичката фирма „Кплер“.

И покрај континуираната воена активност на Блискиот Исток во текот на викендот, нападите не успеаја да го спречат падот на цените, пренесува Еуроњуз.рс.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано