Економската активност во Франција продолжи да слабее во ноември, а најновите податоци укажуваат на зголемен ризик втората најголема економија во Еврозоната да западне во техничка рецесија веќе во четвртиот квартал од оваа година, според извештајот објавен денес од глобалната агенција S&P.
Вредноста на Композитниот индекс на менаџери за набавки (PMI), кој ја мери активноста на приватниот сектор, падна во ноември од 46,6 поени во октомври на 46,2 поени, што е најниско ниво во последните шест месеци.
Вредноста на PMI под 50 поени укажува на намалување на економската активност, додека резултатот над оваа граница сигнализира раст.
Според S&P Global, ноемврискиот резултат ја зголемува веројатноста Франција да западне во техничка рецесија во четвртиот квартал од 2026 година.
Техничката рецесија подразбира пад на бруто домашниот производ во два последователни квартали.
Политичката и буџетската неизвесност, кои влијаат на одлуките на компаниите и потрошувачите, придонесуваат за слабеење на економијата.
Компаниите сè повеќе ги одложуваат проектите и инвестициите бидејќи немаат доволно јасна претстава за идната економска и политичка средина по претседателските избори во Франција што ќе се одржат напролет 2027 година.
Европската комисија очекува францускиот бруто домашен производ да порасне само за 0,4 проценти оваа година, во споредба со просечен раст од 1,2 проценти во Еврозоната и 1,4 проценти во целата Европска Унија.
За 2027 година се предвидува мало забрзување до 0,6 проценти, што сепак би бил најслабиот резултат меѓу членовите на Еврозоната, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис








