Позитивни и охрабрувачки се наодите за достигнувањата на македонските микро, мали и средни претпријатија (МСП) во најновото издание на ОЕЦД за Индексот на политики за МСП: Западен Балкан и Турција 2026 – Профил на Република Македонија1.
Ова издание на Индексот на политики за МСП за 2026 година доаѓа во клучен момент за Западен Балкан и Турција. Во текот на изминатата деценија, владите во регионот вложија континуирани напори за зајакнување на рамките на политиките за МСП и нивно усогласување со европските стандарди. Сепак, контекстот во кој се спроведуваат овие политики суштински се промени, обликуван од последователни глобални шокови, забрзани зелени и дигитални транзиции и растечка геополитичка неизвесност.
Покрај овие непосредни притисоци, во тек е подлабока промена. Неизвесноста стана структурна, додека системите што традиционално се користат за нејзино управување се под притисок. Во овој контекст, предизвикот повеќе не е првенствено да се дизајнираат подобри политики за МСП, туку да се обезбеди постојните рамки на политики да даваат резултати.
Во Извршното резиме на публикацијата се истакнува дека МСП остануваат од клучно значење за економскиот раст во Република Македонија, учествувајќи со приближно 73% во вработеноста и 67,5% во додадената вредност.
Во овој контекст, македонската економијата постигна напредок, од претходниот циклус на оценување, во неколку области клучни за развојот на МСП:
Има напредок во претприемачкото учење, кое ја зајакнува основата на вештини за развој на МСП. Република Македонија е меѓу ретките економии во регионот на Западен Балкан и Турција каде што клучните стратешки документи експлицитно го опфаќаат претприемачкото учење на сите нивоа на образование. Како поддршка на ова, формирано е ново Координативно тело за претприемачко образование, со цел да обезбеди доследно креирање и спроведување претприемачко учење низ целиот систем. Можностите за практично учење се проширени, иако нерамномерно, при што неодамнешните реформи на наставните програми го зголемија уделот на практичната обука што ја посетуваат учениците. Забележително е дека повеќе од 50% од учениците изјавуваат дека имаат намера да започнат бизнис во рок од пет години по дипломирањето, удел што го надминува светскиот просек.
Има значајни подобрувања и во банкарското кредитирање и во инструментите за јавно финансирање, кои го проширија пристапот на бизнисите до финансии. Македонските банки функционираат во стабилно кредитно опкружување, поддржано од сеопфатен и целосно дигитализиран систем за регистрација на имот, со катастарски податоци што ја покриваат целата територија. Инструментите за јавно финансирање исто така одиграа важна улога. Развојната банка на Северна Македонија во 2024 година управуваше со кредитни линии во вкупен износ од 62 милиони евра, финансирајќи 278 проекти — вклучително и четири линии со експлицитен фокус на МСП. Гарантниот фонд на Банката бележи особено силен раст, при што помеѓу 2022 и 2024 година одобрените гаранции се зголемија за 166%, а одобрените кредити за 313%.
Оперативното опкружување на МСП е зајакнато, поттикнато од континуираниот напредок во административната дигитализација. Република Македонија продолжи да ја унапредува својата инфраструктура за е-влада, при што Националниот портал за е-Услуги сега нуди повеќе од 200 онлајн услуги за граѓаните и бизнисите. Времето потребно за регистрација на бизнис се намали од 15 на 12 дена помеѓу 2023 и 2024 година, поддржано од целосно дигитализиран едношалтерски систем, кој е меѓу најдолговечните во регионот. Истиот портал сега се проширува и на лиценцирањето, при што едношалтерски пристап моментално е во фаза на развој. Гледајќи напред, МСП ќе имаат корист од Стратешкиот план 2025–2027 на Управата за јавни приходи, кој дава приоритет на поедноставни административни постапки, поголема дигитализација на даночните услуги и подобрена поддршка за малите даночни обврзници.
Сепак, и покрај овие достигнувања, остануваат неколку предизвици и празнини што ја ограничуваат способноста на МСП во Република Македонија да придонесуваат кон усогласувањето со Европската Унија:
Пристапот до поддршка за зелена транзиција на МСП останува ограничен, што ја ограничува способноста на бизнисите да преминат кон поодржливо работење. Само околу 25% од МСП во Република Македонија моментално нудат зелени производи или услуги, при што високите перципирани трошоци се идентификувани како главна пречка. Опсегот на достапни финансиски инструменти е ограничен: зелените грантови сè уште се планирани, но не се ставени во функција, а шеми за зелени кредитни гаранции воопшто не постојат, што претставува една од најслабо развиените понуди за поддршка во регионот на Западен Балкан и Турција. Дополнително, не се воведени мерки за зајакнување на финансиската писменост на МСП во областа на одржливото финансирање. Таму каде што постои поддршка, ограничената промоција ја намалува нејзината ефикасност: само 18% од МСП се запознаени со достапните владини програми за зелена транзиција.
Дигитализацијата на МСП заостанува зад политичките амбиции, при што трошоците и недостигот на вештини ја ограничуваат подлабоката примена на технологијата. Иако повеќето МСП опфатени со истражувањето на ОЕЦД користат најмалку една основна дигитална алатка, интеграцијата на технологијата во основните деловни процеси е ограничена: само околу 12% имаат усвоено понапредни решенија како што се cloud computing или е-трговија. Ова е далеку под целта на Стратегијата за развој на ИКТ: СМАРТ/МК 2030, според која до 2030 година 75% од претпријатијата треба да користат cloud, вештачка интелигенција или big data решенија. Трошокот е најчесто наведуваното ограничување, при што 65% од МСП посочуваат дека трошоците за набавка и одржување на алатките претставуваат значителна пречка. Недостигот на дигитални вештини дополнително го усложнува предизвикот: 24% од МСП го идентификуваат ова како проблем, што е втора највисока стапка во регионот, одразувајќи поширок јаз во дигиталната писменост кај возрасните, каде што само 35% од населението поседува најмалку основни дигитални вештини.
Иновацискиот екосистем се соочува со структурни празнини што ја ограничуваат неговата ефикасност во поттикнувањето на иновациите кај МСП во поголем обем. Иако формирањето на Агенцијата за иновациска дејност, научен и технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) го поедностави институционалниот пејзаж преку консолидирање на клучните функции во областа на иновациите, координацијата сè уште е во транзициска фаза, што го отежнува спроведувањето. Евалуацијата претставува постојана слабост: податоците за резултатите и влијанието се ограничени низ целата рамка, додека ефективноста на инструментите за финансиска поддршка не е оценета од 2021 година. Шемите за иновациски ваучери исто така не успеаја да добијат поширока примена, при што поминаа четири години помеѓу пилот-проектите — еден во 2020 и друг во 2024 година — а инструментот сè уште не напреднал надвор од пилот-фазата. Во основата на овие предизвици е хронично ниското инвестирање во истражување и развој, кое изнесува само 0,4% од БДП (или приближно 18% од просекот на ЕУ).
Се заклучува дека во иднина, степенот до кој МСП во Република Македонија ќе можат да придонесуваат за економскиот раст и конвергенцијата со Европската Унија ќе зависи, во голема мера, од тоа колку ефикасно ќе бидат надминати наведените предизвици и празнини.
За публикациите Индекс на политики за МСП на Западен Балкан и Турција
Издавач на публикациите Индекс на политики за МСП на Западен Балкан и Турција 2026 е Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
ОЕЦД е меѓународна организација која работи на креирање подобри политики за подобар живот. Веќе 25 години ОЕЦД тесно соработува со Југоисточна Европа (ЈИЕ) за поттикнување конкурентни, интегрирани, отпорни и одржливи економии, особено преку својата наменска Регионална програма за Југоисточна Европа, формирана во 2000 година.
Регионалната програма нуди структурирана поддршка за економската транзиција на ЈИЕ кон пазарната економија и кон европската интеграција. Анализите, наодите и препораките за политики на ОЕЦД се сумирани во две водечки серии извештаи на Програмата, кои служат како водич за одредување на приоритетите во политиките и како референтни точки за реформите:
Преглед на конкурентноста на Западен Балкан (најновото издание е од 2024 г.) и
Индекс на политики за МСП за Западен Балкан и Турција (најновото издание е од 2026 г.)


Индексот на политики за МСП за Западен Балкан и Турција 2026 се состои од една публикација со регионален профил која ги синтетизира заедничките трендови, предизвици и хоризонтални приоритети на седумте економии-учеснички низ четири тематски кластери на политики, дополнета со седум посебни публикации со профили за секоја економија, кои го опфаќаат развојот на политиките и резултатите во секоја од нив. Публикацијата Профил на економијата за Северна Македонија 2026 ги оценува резултатите на македонската економија низ 13 димензии на политики и го разгледува напредокот преку четири тематски кластери на политики.
пишува: Андрија Алексоски | Авторот е магистер по јавни политики за пристапување кон ЕУ и oфицијална развојна помош (ODA)
Економија и бизнис, 15 октомври 2026








