(Ре)дефинирање на ефикасноста: Дали вашиот бизнис троши повеќе отколку што е неопходно?

пишува: Љупчо Ефтимов, aвторот е редовен професор Економски факултет-Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
(Ре)дефинирање на ефикасноста: Дали вашиот бизнис троши повеќе отколку што е неопходно?

„Лошиот систем секогаш ќе го надвладее добриот човек.“
— Вилијам Едвардс Деминг, истакнат американски бизнис теоретичар, професор и консултант за менаџмент, познат како таткото на движењето за квалитет

1 Зошто ефикасноста заслужува место во секој менаџерски разговор?

Замислете мала интернет-продавница за облека со сопствен магацин и надворешна курирска служба. Нарачките се зголемуваат, тимот е постојано ангажиран, а сопственикот неодамна вложил и во нова дигитална алатка. Сепак, на крајот од работниот ден остануваат нерешени испораки. Некој повторно проверува дали производот е на залиха, друг поправа погрешно внесена адреса, а сопственикот одобрува замена што можела да биде решена уште претпладнето. Подобриот промет е придружен со сѐ повеќе дополнителна работа.

Оваа хипотетичка продавница отвора прашање релевантно за многу бизниси: колку добро ги користиме ресурсите со кои располагаме? Продажбата покажува дека постои побарувачка. Зафатеноста покажува дека луѓето вложуваат труд. Но, за да се оцени ефикасноста, потребно е да се види што точно произведува тој труд и колку време, материјали и пари се трошат по пат.

За мало или средно претпријатие, ова прашање има непосредно влијание. Времето за повторени задачи, поправките и чекањето одобренија секојдневно го трошат ограничениот капацитет на тимот, а нивната вкупна цена често останува непресметана.

Домашната бизнис практика дополнително ја нагласува важноста на ова прашање. Според податоците на Државниот завод за статистика, 81% од активните претпријатија имале од еден до девет вработени. Во толку мал тим, повторувањето на истата задача или чекањето одобрение може да зафати значителен дел од расположливиот работен капацитет.

2 Што е ефикасност и како се разликува од продуктивноста и ефективноста?

Многу често во секојдневниот разговор слушаме трите навидум слични поими како знаат да се испреплетат па дури да се користат наизменично, што е далеку од прецизноста потребна во бизнис светот. Имено, корисно е да се разграничат три блиски поими, поточно ефикасност, продуктивност и ефективност.
Најпрво, продуктивноста го изразува односот меѓу обемот на создадените производи или услуги и вложените ресурси. Таа одговара на прашањето „Колку добиваме од вложеното?“ Ако продавницата правилно обработи 80 нарачки за осум работни часа, продуктивноста на трудот изнесува десет нарачки на час.

Ефективноста, од друга страна, покажува до кој степен се постигнати поставените цели. Нејзиното прашање е „Дали го постигнуваме она што сме го планирале?“ Ако целта е најмалку 95% од нарачките да стигнат навреме, а навреме пристигнуваат само 80%, продавницата заостанува зад целта, дури и кога обработува повеќе нарачки на час.

Тоа што ни е во фокусот, поточно, ефикасноста, го оценува постигнатиот резултат во однос на употребените ресурси и изводливите алтернативи. Таа прашува „Можеме ли истиот квалитетен резултат да го постигнеме со помалку ресурси?“ Ако истите 80 нарачки можат правилно да се обработат за шест часа со подобар распоред на работата, без зголемување на другите вложувања, тогаш осумте часа укажуваат на простор за поголема ефикасност.

Поимите се поврзани, но не можат да се заменат еден со друг. Продавницата може да ја постигне целта за навремена испорака со скапа прекувремена работа, а сепак да има простор за порационално користење на ресурсите. Исто така, скапата опрема може да го зголеми бројот на нарачки по работен час, додека нејзината цена и одржувањето ја доведуваат во прашање вкупната заштеда. Затоа повисоката продуктивност на трудот сама по себе не докажува повисока вкупна ефикасност.

3 Ефикасноста има повеќе аспекти

Затоа, ефикасноста бара поглед кон целината. Поделбата на одговорностите влијае врз брзината на одлучување. Начинот на пренесување информации влијае врз бројот на грешки. Распоредот во магацинот влијае врз времето потребно за подготовка на пратката. Одлуката донесена во еден дел од компанијата може да создаде дополнителен трошок во друг.

И користењето на материјалите и енергијата сѐ почесто се поврзува со организацијата и технологијата. Според Евростат, во 2025 година, 30% од претпријатијата во ЕУ опфатени со истражувањето за употреба на ИКТ користеле дигитални системи или решенија за намалување на потрошувачката на енергија или материјали, или за зголемување на употребата на рециклирани материјали. Деловната корист од таквите решенија потоа треба да се провери преку реалната промена во потрошувачката и трошоците.

Да претпоставиме дека интернет-продавницата наоѓа амбалажа поевтина за десет денари по пратка. На илјада пратки, пресметаната заштеда изнесува десет илјади денари. Ако послабата амбалажа предизвика триесет дополнителни оштетувања, со просечен трошок за замена, обработка и повторна достава од петстотини денари по случај, решавањето на проблемите ќе чини петнаесет илјади денари. Вкупниот трошок ќе се зголеми за пет илјади денари. Во набавката, одлуката изгледа успешна. Но, заштедата во еден оддел создава повисоки трошоци во други, како и незадоволство кај купувачите.

4 Зошто се намалува ефикасноста?

Дел од неефикасноста се создава постепено, преку решенија што некогаш имале смисла. Сопственикот вовел дополнителна проверка по една погрешна испорака. Потоа побарал посебна табела за залихите, бидејќи постојната евиденција била неажурна. Подоцна бил набавен софтвер, но табелата останала во употреба. Со текот на времето, компанијата добила повеќе контроли и повеќе извори на податоци, без јасна слика кој од нив е меродавен.

Растот дополнително ги открива ограничувањата на ваквата организација. Постапка што функционирала со дваесет нарачки дневно може да создава застои со двесте. Директното одобрување од сопственикот е изводливо додека одлуките се малубројни. Кога секоја замена, попуст или набавка зависи од неговата достапност, времето на чекање станува ограничување за целиот тим.

Во интернет-продавницата, истата адреса можеби се внесува во продажната евиденција, во магацинската табела и во системот на курирската служба. Секое внесување бара време и создава можност за грешка. Затоа, при оценувањето на учинокот на вработените треба да се проверат и организацијата на процесот, достапноста на информациите, јасноста на задачите и исправноста на опремата.

5 Како да се измери ефикасноста со корисни показатели?

Мерењето започнува со прецизно определување на резултатот. За продавницата, бројот на пакети предадени на курирот е корисна информација, но купувачот очекува точен производ, во добра состојба и во договорениот рок. Ако компанијата сака да ја оцени ефикасноста на обработката и доставата, треба да го следи трошокот по успешно испорачана нарачка, вклучувајќи ги и дополнителните обработки и повторните испораки поврзани со набљудуваните нарачки.

Важноста на ваквото определување на резултатот се гледа и во искуствата на европските купувачи. Според Евростат, во 2025 година, меѓу лицата во ЕУ што купувале онлајн во претходните три месеци, 20% пријавиле испорака побавна од најавената, а 10% пријавиле погрешни или оштетени стоки или услуги. За компанијата, секој таков случај создава потреба да се провери каде настанал проблемот и колку дополнителни ресурси бара неговото решавање.

Слична логика важи и во други дејности. Производителот може да ја следи потрошувачката на материјал или енергија по исправен производ. Услужната компанија може да го мери работното време по правилно завршена, споредлива услуга. Изборот на показателот треба да произлегува од одлуката што менаџерот сака да ја донесе. Ако проблемот е доцнење, потребно е да се разликува времето во кое навистина се работи од времето во кое задачата чека.

Секој показател бара и соодветна споредбена основа. Понискиот трошок по нарачка може да произлегува од поголем обем на продажба, кој ги распределува фиксните трошоци на повеќе нарачки, или од пониски набавни цени. За да се утврди дали самиот процес троши помалку ресурси, треба да се споредуваат задачи со слична сложеност и исто барано ниво на квалитет.

Трошокот и времето следете ги заедно со точноста и навременоста на испораката. Неколку добро избрани показатели можат да дадат покорисна слика од обемен извештај што никој не го поврзува со конкретни одлуки.

6 Како се гради повисока ефикасност?

Една позната изрека на многу професори по математика е дека поставувањето на проблемот значи веќе решавање на задачата. Оттука, добро утврдениот проблем може да го насочи решението за повисоко ниво на ефикасност. На пример, нејасните одговорности бараат јасни граници на одлучување.

овторливите грешки бараат проверка на упатствата, обуката и достапноста на информациите. Од друга страна, двојното внесување податоци може да се намали со поврзување на системите. Сите овие аспекти имаат потенцијал да влијаат на ефикасноста.

Дигитализацијата има важна улога во овој процес. Во извештајот на ОЕЦД за нашата држава од 2026 година се посочува дека дигиталната примена кај малите и средните претпријатија останува претежно насочена кон основни алатки, а трошоците и недостигот од вештини го ограничуваат нејзиното продлабочување. За сопственикот, ова ја нагласува потребата вложувањето во технологија да го поврзе со конкретна промена во работењето.

Основната инфраструктура веќе е широко распространета. Според Државниот завод за статистика, во 2026 година, 93,6% од деловните субјекти со десет или повеќе вработени имале широкопојасен пристап на интернет преку фиксна конекција. За менаџерот, прашањето е како таа поврзаност го подобрува протокот на информациите и го намалува повторувањето на работата.

Кај нашата продавница, поврзувањето на нарачките со магацинската евиденција може да го намали рачното пренесување податоци. Претходно, сепак, треба да се утврди кој ја ажурира залихата, кога производот се резервира и како се евидентира рекламацијата, на пример. Софтверот ќе има ограничена корист ако вработените продолжат да одржуваат паралелни евиденции затоа што немаат доверба во податоците.

И примената на вештачката интелигенција бара проверка на нејзината реална корист. Според Евростат, во 2025 година, 20% од претпријатијата во ЕУ со најмалку десет вработени или самовработени лица користеле технологии со вештачка интелигенција, наспроти 13,5% во 2024 година. Во продавницата, алатка на вештачка интелигенција за подготовка на одговори до купувачите може да се тестира преку времето за изработка и проверка, точноста на одговорите и потребата од дополнителни интервенции. Во пресметката влегуваат и претплатата и обуката, за да се утврди дали вкупната корист го оправдува вложувањето. Ослободеното работно време може да се искористи за повеќе нарачки или подобра услуга. А парична заштеда настанува ако навистина се намалат прекувремената работа или други расходи. Кога тие остануваат исти, придобивката може да биде поголем капацитет со постојните ресурси.

Подобрувањето може да се развива и преку мали, редовни промени. Јапонскиот пристап кајзен се заснова врз континуирано подобрување, со активно учество на вработените. „Тојота“, во описот на својот производствен систем, го поврзува секојдневниот кајзен со олеснувањето на работата, намалувањето на непотребното трошење и одржувањето на квалитетот.

Во мало претпријатие, тоа може да значи тестирање поинаков распоред на најбараните производи во магацинот или воведување едноставна проверка пред затворање на пратката. Вработените што секојдневно ги извршуваат задачите можат да покажат каде се повторува работата и што предизвикува застој. Предлогот треба да се испроба и измери, а успешната промена да стане редовна постапка. За посложени проблеми, стручната поддршка може да помогне во анализата на трошоците и изборот на технологија.

7 Што добива компанијата и како го одржува подобрувањето

Одржувањето на ефикасноста бара и внимание кон идното работење. Одржувањето на опремата, развојот на вештините и разумната резерва за непредвидени ситуации имаат трошок, но придонесуваат кон сигурноста на испораките. Нивната оправданост треба да се оценува според ризикот и последиците од прекин. Оттука, компанија што целосно го исполнува расположливиот капацитет може да има малку простор за итна нарачка, дефект или отсуство на вработен.

Оствареното подобрување треба повторно да се проверува кога се менуваат побарувачката, технологијата или обемот на работа. Повисоката ефикасност може да донесе понизок трошок по единица, посигурни рокови и поголем капацитет за раст. За вработените, таа може да значи појасни задачи и помалку време потрошено на поправање на истите проблеми.

На следниот менаџерски состанок, доволно е да се започне со еден важен процес. Утврдете го посакуваниот резултат и проверете каде се трошат ресурсите. Потоа испробајте една промена и споредете ги резултатите пред и по неа. Која промена во вашата компанија би овозможила ист квалитетен резултат со помалку потрошени ресурси?


Економија и бизнис, 15 ноември 2026г.


Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.

Повеќе од истиот автор

Најчитано