Латинската изрека Veritas filia temporis или, „Вистината е ќерка на Времето“, ја среќаваме за првпат во II век од новата ера, кај римскиот писател Аул Гелиј, во делото „Антички ноќи“. Тој вели дека некој стар поет, чие име веќе не го помнел, ја нарекол вистината „ќерка на времето“.
Значењето е многу блиско до она што сите некогаш сме го почувствувале – времето ја „раѓа“, односно ни ја открива вистината. Она што во еден момент е затрупано со лаги, интереси, пропаганда, авторитет или едноставно со недостиг од информации, со текот на времето може да стане видливо.
Френсис Бекон подоцна ѝ дава уште поостра форма: „Вистината е ќерка на времето, а не на авторитетот.“
Времето создава дистанца од авторитетот на официјалната приказна и ни овозможува повторно да ги погледнеме доказите.
Пред извесно време го прочитав романот „Ќерката на времето“ (“The Doughter of Time” 1951) од шкотската писателка Џозефин Теј. Овој роман во 1990 година е прогласен за најдобар криминалистички роман на сите времиња од страна на Британската асоцијација на криминалистички писатели. Романот го следи Алан Грант, инспектор во Скотланд Јард, кој од болничка постела ќе се нафати да ја истражи неразјаснетата историска мистерија за принцовите затворени и убиени во Лондонската Кула кон крајот на XV век.
Со векови се верувало дека по смртта на нивниот татко, кралот Едвард IV, во 1483, младите принцови биле убиени по наредба на нивниот чичко Ричард III, за тој да го преземе престолот. Овој наратив дополнително ќе го зацврсти Шекспировата истоимена драма, напишана сто години по настанот, во која кралот Ричард е претставен како физички деформиран негативец жеден за моќ.
Но инспекторот Грант тргнува од обратната претпоставка: дека она што сите веруваат дека го знаат за судбината на младите принцови и нивниот чичко едноставно може да биде дрска лага. Следејќи аналитички, речиси полициски метод на работа со податоци и докази, тој постепено гради убедлив случај против одамна прифатената верзија на настаните.
Она што и по толку долго време го прави овој роман неверојатно современ и интересен за читање е начинот на кој авторката ја третира вистината, односно методот по кој доаѓа до неа, отстранувајќи ги еден по еден разните наталожени слоеви на невистини.
Времето прво ја закопало вистината – со векови повторување на истата приказна направило таа да стане „факт“. А потоа, токму времето му овозможува на Грант, лежејќи во болнички кревет, да ја земе историјата како старо нерешено досие и да праша, a што ако престанеме да веруваме во приказната и ги погледнеме доказите?’
Вистината не е производ на победникот, хроничарот или авторитетот. Таа е ќерка на времето, затоа што само времето може да ги надживее сите нив и да не ослободи од лажни влијанија.
Има уште една мала иронија во сето ова. Времето не гарантира дека вистината ќе победи. Понекогаш токму долгото време ја цементира лагата. Потребен е некој како Грант повторно да ја „породи“ ќерката на времето, да постави прашање кое сите одамна престанале да го поставуваат.
Можеби токму затоа романот, иако е напишан во 1951 година, воопшто не остарел. Тој всушност не е толку роман за Ричард III, колку што е роман за тоа како нешто станува „вистина“ само затоа што доволно долго сме го повторувале или сме биле убедени дека е така.
Зошто една лага може да преживее векови?
Како што може и да се претпостави, многу факти, па дури и нивната лесна достапност, не значат автоматски дека луѓето лесно ќе ја спознаат вистината. Интересно е колку романот како да го опишува и нашиот денешен површен однос кон вистината и фактите, кои во ерата на информации ни лежат секаде на дофат. Тука Теј допира нешто што во 1951 година било проникливо, а денес станало речиси дијагноза на епохата- колку повеќе информациите ни се достапни, толку помалку ни користат.
Како што вели авторката, повеќето луѓе можат во размислувањето да стигнат, да речеме, од А до Б. Да поставиме прашање/теза (А) и да го најдат фактот (Б). Но понатаму не постапуваат сите исто со тој факт. Само малобројни продолжуваат да истаржуваат. Да се продолжи од Б до Ц значи да сфатиме што тој факт навистина значи и дали воопшто значи она што ни изгледало на прв поглед.
Во денешно време А → Б никогаш не било полесно. За неколку секунди можеме да најдеме датум, документ, статистика, фотографија, изјава, студија. Но токму поради тоа лесно стекнуваме илузија дека сме ја завршиле работата. Достапноста на информацијата ја мешаме со стекнување знаење.
А од Б до Ц е многу понепријатен пат. Бара да се прашаме, ‘Кој го запишал ова? Кога? Од каде му е информацијата? Што недостига? Дали два навидум независни извори всушност го препишуваат истиот трет? Дали заклучокот навистина произлегува од фактот или ние сме ја пополниле празнината со она што веќе сме сакале да биде вистина?’
Инспекторот Грант не открива некој таен документ. Речиси сè што му треба веќе одамна постои. Проблемот не бил во недостатокот на факти, туку во начинот на кој тие биле наредени во приказна. А тоа е тема која е секогаш актуелна, можеби денес повеќе од било кога претходно, зошто самата достапност на информацијата ги убедила луѓето дека се стекнале и со знаење.
Но дали е навистина така?
Во информациската ера имаме чуден парадокс- колку повеќе информации имаме, толку помалку сме принудени да мислиме. Некогаш недостигот од податок те терал да бараш, споредуваш, паметиш, поврзуваш. Денес пребарувачот, а сега и ВИ, може да ни го донесе Б на послужавник. И токму таму можеме да застанеме, задоволни дека сме стигнале до вистината.
А не сме. Сме стигнале само до информацијата.
И тука би го додале третиот чекор, кој денес можеби е уште поважен отколку во времето на Теј: ако од А до Б значи наоѓање на фактите, од Б до Ц би било нивно критичко толкување, редно е да се додаде и од Ц до Д, а тоа е способноста да се смени сопствениот став, ако фактите го бараат тоа.
Последново, како што секојдневно гледаме, е најтешко, зашто Б → Ц ни бара интелигенција и труд, но Ц → Д бара да се откажеме од нешто свое, претходно уверување, припадност, суета, понекогаш цела слика за светот. А тоа на многумина им е потешко одошто да се откажат од вистината. Тоа е онтолошка траума. Оттука, добиваме долги и бурни дискусии на социјалните мрежи во кои учествуваат цели табори на спротивставени страни, каде се расправа за апсурдни нешта, на пример дали Земјата е рамна плоча или топка и дали денес постојат болестите од кои штитат вакцините или не.
И тука повторно се враќаме кај „ќерката на времето“. Не е доволно вистината да излезе на виделина. Некој мора да биде расположен да ја препознае.
Тезата на Џозефин Теј за Ричард III уште од објавувањето на романот предизвикала полемики, а историчарите оспорувале дел од нејзините заклучоци. Иако станува збор за фикција, духовите биле вознемирени. Во децениите што следеле, историската слика за Ричард III станала многу понеодредена од некогашната сигурност со која му било припишувано убиството на младите принцови. Направени се и нови откритија, пред се пронајдено е неговото тело под еден паркинг во Лестер во 2012 година. Но мистеријата за судбината на неговите внуци, сепак, до денес не е конечно разрешена, иако кралот Ричард веќе не се смета со сигурност за виновник и јавното мислење денес му е многу повеќе наклонето.
Ако има поука, можеме да научиме едно – без оглед на нашите чувства или желби, од вистината нема бегање. Но, потребно е малку повеќе од обично „истражување на интернет“ и скролање низ информации, па и обичен разговор со Четбот, за да ја откриеме вистината. Таа често е длабоко внатре, под бројни напластени слоеви од секакви информации.
Дилемата денес станува сè поширока, па затоа често веќе не се поставува само прашањето:
„Како да ја најдам вистината?“ туку: „Што ќе правам со неа кога ќе ја најдам?“
Тоа е многу понезгодно прашање.
пишува: Сузана Камберова, Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис, 15 септември 2026г.












