Понекогаш најголемите космички приказни започнуваат со нешто толку мало што може да се види само под дерматоскоп.
Дали некогаш сте гледале бенка на кожата како расте? Под дерматоскоп, прецизен оптички апарат кој зголемува, една бенка понекогаш почнува да се шири зрачесто, како мала темна точка што постепено создава сопствена ѕвездеста структура. Густината постепено опаѓа, формата осветлува, а во неа се појавуваат поединечни структури − линии, глобули, дамки.
Вака опишано, сликата речиси наликува на космичка појава. Како да зборуваме за почетокот на универзумот.
Најкратката дефиниција за универзум е дека тој е сè што постои − ѕвездите, галаксиите, енергијата и материјата што ја содржи. Според современата космологија, тој настанал со Големиот прасок или т.н. „Big Bang“ пред околу 13,8 милијарди години. Сè започнало од една точка со огромна густина − сингуларност. Од неа започнува ширењето. Мали флуктуации во густината подоцна доведуваат до формирање структури, галаксии, ѕвезди и планети, време и простор, а на крајот и живот.
Но, што е всушност самиот почеток на универзумот?
На тоа прашање науката засега нема прецизен одговор. Пред таа првична точка нема ни време ни простор. Големиот прасок не е експлозија во просторот, туку експанзија на самиот простор, односно на самата реалност. Нема надворешна точка од која космосот би можел да се набљудува додека се раѓа. Тој почеток нема сведок. Некои современи теории дури претпоставуваат дека нашиот универзум можеби е само една фаза во подолг циклус − стара сингуларност што се проширила, се оладила и повторно довела до нова густина од која започнува ново ширење. Крајот на еден универзум би бил истовремено почеток на нов и сè така во бесконечност.
Ако универзумот во својата еволуција создава структури − од галаксии до живи суштества − тогаш се наметнува едно поинакво прашање. Дали истиот принцип на создавање се повторува и во тие структури? Дали и во човекот, како една од најсложените творби на космосот, универзумот на некој начин го копира или го продолжува сопствениот процес на настанување?
Во многу древни митологии луѓето се обидувале да го опишат истиот таинствен почеток. Во старогрчките преданија, од првобитниот Хаос постепено се раѓа космосот; во старозаветното поглавје, „Книга на Постанокот“, создавањето започнува со реченицата „Нека биде светлина“; во кинескиот мит за Пангу, универзумот се раѓа од космичко јајце што се распукува и постепено создава простор меѓу небото и земјата, а во староегипетската космологија светот започнува од бескрајна темна водена бездна наречена Нун. Од таа безоблична и бескрајна состојба се појавува првото суштество − богот Атум. Тој се појавува сам од себе, како прва точка на ред во хаосот. Потоа од него постепено се создаваат другите богови и сили на природата од кои подоцна настануваат небото, земјата и светот.
Сè се ова различни слики, но ги води иста интуиција − од една скриена густина се појавува структура. Од структурата живот. Од животот свест.
Но, тука се наметнува едно уште поинтересно прашање. Ако древните луѓе немале телескопи, физика, ниту космолошки теории, како е можно нивните митови толку често да наликуваат на современите научни идеи за настанувањето на универзумот? Можеби затоа што симболичките слики на митот не се случајни. Тие се појавуваат од длабоки структури на човечката психа − архетипи чие потекло не го знаеме, но кои можеби се одраз на истиот космички поредок.
„Ние сме начин на кој космосот се запознава самиот себеси“, ќе рече Карл Саган. Се огледува ли космосот во нас самите како што ние се огледуваме во огледало?
Ако човекот е производ на универзумот, тогаш е можно во неговата свест да постои и мал одблесок од неговата структура. Науката го открива космосот надвор од нас, а митот го наслутува истиот тој космос во нас.
Никој од нас не се сеќава на моментот кога станал свесен за светот околу себе. Имаме најрани сеќавања, но не го паметиме оној најважниот момент − мигот на зачнувањето, па дури ни мигот на раѓањето. Можеби токму тој момент би можел да се опише со познатата библиска реченица: „И би светло.“ Свеста блеснува како молња во нова телесна форма, уште предјазична и без структура − еден мал повторен прасок на креација.
Од тој миг започнува нејзиното ширење. Сетилата ги примаат дразбите од светот и во умот создаваат претстави. Структури. Во човекот од раѓање постои една претструктурна темнина од која се јавува форма како слика, идеја или мисла и таа се шири постепено, со секое ново искуство. Кога свеста од хаосот создава ред, а идејата станува форма, се случува мал космички чин.
Но, зад тој процес можеби постои и поширока, неосознаена димензија − она што психологијата го нарекува колективно несвесно − слој на искуства и претстави кои не ги стекнуваме преку сетилата, туку ги наследуваме како дел од заедничкото човечко искуство.
Можеби токму затоа Големиот прасок не е само далечен космички настан од минатото на универзумот. Можеби тој се повторува секогаш кога свеста се осветлува и започнува да го шири својот внатрешен простор. Секогаш, кога за првпат ќе погледнеме во очите на новороденото бебе и во нив ќе забележиме мала искра на препознавање, се случува мал личен „прасок“ кој создава нови внатрешни светови.
И затоа, во извесна смисла, Големиот прасок секогаш е и далечна историја, но и сосема лична, интимна работа.
Економија и бизнис, 15 март 2026г.









