Македонија е подготвена за ново големо спортско претставување на меѓународната сцена. Денеска официјално беше претставена делегацијата која од 21 август до 3 септември ќе ги брани македонските бои на Медитеранските игри во Таранто, Италија.
Со 130 членови, од кои 90 спортисти, ова ќе биде досега најбројната делегација на Македонија на Медитеранските игри. Македонските спортисти во Таранто ќе настапат во опрема на ЈОМА, обезбедена за македонската делегација за настапот на Игрите.
На денешната прес-конференција беа претставени составот на делегацијата, подготовките и настапот на македонските претставници. На присутните им се обратија претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски и дел од спортистите.
Димевски информираше дека Македонија ќе има свои претставници во 19 од вкупно 33 спортови на програмата. Во индивидуалните спортови ќе настапи во атлетика, бадминтон, бокс, велосипедизам, коњички спортови, мечување, ритмичка гимнастика, џудо, карате, стрелаштво, пливање, таеквондо, тенис, триатлон и борење – слободен стил.
Во екипните спортови македонските бои ќе ги бранат женските репрезентации во ракомет и одбојка, машката репрезентација во баскет 3х3 и машката фудбалска репрезентација до 21 година.
Зад настапот на македонските спортисти стои период на интензивни подготовки, а Македонскиот олимписки комитет во изминатиот период обезбедуваше поддршка и услови за нивната подготовка и настап.
„Сведок сум на подготовките во изминатиот период и на трудот што секој од спортистите го вложи за да биде подготвен за настапот во Таранто. Наша задача беше да им обезбедиме најдобри можни услови и поддршка на тој пат. Верувам дека сето тоа ќе го покажат на спортските терени“, истакна претседателот на МОК.
Македонија досега има освоено 14 медали на Медитеранските игри, а Димевски изрази надеж дека и оваа генерација ќе има успешни настапи и ќе ја продолжи традицијата на освојување медали.
На свеченото отворање на Игрите ќе присуствува и претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, што претставува значајна поддршка за македонските спортисти.
„За нас тоа е голема чест и дополнителна мотивација за целата делегација“, истакна Димевски, кој информираше дека дел од делегацијата ќе биде и Софија Арнаудова, сертифициран тренер за ментални перформанси, која ќе работи со спортистите на менталната подготовка, концентрацијата и справувањето со натпреварувачкиот притисок.
Присутните спортисти истакнаа дека со нетрпение го очекуваат почетокот на Игрите и моментот кога ќе излезат на спортските терени во Таранто. По подготвителниот период, фокусот сега е на натпреварите, каде секој од нив ќе се обиде да го даде својот максимум, да се бори за секој поен, секоја секунда и секој резултат и достоинствено да ги брани македонските бои.
Шефот на делегацијата, Петар Спасеновски, кој веќе е во Таранто, ги заврши подготовките за пречекот и организацијата на македонската делегација, која во наредните денови ја очекуваат првите настапи и нови спортски предизвици. Очекувањата се македонските спортисти да го дадат својот максимум и достоинствено да ги претстават македонските бои на Игрите.
Со порака за поддршка до сите спортисти, Димевски посака успешен настап на целата делегација и нагласи дека МОК ќе биде со нив на секој чекор.
„Нека го дадат својот максимум, а ние ќе бидеме тука да ги поддржиме на секој чекор. Нека е среќно и со успех за Македонија!“, порача Димевски.
Македонската јавност ќе може да ги следи случувањата од Таранто преку директни преноси на дел од натпреварите на МРТ 3, како и преку секојдневните информации, резултати и содржини на социјалните мрежи на МОК.








