Пред некој ден имав интересна дискусија со разочарани милениумци кои се жалеа дека генерацијата З се забавува на друг начин. Имено, дел од најновите истражувања за современите трендови во животен стил покажуваат дека кај генерацијата З постои тенденција помалку да пие алкохол, поретко излегува во ноќните клубови, се собира на денски забави, по можност со некои активности како варијации на некоја спортска активност во група. Всушност, и не е изненадување − осаменоста која ја креира дигиталната дружба на социјалните мрежи, со седење пред екран во зоната на комфорот, сепак резултира со барање реална, опиплива, старомодна дружба. Притоа тие се можеби и истрауматизирани или ајде да кажеме внимателни гледајќи ги сите глупости кои ние повозрасните ги правевме, вклучувајќи ги и милениумците кои се сега веќе и самите тие родители.
Шега на страна, начинот на исхрана е дел од таа (па и не толку нова) здрава приказна, а покажувајќи малку повеќе грижа за нашето тело секако дека го подобруваме здравјето. Ова, секако, оди заедно со избегнување на стресот на кој тие како генерација се многу реактивни. Внимавањето на нашиот начин на исхрана не е само хипстерски феномен во гентрифицираните области во големите градови, туку и потреба која се наметнува доколку сакаме да живееме подолго и посреќно.
Грешката што ја правиме денес, како бескрајно забегано консуматорско општество, отуѓени од природата и со максимално забрзано темпо, е тоа што мислиме дека сме посебни, одвоени. Забораваме дека нашето тело е составен дел од оваа планета (која, попат речено, лесно може без нас, но не и ние доколку е нарушен еколошкиот баланс). Годишните времиња имаат ефект врз нас и врз нашата состојба, а со тоа и врз нашата исхрана.
Според ајурведата, како холистички систем на традиционална медицина што потекнува од Индија, основни енергетски сили во човечкото тело се трите доши: вата – простор/ етер и воздух , пита − оган и вода и кафа − вода и земја. Тоа се биолошки принципи кои управуваат со сите физички и ментални функции. Па така, нашето здравје се дефинира како рамнотежа меѓу овие три енергии, додека пак нејзиното нарушување предизвикува болести.
Секој човек има уникатна комбинација на овие енергии – доши, со една доминантна. Тие, како централен поим во ајурведата, циркулираат во телото и го кондиционираат функционирањето на човечкото тело, ги одредуваат физичкиот изглед, личноста и здравствените предизвици. Потекнува од санскритскиот збор душ што означува ‘грешка, мана, недостаток или она што може да предизвика проблеми’.

ТРИТЕ ТИПА НА ДОШИ
Според древната индиска медицина, дошите се три основни енергии.
Вата е сочинета од простор/ етер и воздух, односно симболизира движење. Ја контролира енергијата на струење, тоа е принципот на креативност, на промена, на проток. Кога се во хармонија луѓето со доминантна вата се: витки, енергични, ентузијасти и флексибилни. Но, кога балансот е нарушен, тие се склони кон сува кожа, анксиозност и несоница, ладни раце и стапала, немирен ум и тешкотии со фокусирање на вниманието.
Квалитети во исхраната вата се лесна храна, сува, подвижна, суптилна. Ако треба да се подигне, се препорачува со која било лесна сува храна. Доколку треба да се балансира, се препорачува нешто тешко, мрсно, топло и приземјено.
Пита е од оган и од вода, односно симболизира трансформација. Ја контролира енергијата на метаболизмот, ги контролира системот за варење, интелигенцијата, волјата и принципот на преобразба. Овие луѓе обично се со средна градба, интелигентни, дисциплинирани, фокусирани и амбициозни. Но, кога балансот е нарушен, тие се иритирани, лути, перфекционисти, со склоност кон воспалителни состојби, киселини во желудникот и раздразливост.
Квалитети во исхраната пита – луто, остро, мрсно, пенетрирачко. Лесно се подигнува со топлина, со зачини, со интензитет, со перфекционизам во подготовката. Се балансира со свежина, со слатки вкусови, со релаксација, со пуштање на работите да течат без наша френетична контрола.
Кафа се состои од вода и од земја, односно симболизира структура. Ја контролира енергијата на стабилност, на лојалност, на љубов. Овие луѓе се физички покрупни, мирни, лојални и трпеливи. Но, кога дошата е надвор од баланс, тие се склони кон дебелеење, летаргија, депресија, отпор кон промени.
Квалитети во исхраната − тешка, мрсна, ладна, стабилна, густа. Лесно се поткрева со што било тешко, мрсно, слатко. Се балансира со лесна сува храна, топла и стимулативна.
Комбинацијата на овие доши не е фиксна. Во разни периоди од нашиот живот, трите во некој одреден процент се дел од нас. Една од нив е доминантна − пракрити, тоа е нашата вродена и единствена мешавина од квалитети, која останува релативно стабилна во текот на животот. Но, овој коктел во нашиот „шејкер“ е склон кон промени и кон одредени периодични предоминации во зависност од нашиот стил на живот и од начинот на исхрана.
Кога дошата се изместува од природниот баланс, тогаш нашата секојдневна состојба е викрити предизвикана од моменталниот стрес, од нездрава исхрана, од несоница. Ајурведската исхрана е фокусирана на донесување на таа состојба назад кон природната рамнотежа.
Меѓу основните принципи кои се препорачува да се почитуваат се шесте вкусови, како превентива и лек во секој оброк, заедно со почитувањето на ритамот на природата, односно исхраната во склад со сезоните. Секоја храна ги содржи во себе шесте вкусови, а секој од нив има различен ефект врз нашата доша. Со разбирање на овие шест вкусови можеме самите себеси да си помагаме во нашето здравје. Идеалниот оброк ги содржи сите шест вкусови, ги задоволува нашите потреби и ја балансира нашата моментална доша. Доколку чувствуваме недостаток на некој вкус, нашето тело ќе го бара, а тоа понекогаш води кон прејадување.

ШЕСТЕ ВКУСОВИ
СЛАТКО – млеко, мед, јатки, овошје
КИСЕЛО – лимон, јогурт, тамаринд
СОЛЕНО – сол
ПИКАНТНО – ѓумбир, бибер, чили, зачини
ГОРЧЛИВО – тумерик, темно зелени растенија, тревки
АДСТРИНГИЕНТНО – зрнеста храна (грав), зелени јаболка, калинка
Притоа се препорачува да се почитува принципот на годишните времиња. Кога јадеме сезонска храна ние работиме во хармонија со нашето тело и со природниот ритам на планетата.
Пролетта е сезона на капа – се препорачува пикантна, горчлива, адстрингентна исхрана. Лесни, загревачки оброци, се намалуваат слаткиот вкус, горчливиот и солениот. Сезонската исхрана на пролет има задача да ја исчисти тешката зима.
Летото е сезона на пита – се јадат слатки вкусови, горчливи, адстрингиентни. Храна што оладува, кога има потреба да се намали топлината и да се балансира, се намалуваат пикантно и солено.
Есента и зимата се сезони на доминантна вата – се јаде слатко, горчливо, топло, приземјувачко. Кога имаме потреба од земјен елемент се намалуваат пикантно и горчливо.
Денес во Индија и во некои азиски земји ајурведата е целосно признаена и е изедначена со конвенционалната, западна медицина. Таму постојат државни универзитети, болници и регулаторни тела. Во Европа и во САД, ајурведата се класифицира како форма на комплементарна или алтернативна медицина. Не е дел од стандардниот систем на јавно здравство, но се практикува легално од обучени лица. Принципите и елементите од ајурведската медицина често се користат како додаток на класичното лекување.

КОНВЕНЦИОНАЛНА ЗАПАДНА МЕДИЦИНА
Да се потсетиме − според западната психологија, емоциите и начинот на кој реагираме на надворешниот свет зависат од нашиот темперамент кој зависи од дејствувањето на вегетативниот нервен систем, од жлездите со внатрешно лачење и од некои делови од централниот нервен систем. Класификацијата датира од грчкиот лекар Хипократ. Според него, во организмот течат четири вида течности кои се мешаат и во зависност која течност преовладува во организмот таков темперамент ќе има човекот. Овој модел ги поврзува биолошките реакции и карактеристиките на нервниот систем со однесувањето:
− сангвиник: оптимистичен, активен, друштвен и енергичен
− колерик: амбициозен, страстен, одлучен, но склон кон гнев
− меланхолик: аналитичен, длабоко чувствен, перфекционист и склон кон тага
− флегматик: смирен, мирен, стабилен и понекогаш пасивен.
Слично како дошите, чисти типови темпераменти во природата речиси и да нема. Луѓето се најчесто со мешан тип. Освен што се наследува, темпераментот може и да се контролира и да се адаптира доколку има проблеми и предизвици − избувливите луѓе треба да научат да избројат до десет и сл. Одржувањето на баланс врз своите чувства и емоции се значајни за човековото однесување исто како и прочистувањето од емотивна напнатост, како услов за сочувување на здравјето.
Доколку се стремиме кон здрав живот, за одржување на нашата доша и на нашата душа, се препорачува редовна исхрана, да се избегнуваат грицки меѓу оброци, најголемиот оброк да биде ручекот, да не заборавиме да јадеме топла храна и многу важно – да се јаде спокојно и свесно, стресот го попречува дигестивниот систем. За подетално познавање на овој пристап кон балансиран живот, на пребарувачите лесно може де се најдат 22-те ведски златни правила за здрава исхрана заедно со основните идеи и принципи на ајурведата.
пишува: Лидија Георгиева, авторот е дизајнер, редовен професор
Економија и бизнис, 15 август 2026г












