НОВИ ПРАВИЛА НА ЕВРОПСКИТЕ АЕРОДРОМИ ПРИ ПРИЕМОТ НА БАГАЖОТ НА ПАТНИЦИТЕ

Патниците кои имаат навика да ги завиткуваат своите куфери во проѕирна пластична фолија на аеродромите наскоро би можеле да ја изгубат таа опција. Европските правила предвидуваат постепено ограничување на одредени видови пластична амбалажа за еднократна употреба, со крајна цел целосно елиминирање на некои од овие производи до 2030 година.

Завиткувањето куфери во пластична фолија е вообичаена практика на многу аеродроми.  На овој начин, патниците се обидуваат да го заштитат својот багаж од нечистотија, гребнатини и други оштетувања, но и да ја намалат можноста некој да им го отвори куферот без овластување за време на транспортот.

Проблемот е што пластичната фолија се смета за амбалажа за еднократна употреба, што е опфатено со новите европски правила насочени кон намалување на пластичниот отпад.

Промените треба да се воведат постепено, со рок поставен на 1 јануари 2030 година, кога одредени видови пластична амбалажа за еднократна употреба треба целосно да се забранат. Меѓу нив би можела да биде и фолијата што се користи за заштита на багажот на аеродромите, пишува N1.

Некои аеродроми веќе почнаа да воведуваат ограничувања. Аеродромот во Хановер, го забрани завиткувањето на багажот со пластична фолија, делумно поради големата количина отпад што ја создава.

Фолијата може да се збрчка, да се одвои од куферот или да се заглави во автоматските системи за сортирање багаж. Исто така, може да го отежни ракувањето со куферите за време на нивниот транспорт и качување во авионот.

За оние кои сè уште сакаат дополнително да го заштитат својот багаж, постојат решенија што можат да се користат повеќе пати.

Една опција се еластичните заштитни навлаки од ткаенина. Друга опција се безбедносните ремени за багаж, кои дополнително го обезбедуваат куферот и ја намалуваат можноста за отворање или олабавување на патентот за време на транспортот.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано