Глобалните резерви на нафта се намалени за милијарда барели од почетокот на прекините во поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, што следеа по избувнувањето на војната меѓу Соединетите Американски Држави и Иран. Овие податоци ги презентираше Султан ал-Џабер, извршен директор на државната нафтена компанија АДНОК, со седиште во Абу Даби.
Зборувајќи на енергетска конференција во Обединетите Арапски Емирати, Џабер предупреди дека залихите на дизел во некои делови од светот паднале на најниско ниво во последните 35 години, забележано за овој период од годината. Во исто време, одредени пазари се соочуваат со проблеми во снабдувањето со течен природен гас.
Прекините во синџирите на снабдување доведоа до нагло зголемување на цените на дизелот, кои достигнаа историски максимуми на бројни пазари. Ваквиот развој на ситуацијата дополнително ги зголемува инфлациските притисоци и се заканува да ги зголеми трошоците за живот, што е предизвик и за владите и за граѓаните.
Џабер смета дека е потребно да се прошират стратешките капацитети за складирање на енергија, да се зголемат резервите на готови нафтени деривати и да се обезбедат пофлексибилни можности за преработка на нафта во близина на пазарите каде што се троши енергијата.
Тој, исто така, посочи на значително зголемување на трошоците за транспорт и логистика. Според него, нивниот удел во цената на еден барел нафта се зголемил од пет проценти, што беше пред почетокот на војната со Иран, на дури 30 проценти.
Референтната цена на суровата нафта од типот Брент моментално се движи околу 110 долари за барел, што претставува зголемување од приближно 50 проценти во споредба со февруари, односно периодот непосредно пред почетокот на конфликтот.
За да се намали притисокот врз пазарот, Меѓународната агенција за енергија минатиот месец одобри ослободување на повеќе од 20 милиони барели дизел од стратешките резерви, пренесува Вијести.ба.
Фото Економија и бизнис








