Додека приходите во првата половина од 2026 година останаа на слично ниво од истиот период минатата година, Жито Лукс во третиот квартал забележа позитивен тренд во продажбата, со раст на приходите од 1,3%.
Ова подобрување претставува солидна основа за одржување на растот до крајот на годината и ги одразува континуираните напори на Жито Лукс за реализација на комерцијалната стратегија, зајакнување на конкурентската позиција и проширување на пазарното присуство.
И покрај позитивниот тренд во продажбата, Друштвото продолжува да се соочува со зголемени трошковни притисоци кај клучните производствени инпути, вклучувајќи ги суровините и материјалите за пакување, енергенсите, трошоците за дистрибуција и трошоците за работна сила.
Овие зголемувања на трошоците имаа негативно влијание врз оперативната профитабилност на Друштвото, што резултираше со намалување од 26% споредбено со истиот период од претходната година.
ПРИХОДИ ОД ПРОДАЖАБА И ОСТАНАТИ ПРИХОДИ
Заклучно со третиот квартал од 2026 година, Друштвото оствари вкупни приходи од продажба во износ од 930,6 милиони денари, поддржани од позитивниот тренд во продажбата и растот на продажните количини од 7% во категоријата специјални лебови.
РАСХОДИ И ОСТАНАТИ ТРОШОЦИ
Трошоците на продадени производи остануваат на приближно исто ниво како и споредбениот период, со умерен раст од 0,9%
Административните трошоци се зголемени за 2.1%, додека трошоците за продажба и маркетинг бележат раст од 10%, споредено со истиот период минатата година.
Зголемувањето на оперативните трошоци првенствено се должи на повисоките трошоци за вработените, логистиката и дистрибуцијата, како и на континуираните инфлаторни притисоци врз цените на клучните инпути во работењето.
ИНВЕСТИЦИИ И КРЕДИТНИ ЗАДОЛЖУВАЊА
До крајот на 2026 година, Компанијата се стреми да ги заокружи своите планирани инвестициски проекти, со понатамошен фокус на модернизација на производните капацитети и зајакнување на оперативната ефикасност.
Кредитната изложеност на Друштвото останува во рамки на планираните нивоа, бележејќи намалување од 2% во споредба со истиот период од 2025 година, што е одраз на дисциплинираното управување со задолженоста и одржувањето на финансиската стабилност.
Дополнително, финансиските расходи бележат намалување од 22% во споредба со истиот период од претходната година.
ИДНИ АСПЕКТИ
На почетокот на месец септември, Компанијата официјално ја започна прославата по повод 80-годишнината од своето постоење, под слоганот „Во срцето на домот“. Преку силна 360° кампања и доследна комуникација на сите медиумски канали, Компанијата ја истакна улогата на лебот во зближувањето на луѓето и поврзувањето на генерациите, истовремено славејќи го наследството, довербата и чувството на припадност што Жито Лукс ги гради и негува веќе осум децении.
Јубилејната кампања беше поддржана со обемни активности за масовна медиумска комуникација, односи со јавноста, впечатливо брендирање на продажните места, како и CSR иницијатива насочена кон поддршка на социјално ранливите категории на граѓани. Заедно, овие активности и понатаму ја зајакнуваат силната поврзаност на Компанијата со потрошувачите и ја потврдуваат нејзината долгогодишна посветеност кон заедницата.
Во претстојниот период, Компанијата се подготвува да претстави уште една иновација преку проширување на своето портфолио на функционални тост-лебови. Дополнително, Компанијата дава силна поддршка на неодамна лансираната Selection линија на производи за уживање со леб, која претставува иновација на локалниот пазар. Инспирирана од актуелните глобални прехранбени трендови и промените во животниот стил на потрошувачите, Selection линијата ја одразува посветеноста на Компанијата кон предводење на пазарот и развивање нови прилики за консумација.
Друштвото во своето деловно окружување продолжува да се соочува со предизвици кои произлегуваат од инфлаторните притисоци, зголемените трошоци за работна сила и енергенси, како и од континуираната геополитичка неизвесност, кои можат дополнително да влијаат врз производствените трошоци и куповната моќ на потрошувачите.
Во вакви услови, Жито Лукс останува посветен на зајакнување на својата пазарна позиција, одржување на позитивниот тренд во продажбата и подобрување на оперативната ефикасност.
Друштвото ќе продолжи внимателно да ги следи пазарните движења и соодветно да ги приспособува своите оперативни и комерцијални стратегии, со цел ублажување на потенцијалните ризици и искористување на новите можности за раст и развој.








