Посетителите на годинешниот Октоберфест, за литар пиво ќе треба да платат меѓу 14,80 и 15,90 евра. Организаторите ги објавија новите цени на пивото за оваа, 2026 година, појаснувајќи дека Градот Минхен не ги одредува цените (тоа не го прави уште од 1970 година), туку секој угостител самостојно ја става цената за својот шатор. Градот само проверува дали цените се разумни.
Споделувајќи ја оваа информација, тие дополнително наведоа дека цените на пивото се зголемуваат во просек за 2,38 отсто во споредба со минатата година. Големите шатори имаат највисоки цени, а меѓу нив, „Армбрусчицензелт (Armbrustschützenzelt)“, „Ловенбрау-фестзелт (Löwenbräu-Festzelt)“ и „Брауросл (Bräurosl)“ одредија цена од 15,90 евра. „Аугустинер-фестхале (Augustiner-Festhalle)“ е најевтин меѓу нив, со цена од 14,90 евра за литар пиво.
Само неколку мали шатори ја задржуваат цената под 15 евра, а два шатора воопшто не ги зголемија цените оваа година. Најевтиното пиво го нуди „Музеумсзелт (Museumszelt)“, каде што и годинава литар пиво ќе чини 14,80 евра.
Зголемувањето на цените не се одрази само на пивото; цените на водата и безалкохолните пијалаци се исклучително високи и предизвикуваат незадоволство (во шаторот „Брауросл“, литар сок ќе чини 15,80 евра, а во „Шаторот за вино“, водата ќе се дава по цена од 15,33 евра).
Од 2003 година, цените на пивото растат побрзо од општата стапка на инфлација. Значително поскапување се случи во 2018. поради новите германски прописи за закуп коишто влијаеја само на големите шатори, што ги поттикна операторите да ги префрлат трошоците врз гостите. Од 2022., пиварницата „Аугустинер“ намерно ги одржува најниските цени. Што се однесува до овогодишниот Октоберфест, посетителите на 191. издание – коешто ќе трае од 19 септември до 4 октомври, можат да очекуваат богата програма што почнува со традиционалното отворање на првото буре во шаторот „Шотенхамел (Schottenhamel)“, придружено со извикот „O’zapft is! (Отворено е!)“.
Покрај живописните поворки со учесници во традиционални носии и знаменитостите на големиот саемски простор, гостите можат да уживаат и во носталгичниот „Стар простор“ – „Ојде визн (Oide Wiesn)“ со нејзините историски рингишпили, како и во семејните денови во вторник, кога се нудат попусти на возењата и храната, како што се печеното пиле „Визн-хендл (Wiesn-Hendl)“ и свинските коленици.
извор МИА








