Германската министерка за економија, Катерина Рајхе, го подготви првиот нацрт на законот за ограничување на цените на бензинот и дизелот, според кој оваа мерка би можела да се активира само под одредени услови и да трае максимум три месеци.
Според нацрт-законот, ограничување на цените би било можно доколку цените на горивата во Германија пораснат значително побрзо од просекот во Европската Унија три последователни недели, објавува „Шпигел“.
Примената на мерката би можела да се суспендира доколку постои закана за безбедноста на снабдувањето.
Целта на предлогот е да се ограничат екстремно големите зголемувања на цените на бензинот и дизелот што значително ги надминуваат движењата на цените во остатокот од Европа, а воедно да се зачуваат редовните залихи на гориво.
Лидери на владејачката коалиција ЦДУ/ЦСУ и СПД се согласија кон средината на септември да разговараат со нафтената индустрија за воведување ограничувања на цените на горивата, по моделот на Луксембург или Белгија, најдоцна до 1 јануари 2027 година.
Германија претходно привремено ги намали даноците на бензинот и дизелот за 16,7 центи по литар за периодот од 1 октомври до крајот на декември.
Просечниот автомобил во Германија патува околу 900 километри месечно. Ако се земе предвид потрошувачката од седум до осум литри на 100 километри, просечниот возач на автомобил со мотор со внатрешно согорување би можел да заштеди околу 32 до 36 евра за три месеци.
Германската влада очекува дека поради намалувањето на даноците, приходите на државната каса ќе се намалат за околу 2,485 милијарди евра, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис








