Егзит се враќа на Петроварадинската тврдина во јули следната година

Музичкиот фестивал Егзит (EXIT) денеска најави дека во јули 2027 година ќе се врати на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, по победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија.

„Секогаш велевме дека Егзит ќе се врати кога слободата ќе се врати во нашата земја – и благодарение на храброста, одлучноста и неверојатната истрајност на студентите, тој момент конечно дојде“, соопштија организаторите.

Тие објаснија дека првичниот план бил фестивалот да се врати во 2028 година, бидејќи за организација на големо издание се потребни најмалку 18 месеци подготовки.

Меѓутоа, како што наведоа, илјадниците пораки за поддршка и големиот интерес на публиката ги поттикнале да организираат посебен фестивалски собир на Петроварадинската тврдина уште следното лето.

„Веќе следниот јули повторно се собираме на Тврдината за заедно да ги прославиме слободата, единството и љубовта со едно посебно Егзит искуство кое наскоро ќе го откриеме“, порачаа организаторите.

Основачот и директор на Егзит, Душан Ковачевиќ, потсети дека организаторите на фестивалот во јули оваа година, заедно со студентите, на Петроварадинската тврдина истакнаа транспаренти „Студентите победуваат“ и „Догодина на Тврдината“.

– Со цело срце верувавме дека слободата доаѓа. Но никој од нас не знаеше дали ќе пристигне доволно брзо за тие зборови уште следната година да станат реалност – рече Ковачевиќ.

Тој наведе дека Егзит бил под политички, безбедносни и финансиски притисоци поради поддршката за студентските протести, поради што беше прекинато неговото одржување во Србија.

Според него, притисоците вклучувале и притворање на неговиот роден брат, што го оцени како обид за застрашување на него лично и на организаторите на фестивалот.

– Наместо да нè скршат, сите тие притисоци само нè направија поодлучни да го дадеме максимумот во оваа одлучувачка борба за нашата земја – рече Ковачевиќ.

Тој додаде дека студентите покажале оти „нема сила појака од народ одлучен да живее во слобода“.

Егзит за време на претходните студентски протести јавно ги поддржа барањата на студентите, а на последното издание на фестивалот во Нови Сад настапија и бројни домашни изведувачи кои ги поддржуваа протестите.

Фестивалот тогаш на главната бина го отвори италијанската пејачка Гала, чија песна „Freed from Desire“ стана една од химните на студентското движење.

Организаторите потсетија дека Егзит досега трипати ја освои наградата за најдобар европски фестивал и оти, според нивните проценки, со годините на српската економија ѝ донел повеќе од 300 милиони евра.

Откако ги пресели фестивалските програми во странство, вклучително и на просторот кај пирамидите во Гиза во Египет, Егзит го најави враќањето во Нови Сад, градот во кој настана во 2000 година.

Деталите за програмата и форматот на собирот планиран за јули 2027 година ќе бидат дополнително објавени.

Повеќе од истиот автор

Најчитано