Годишно, на 100.000 жители има од 200 до 300 граѓани со мозочен удар, што нè става некаде на врвот на статистиките. Последниве две години тој број малку е зголемен. За жал има и помлади пациенти. Имавме пациентка со 16-годишна возраст, што треба да нè алармира дека навистина треба да се внимава и дека секој може всушност да добие ваква состојба, односно болест која навистина е сериозна, изјави денеска директорот на Универзитетската клиника за неврологија, д-р Јован Божиновски на одбележувањето на 29 октомври, Светски ден на мозочниот удар.
Тој појаснува дека пациенти со мозочен удар има од сите возрасти, а доминираат тие со над 50 години и оние кои имаат нерегулирани ризик-фактори.
Посочи дека мал е бројот на пациенти кои примаат тромболитична терапија. Годишно на Клиниката стотина пациенти примаат таква терапија, а тој број, според него,би требало да биде многу поголем.
– Таква терапија се аплицира уште во две до три установи низ државата, меѓутоа таа бројка сепак е мала на нашиот број на пациенти кои добиваат мозочен удар. Тоа е така затоа што пациентите доаѓаат многу доцна, доаѓаат после неколку часа кога тие тераписки прозорци веќе се пробиени и се апсолутна контраиндикација да се даде некаква специфична терапија, а дел е затоа што некои од пациентите, заради одредени потешкотии, не можат да стигнат можеби навреме и пристигнуваат покасно, додаде д-р Божиновски.
Тој рече дека годинава спровеле поширока акција што опфатила повеќе центри низ државата и се одвивала во неколку денови. Теренски активности се спроведени и во Тетово, Штип, Охрид и Кочани.
– Во акцијата на Клиниката пред платото на плоштадот „Македонија“ беа прегледани 174 пациенти, од кои кај 39 проценти се утврдени ризик-фактори како зголемен крвен притисок, шеќер и маснотии. Вчера се одвиваше отворен ден на Клиниката, каде граѓаните можеа да направат бесплатен доплер на каротиди. На 74-годишен пациент после дијагностиката му е утврдена високостепена стеноза на обете каротидни артерии и тој веднаш е примен за дополнителни инвестигации и евентуален натамошен третман. Ова е асимптоматски пациент, а со висок ризик да добие мозочен удар, што би бил фатален. Вчера 160 пациенти беа прегледани, кај 40 проценти од нив е најден некаков сигнификантен наод. Земен е контакт од нив и тие следната недела ќе бидат повикувани на Клиниката за исто така дополнителни иследувања, истакна д-р Божиновски.
Не заостануваме, додаде д-р Божиновски, многу зад колегите од Европа и светот, но благодарение на министерот, ќе се потрудиме нашиот здравствен систем да го подобриме во смисла пациентите да добиваат подеднаква здравствена грижа без оглед во кој регион од државата се наоѓаат.
На одбележувањето на Светскиот ден на мозочниот удар присуствуваше и министерот за здравство Сашо Клековски, кој рече дека ако се подобри здравствената заштита од превенција до терциерно ниво ќе се продолжи животниот век. Најголем негативен контрибутор на скратување на животниот век, посочи, се кардиоваскуларните и цереброваскуларните инциденти, односно срцевите и мозочните удари.
– Македонија, како и Западен Балкан, има двапати поголема предвремена смртност. Предвремена смртност е луѓето што ќе починат меѓу 30-та и 70-та година, и главни контрибутори се срцевите и мозочните удари. Превенцијата и третманот на мозочниот удар е релативно комплицирана операција бидејќи времето за реагирање е од еден до четири часа максимум. Тоа бара активна радиодијагностика и можност за терапија веднаш. Оваа акција за свесноста и за превенцијата е само еден чекор и се надеваме дека многу брзо ќе седнеме со Клиниката како лидер во таа област, да ги направиме патеките на движење на луѓето со мозочен удар за да спасиме што повеќе животи и да намалиме што повеќе инвалидност. Мозочните удари се водечка причина и за инвалидност на пациентите и има многу животни и здравствени причини заради кои треба да посветиме многу поголемо внимание на оваа точка, рече Клековски.
Тој изрази задоволство што Клиниката за неврологија успеала да отвори теми кои се многу значајни за Македонија, а Неврологијата, вели, е една од најкомплексните состојби покрај цереброваскуларните и невролошките.
Клековски ја поздрави децентрализацијата на терапијата со мултиплекс склероза, која, како што рече, започнала со „ГОБ 8-ми Септември“, болниците во Охрид и Штип, а се прават веќе чекори за вклучување и на Тетово, Прилеп и Струмица.
Тој најави дека најверојатно следната недела, ќе присуствува на настан каде ќе може да се означи одреден напредок и во однос на Паркинсоновата и во Алцхајмеровата болест, низ соработка со Клиничкиот центар во Љубљана.
Ја пофали Клиниката за неврологија и раководството за сè што работат, бидејќи, како што појасни, се покажало дека во постоечките финансиски рамки, со многу добра волја и многу напорна работа, може да се направи разлика.
Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на мозочниот удар денеска на Медицинскиот факултет се одржаа стручни предавања за новостите околу третманот на болеста и можностите кои ги нуди државата.
Извор/фото МИА








