СПРОВЕДУВАЊЕТО НА РАЗВОЈНОТО СЦЕНАРИО ЌЕ ГЕНЕРИРА ПРОСЕЧЕН ГОДИШЕН РАСТ ОД 3,8 ПРОЦЕНТИ
Од независноста на државата, процесот на приближување од земја со низок доход кон нивоата на доход во ЕУ се одвива побавно во споредба со земјите од регионот. Во изминатите 17 години Македонија е заглавена на економското ниво на земји со повисок среден доход. Тековниот модел на раст, поттикнат од приватната потрошувачка и странските директни инвестиции (СДИ) со ниска додадена вредност и висока зависност од увоз, како и од високата концентрација на извозот на мал број пазари и производи, ги достигнува своите граници. Без реформи, се предвидува дека растот на БДП ќе забави на само 2,4 проценти до 2050 година, што е далеку под годишниот раст потребен за целосно приближување кон ЕУ во рок од една генерација, оценува Светската банка во најновиот извештај за растот и работните места за Македонија, кој беше презентиран овој месец во Скопје.
Ниската продуктивност и ниското ниво на инвестиции се две од трите структурни слабости на македонската економија нотирани во најновиот документ на Светската банка. Јазот во приватните инвестиции во споредба со земјите од регионот се зголемува, додека растот на вкупната факторска продуктивност (ВФП) е негативен уште од 2010-тите години, со незначително закрепнување по пандемијата. Инвестициите претежно се насочени кон средства што минимално ги зголемуваат производните капацитети или технолошките можности, што резултира со помалку конкурентни приноси и ја обесхрабрува понатамошната приватна акумулација на капитал.
Како структурна слабост се посочуваат ограничената пазарна економија и слабата конкуренција. Водечките фирми во 10 од 14 сектори контролираат повеќе од половина од приходите во соодветните сектори, со значително државно влијание во дејностите во посочените сектори. Доминантноста на постоечките фирми, слабото владеење на правото и корупцијата ја задушуваат динамиката потребна за зголемување на продуктивноста.
Во анализата на СБ се укажува и на стагнација на продуктивноста и инвестициите. Македонија инвестира, но не на продуктивен начин. Наместо да се насочуваат кон високотехнолошко производство и услуги што ги унапредуваат вештините (како што се ИКТ и професионалните услуги), инвестициите се претежно концентрирани во градежништвото (речиси две третини од вкупниот износ). Постојаниот пад на приватните инвестиции од 1995 година и забрзаното опаѓање на повратот на капиталот (во споредба со земјите-пандани) претставуваат рационална реакција на економија што не нуди веродостоен пат до високи приноси од продуктивни инвестиции.
Во извештајот на СБ се предупредува и на недоволно искористениот, но скап човечки потенцијал, додека се намалува работната сила поради намалениот природен прираст на населението и емиграцијата. Стапката на учество на жените на пазарот на трудот е за 19 процентни поени пониска од онаа на мажите, додека 24 проценти од младите не се вработени, ниту се вклучени во образование или обука. Платите растат побрзо од продуктивноста, што ја нарушува конкурентноста.
Три столба на реформи
Сепак, Македонија има значителни можности да го забрза растот на продуктивноста, да ја зајакне конкурентноста и да го подигне животниот стандард. Препораките за реформската агенда се однесуваат на зајакнување на економското управување и конкуренцијата, подобрување на ефикасноста на јавните расходи, создавање еднакви услови за пазарно натпреварување и зајакнување на управувањето со претпријатијата во државна сопственост, натамошно подобрување на деловното опкружување.
Идниот економски раст на Македонија треба да биде со поттикнување на технолошкиот развој, енергетската ефикасност и иновациите. Зголемување на иновацискиот капацитет на компаниите и максимизирање на ефектот од странските директни инвестиции (СДИ).
Преминувањето на нов развоен модел би можел да го зголеми просечниот годишен раст од 2,4 на 3,8 проценти до 2050 година и да генерира дополнителни 53.000 нови работни места, како и околу 196.000 подобро платени работни места до 2050 година.
Потребните структурни реформи се добро познати. Она што сега е потребно е политичка волја за нивно спроведување – како и институционален капацитет за нивна реализација. Процесот на пристапување кон ЕУ претставува единствена можност за тој исчекор, се наведува во извештајот на СБ.
Во спротивно, ризикот од „стапицата на среден приход“ се уште е присутен. Најјасниот показател за овој предизвик е конвергенцијата кон животниот стандард во ЕУ. Албанија, Србија и Црна Гора во текот на последната деценија го намалија јазот во приходите во однос на просекот на ЕУ-27 за 7 до 10 процентни поени. Македонија постигна напредок од само 4 процентни поени, достигнувајќи приближно 42 проценти од просечниот БДП по глава на жител во ЕУ-27 во 2024 година.

Два сценарија за 2050 година
Според сценариото „продолжување на досегашната практика“, се предвидува забавување на годишниот раст на БДП на 2,4 проценти до 2050 година. До средината на векот, Македонија би достигнала ниво од само 55 проценти од просечниот приход во ЕУ, што е далеку под нивото на конвергенција на приходите потребно за задржување на квалификуваната работна сила и спречување на забрзаниот одлив на мозоци. Во ова сценарио, земјата дополнително заостанува зад земјите со слични карактеристики.
Според реформското сценарио, трајните структурни промени би можеле да генерираат просечен годишен раст од 3,8 проценти. Ова е стапката потребна за целосна конвергенција на приходите со ЕУ во рок од помалку од четири децении. Резултатите од комбиниран пакет реформи би можел да ги зголеми реалните плати за 20 проценти во однос на основното сценарио и да генерира еквивалент од над 240.000 дополнителни и поквалитетни работни места до 2050 година.
Агендата за реформи
И покрај овие предизвици, Македонија има значителни можности да го забрза растот на продуктивноста, да ја зајакне конкурентноста и да го подигне животниот стандард.
Растот на продуктивноста во Македонија нема да се постигне само преку јавни инвестиции, кои веќе изнесуваат 5,5 отсто од БДП. За поддршка на одржлив раст, ќе биде потребно да се постигне поголем ефект од јавните инвестиции, во комбинација со повисоко ниво на приватни инвестиции (кои во изминатата деценија беа за 2 процентни поени од БДП пониски во споредба со земјите со слични структурни карактеристики).
Извозната база на Македонија останува силно концентрирана во синџирите на снабдување со автомобилска индустрија со ниска вредност, при што домашната додадена вредност изнесува само 18 проценти од извозот. Овој тесен профил на извоз со ниска вредност го ограничува потенцијалот за раст и ранливоста на надворешни шокови.
Максимизирањето на влијанието на странските директни инвестиции (СДИ) бара стратешка промена во начинот на кој Македонија привлекува и управува со странски инвестиции. Целната стратегија за промоција на странски директни инвестиции треба да им даде приоритет на инвестициите со висок потенцијал за квалитет на работни места, трансфер на технологија кон локалните фирми и усогласување со зелената економија, што бара решително оддалечување од нискобуџетното склопување кон сектори со висока вредност, додека активно се задржува и продлабочува влијанието на веќе присутните инвеститори
Одржувањето на растот во услови на демографски пад бара двојна стратегија: подобро и целосно искористување на постоечката работна сила, истовремено со инвестирање во работната сила на иднината.
Вредноста на една реформска агенда зависи од нејзиното спроведување. Македонија и претходно има изработено квалитетни стратегии за политики. Од Светската банка посочуваат на условите кои одредуваат дали овој реформски циклус ќе биде поинаков.
Прво, политичката посветеност и континуитетот на политиките се клучни за успешно спроведување на реформите. Второ, за реформите се потребни силни институции со капацитет за нивно ефективно спроведување.
Македонија се наоѓа на вистинска пресвртница. Сепак, просторот за дејствување се стеснува. Демографските притисоци се засилуваат со секоја измината година. Ерозијата на конкурентноста во клучните извозни сектори продолжува. Моделот на раст што ја доведе земјата до статус на земја со приход над просекот (во групата на земји со среден до висок приход) го губи својот замав. А процесот на пристапување кон ЕУ, иако претставува вистинска можност, не е замена за домашните реформи, туку нивен катализатор, се истакува во извештајот на СБ.
пишува: Митко Јовановски, aвторот е новинар во Економија и бизнис
Економија и бизнис, 15 октомври 2026












