МАПАС: ВАЖНО Е ЈАВНАТА ДЕБАТА ЗА ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ ДА СЕ ВОДИ ВРЗ ОСНОВА НА ЦЕЛОСНИ И ОБЈЕКТИВНИ ИНФОРМАЦИИ

Јавните оценки за висината на идните пензиски примања не можат сами по себе да претставуваат основа за оценување на успешноста на реформата, имајќи предвид дека висината на пензијата зависи од повеќе фактори, меѓу кои должината на периодот на членство во вториот столб, висината и континуитетот на уплатените придонеси, остварените приноси од инвестирањето, возраста при пензионирање, како и начинот на исплата на пензиските средства согласно законските прописи, велат во МАПАС.

подготви: Митко Јовановски

МАПАС (Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување) смета дека прашањето за висината на идните пензиски примања од вториот пензиски столб треба да се разгледува врз основа на целосни и објективни податоци, како и на стручни анализи кои го земаат предвид целокупниот концепт на повеќестолбниот пензиски систем. Јавните оценки за висината на идните пензиски примања не можат сами по себе да претставуваат основа за оценување на успешноста на реформата, имајќи предвид дека висината на пензијата зависи од повеќе фактори, меѓу кои должината на периодот на членство во вториот столб, висината и континуитетот на уплатените придонеси, остварените приноси од инвестирањето, возраста при пензионирање, како и начинот на исплата на пензиските средства согласно законските прописи, ни одговорија од МАПАС, на прашањата од Редакцијата на „Економија и бизнис“, а во врска со се позачестените изјави од носители на јавни функции за темата што беше отворена во домашната јавност, а која се однесува за досегашната работата на вториот пензиски столб.

Заради подобро информирање на граѓаните, го пренесуваме и ставот на МАПАС, во врска со изјавите на носителите на јавните функции, кои посочија дека осигурениците во овој фонд ќе добиваат ниски пензии, за што се прават и анализи за идниот статус на овој пензиски столб.

  • Воедно, МАПАС потсетува дека вториот пензиски столб беше воведен како дел од реформата на пензискиот систем со цел да се обезбеди поголема долгорочна стабилност на пензискиот систем и поголема сигурност за идните пензии. Со реформата се овозможи дел од придонесите на осигурениците да се акумулираат на нивни индивидуални сметки и да се инвестираат согласно законски утврдени правила, со што се создаваат лични заштеди кои се во сопственост на осигурениците. По повеќе од две децении од воведувањето на реформата, вториот пензиски столб бележи континуиран раст на бројот на членови, акумулираните средства и приносите од инвестирањето, што претставува показател дека системот ги остварува своите долгорочни цели, ни одговорија од МАПАС.

Во таа насока, во МАПАС сметаат дека е важно јавната дебата за вториот пензиски столб да се води врз основа на целосни и објективни информации. Одредени јавни оценки и поедноставени заклучоци не ја прикажуваат целосната слика за причините поради кои беше воведена пензиската реформа, ниту пак ја земаат предвид долгорочната природа на капитално финансираното пензиско осигурување. Поради тоа, функционирањето на вториот пензиски столб не треба да се оценува врз основа на поединечни случаи или изолирани примери, туку врз основа на целокупните резултати од неговото работење и неговата долгорочна улога во пензискиот систем. Станува збор за систем кој е воспоставен за да обезбеди дополнителен извор на средства за идните пензии и да придонесе кон поголема финансиска стабилност и одржливост на пензискиот систем. Затоа, МАПАС смета дека јавната дебата треба да се води врз основа на факти, стручни анализи и релевантни податоци, со цел граѓаните да добијат целосна и објективна слика за функционирањето на вториот пензиски столб.

Во однос на информациите за формирањето на посебна комисија која врши анализа на досегашното функционирање на вториот пензиски столб, МАПАС информира дека не е дел од наведената комисија.

  • Како независно регулаторно тело, МАПАС континуирано ја извршува својата законска надлежност преку супервизија на работењето на пензиските друштва, следење на управувањето со средствата на членовите, заштита на интересите на осигурениците и обезбедување законито и транспарентно функционирање на системот на задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Во рамките на своите законски надлежности, МАПАС редовно изготвува анализи, извештаи и стручни согледувања за состојбите во пензискиот систем и секогаш стои на располагање да обезбеди релевантни податоци, стручни мислења и експертска поддршка доколку тоа биде побарано од надлежните институции, велат од МАПАС.

Истовремено, МАПАС смета дека секоја анализа на пензискиот систем треба да се темели на сеопфатен и стручен пристап, кој ќе ги земе предвид долгорочните цели на реформата, меѓународните искуства, демографските и економските трендови, како и досегашните резултати од функционирањето на повеќестолбниот пензиски систем. Само врз основа на ваков пристап може да се донесат одржливи политики кои ќе обезбедат сигурност и доверба на сегашните и идните осигуреници, имајќи ја предвид основната цел на реформата – обезбедување долгорочна финансиска стабилнoст на пензискиот систем и повисоко ниво на сигурност на идните пензиски примања, посочуваат од МАПАС.

Како потсетување, новоназначениот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, минатата недела во гостување на ТВ Сител, говореше за проблемите со вториот пензиски столб.

Тој истакна дека некој сметал пред дваесетина години дека вториот пензиски фонд ќе даде добар ефект на пензиите на пензионерите во Македонија.

  • Меѓутоа, очигледно е дека првите 150 пензионери оваа година, како први по воведувањето на оваа мерка, со она што го штеделе, недоволно им се оплодиле средствата за да имаат добри пензии од вториот столб. За првиот е загарантирано, се одвојуваат средства приближно 46 проценти, или повеќе од 2 и нешто милијарди месечно се загарантирани по устав, изјави Велковски.

„Вториот фонд веќе добар период се анализира во владата, има комисија што е формирана од страна на Владата составена од експерти и од лица вработени во министерствата за финансии и труд и социјална политика, од ПИОМ и со нивната стручност во текот на целото работење да ги дадат потребните анализи и да видиме што понатаму со вториот пензиски столб“, рече министерот Велковски.

Најчитано