УЈП ЗАПОЧНА СО РЕАЛИЗАЦИЈА НА АКТИВНОСТИТЕ ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА

Управата за јавни приходи започна со реализација на активностите за учење преку работа, во рамките на потпишаниот Меморандум за соработка со СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, со кој се овозможува стекнување практични знаења и искуства на учениците во реална работна средина.

Во активностите се вклучени 13 ученици од образовниот профил „Дигитален маркетинг“, кои во периодот до 20 мај 2027 година ќе имаат можност непосредно да се запознаат со функционирањето на Управата за јавни приходи, нејзините надлежности, организациската поставеност и работните процеси.

По повод започнувањето на активностите, директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова ги пречека учениците и им посака успешен почеток, нови знаења и корисни практични искуства.

Почетните активности се насочени кон запознавање на учениците со институцијата, нејзината организациска поставеност и надлежности, професионалните стандарди, службената комуникација и работната дисциплина, како и со правилата за доверливост, даночна тајна и заштита на личните податоци.

Во текот на практичната настава, учениците постепено ќе се вклучуваат во активности во соодветните организациски единици на УЈП, каде што ќе имаат можност да се запознаат со конкретни работни процеси и да стекнуваат практични знаења и вештини соодветни на нивниот образовен профил. За нивната поддршка и насочување ќе бидат определени ментори – даночни службеници во УЈП, кои ќе ги водат низ процесот на учење, ќе го споделуваат своето професионално знаење и искуство и ќе го следат нивниот напредок и реализацијата на предвидените активности.

Учењето преку работа претставува важен начин на поврзување на формалното образование со практиката, овозможувајќи им на младите да ги применат стекнатите теоретски знаења, да развиваат професионални и комуникациски вештини и да се запознаат со работната култура, професионалната одговорност и интегритетот.

„Верувам дека младите генерации, со своето знаење, енергија и идеи, имаат значајна улога во обликувањето на иднината на институциите и општеството. Вие сте идните економисти, правници, менаџери и професионалци кои ќе придонесуваат кон развојот на модерна, одговорна и праведна држава. Фер е секој да го плати својот дел и на тој начин да учествува во заедничкиот развој и градењето праведно општество“. – истакна директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова.

Со започнувањето на овие активности, Управата за јавни приходи ја потврдува својата посветеност на унапредувањето на соработката со образовните институции, поддршката на практичното образование и создавањето можности младите да ги развиваат своите знаења и потенцијали.

УЈП останува отворена за знаење, млади и нови можности, препознавајќи ја важноста на вложувањето во идните генерации.


Фото УЈП

Повеќе од истиот автор

Најчитано