Европската комисија воведува три значајни новини во годинашниот Пакет за проширување – индикативни патокази за земјите што најбрзо напредуваат кон членство, нов модел на постепена интеграција и посилен фокус на безбедносната димензија на проширувањето, изјави денеска на прес-конференција во Брисел еврокомесарката за проширување Марта Кос при презентацијата на Пакетот за проширување за 2026 година.
Првата новина се однесува на индикативните патокази за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, кои во изминатата година оствариле најголем напредок на патот кон членство во ЕУ.
Според Кос, тие треба да обезбедат поголема предвидливост и да помогнат во насочувањето на пристапните преговори. Патоказот за Црна Гора ги опфаќа клучните чекори што треба да ги исполни до членството во Унијата, додека документите за Албанија, Молдавија и Украина ги содржат очекувањата и приоритетите за претстојната година.
-Напредокот на овие четири земји покажува дека придвижувањето кон членство во ЕУ зависи од политичката волја и политичките одлуки. Секоја земја кандидат може да се приклучи на групата држави кои брзо напредуваат. Ги охрабруваме сите земји кандидати да го направат тој избор – рече Кос.
Втората новина е предлогот за нов модел на постепена интеграција, со кој земјите кандидати би добиле повеќе придобивки од учеството во европските политики и структури уште пред формалното пристапување во Унијата. Кос посочи дека моделот ќе донесе придобивки и за земјите кандидати и за земјите членки, а истовремено ќе придонесе за остварување на заедничките стратешки приоритети на ЕУ.
Таа најави дека во првиот квартал од 2027 година ќе започне дијалог за постепена интеграција со земјите од процесот на проширување. Целта е да се направи преглед на постојните мерки и да се разгледаат дополнителни можности за интеграција, при што конкретните насоки за четирите земји предводници се содржани во нивните патокази.
Третата новина е посилниот акцент на безбедносната димензија на проширувањето и на поврзаноста на безбедносните случувања во Европа. Кос посочи дека настаните во земјите кандидати имаат директни последици врз безбедноста на Унијата, особено во услови на зголемени дезинформации, сајбер-напади и организиран криминал.
Интегрирањето на земјите кандидати во безбедносните структури на ЕУ, според неа, ќе овозможи подобра размена на информации и покоординирано дејствување, поголема контрола врз миграцијата и организираниот криминал, како и зајакнување на способноста на Европа да се спротивстави на надворешните притисоци.
Кос нагласи дека во фокусот на реформите мора да останат владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите и заштитата на основните права, бидејќи тие се важни не само за членството во ЕУ, туку и за секојдневниот живот на граѓаните.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








