Бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди во првите десет месеци од годинава е намален за 33 во споредба со истиот период лани. Во сообраќајот животот го загубиле 84 лица, наспроти 117 во првите десет месеци од 2025 година, информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 година.
Тошковски посочи дека во изминатите 35 години на македонските патишта годишно во просек животот го губеле околу 150 лица, што, според него, ја потврдува потребата од системски пристап и континуирани активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
– Кога говориме од аспект на безбедност генерално, но кога говориме за безбедност во делот на сообраќајот, тука особено во изминативе 35 години, навистина не можеме да кажеме дека имаме навистина добри резултати. Просек на загубени човечки животи во последниве 35 години годишно е негде околу 150 во Македонија – истакна Тошковски.
Министерот, како што соопштува прес-службата на МВР, нагласи дека станува збор за значително подобрување на состојбите, особено ако се има предвид дека и во годините со драстично намален сообраќај, како 2001 и 2021 година, бројот на загинати бил повисок.
Особена благодарност Тошковски упати до македонските граѓани, истакнувајќи дека нивното посовесно однесување во сообраќајот, заедно со активностите на институциите, превентивните кампањи и поддршката од општествено одговорните компании и граѓанските организации, придонеле за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица.
Говорејќи за новата Национална стратегија, тој нагласи дека таа поставува јасна цел – до 2030 година бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди да се намали за 50 проценти во однос на 2024 година. Стратегијата се темели на принципот „Секој живот е важен“ и предвидува заедничко делување на институциите и општеството преку превенција, едукација, подобрување на сообраќајната култура и примена на современи технологии.
Фото Економија и бизнис








