ОКТОМВРИ БЕШЕ ПОСТУДЕН И ПОСУШЕН

Во споредба со многугодишните просечни вредности на температурите на воздух и врнежите, годинашниот октомври беше постуден и посушен покажале мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во државата. Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), средномесечната температура минатиот месец варирала од 7,9 степени  во Маврово до 15,3 степени во Гевгелија.

-Вертикалниот распоред на температурите имаше запазен тренд во однос на просекот, но со негативно отстапување. Највисоката максимална температура беше измерена на 10 октомври во Штип и изнесуваше 29,8 степени. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Берово, на 4 октомври, и изнесуваше -3,8 степени. Температури под нулата имавме во Берово, Маврово и на повисоките планини, соопшти УХМР. 

Врнежите во октомври беа од дожд. Месечното количество врнежи во државата варирало од 13 милиметри во Скопје и Струмица до 43 милиметри во Маврово. Максимално дневно количество  врнежи, од 18 милиметри, било регистрирано во Крива Паланка – на 23 октомври. 

-Споредено со просечните октомвриски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2010), годинашното отстапување на октомвриската температура беше -0,7 степени т.е. беше пониска на ниво на држава. Споредено со октомвриската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи беше помала за 39 милиметри или со 60 отсто недостаток од просечната на ниво на држава, наведува Управата за хидрометеоролошки работи.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано