Идеја преточена во проект за одржлив развој на регионот
Пешачењето по кањон, низ водотекот на Градишка Река и откривањето на убавината на живописното Мариово, е добар пример како една замисла на вљубеник во природата се преточува во стварност и може да прерасне во издржан проект за спроведување на одржлив туризам како еден од клучните начини за поттикнување на економскиот развој на регионот. Пред десетина години, Петар Нолев, воден од сопствениот ентузијазам и од желбата да го искористи стекнатото професионално знаење во планинарењето и во спасувачките активности, одлучува да влезе во нова бизнис-„авантура“ и да ги постави темелите на кањонингот во Македонија. Следејќи ги новите трендови во Италија, во Швајцарија и во Грција, дошол до идеја да ја збогати понудата за активен и за одржлив туризам во Мариово. Организирањето на пешачките тури било надополнување на другите производи кои ги започнал претходно со неговата компанија „Маунтин солушн“ како што се: организирање меморијален туризам на линијата на фронот и туристички разгледи на Добро Поле, локација од Првата светска војна, џип турите низ Мариово и посетите на врвот на Кајмакчалан.

− Досега сме организирале многу посети на кањоните во Мариово. Најдобар период за групни тури на кањонот е во јули и во август кога има добар водостој во реката, кој овозможува сигурно и безбедно пешачење низ кањонот. Безбедноста на посетителите е наш приоритет и немаме ниедна повреда на досегашните учесници, што говори и за нашата подготвеност и за нашата оспособеност за вакви активности, вели Нолев. Па, оттаму препораката е кањонингот да се практикува исклучиво со професионален и со обучен тим.

Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ го поддржа „Маунтин солушн“ во креирање нов производ за активен и за одржлив туризам − кањонинг − и подобрување на безбедносните стандарди за овој производ (водоотпорни одела за кањонинг и безбедносна опрема), како и поддршка на активностите на „Маунтин солушн“ за зголемување на продажбата и пристап до нови клиенти и пазари.
− Нашата намера е да ги заокружиме идеите, односно да бидеме достапни со три-четири различни приказни и да се обидеме да ги натераме гостите да поминат повеќе од еден ден во овој дел на Македонија. Најголем број на заинтересирани се претежно странски туристи на кои, при престојот во земјава, им се нуди ваква еднодневна тура. Во зависност од интересот, во најударниот термин, во една недела се организираат по три посети на кањонот, а најголемите групи биле до 45 лица, вели Нолев.

За посетителите се организира целодневно доживување при посетата на Мариово, со организирање и на ручек и на преноќување во Зовиќ. Со ова се овозможува и директна и конкретна поддршка на локалните бизниси. Мариово и кањонот на Црна Река нуди неограничени можности за вљубениците на адреналински спортови. Активностите како што се пешачење, возење велосипед, планинарење и кањонинг, сè повеќе стануваат можност за одржлив развој на целиот регион.
Отворањето на Мариово преку негова полесна пристапност за рекреативците, за вљубениците во природата и за адреналинските спортови, претставува нов економски потенцијал за луѓето од овој најненаселен простор во срцето на Пелагонија, во јужниот дел од Македонија. Од нашата посета на Зовиќ, кое се наоѓа во Општина Новаци, може да се забележи дека полека се враќа животот во ова село кое е оддалечено 52 километри од Битола. Поставувањето на асфалтен пат до селото го олесни пристапот на луѓето кои го препознаваат моментот за вложување во одамна напуштените домови на нивните родители. Во селото се отворени два сместувачки капацитета, во кои може да престојуваат и да ноќеваат стотина гости. Некои од иселениците ги обновуваат покривите на старите куќи во селото и ги прилагодуваат просториите за изнајмување на потенцијалните посетители. Покрај постојниот угостителски објект се гради нов кој ќе претставува уште една атракција за посетителите со прекрасен поглед на „филмскиот“ мост. За време на летниот период, ова е едно од омилените места на посетители од Битола и пошироко, кои се разладуваат во чистата вода на Градешка Река.

Со цел побогато и поавтентично доживување за културното и за природното богатство на Мариово, на туристите и на посетителите им се на располагање аудиотури, развиени во рамките на проектот „Рурална авантура“, со поддршка на Програмата ИМЕ. Тие се ефикасна четиријазична алатка за туроператорите кои носат посетители во регионот, а истовремено им овозможуваат на туристите и самостојно да ги истражуваат и да ги доживуваат селата и локалните знаменитости. Тоа се прави преку веб-страницата (www.ruraladventure.mk) и апликацијата izi.Travel (iOS и Android), кои воедно придонесуваат и за подобра промоција на регионот и на локалните бизниси, вели Јове Парговски од Здружението Оф роуд-Македонија.
Градењето просперитетна понуда за активен туризам во еден регион не е возможно само со спроведување на индивидуални иницијативи. Кога давателите на услуги се здружуваат, тие се надополнуваат едни со други во градењето интересна понуда која треба да продолжи и во самоодржлив и во долготраен развоен концепт кој ќе овоможи и подобар стандард на локалното население. Во Мариово, понудата за активен туризам доведе до подобрување во вредносниот синџир, особено во сместувачките капацитети и кај доставувачите на традиционална храна.

− Одржувањето на угостителскиот објект е семеен бизнис. За гостите приготвуваме традиционална храна. Со приготвувањето на домашна храна ги прикажуваме и нашиот идентитет и нашата култура. Нудиме домашен леб и сирење, пити и месо испечени под сач. Работиме за време на викендите, но со претходна најава и во другите денови од неделата. Во летниот период имаме поголема посетеност и тогаш ангажираме и дополнителен персонал. На гостите им нудиме храна од локално органско производство, што е барано од нашите гости. Нудиме слатко од дуњи, од смокви и природен мед. Нашите најчести гости се учесниците во кањонингот и планинарите, како и посетители од Австрија, од Холандија и од Србија, вели Митко Крстевски, сопственик на угостителскиот објект „Кај мостот“.
Крушево − пример за одржлива и за атрактивна туристичка дестинација преку целата година
Започнувањето на проектот со кањонингот е само иницијалниот момент за кој е потребно дополнително заокружување на целосно осмислен развоен концепт за одржлив туризам за овој регион преку поголемо ангажирање од сите повикани чинители: приватните инвеститори, локалната заедница и државава.
Просторот на Мариово нуди неограничени можности за развој на активен и на одржлив туризам, но за тоа е потребно заедничко ангажирање поради исполнување на сите предуслови за одржлив раст.
Активностите треба да содржат комбинирани чекори за подобрување на инфраструктурата (редовно чистење на вегетацијата покрај локалниот пат, пристапна патека до мостот и за пешачење во околината, еколошко уредување на депонијата во Новаци која е на патот за Мариово…). Идните развојните проекти треба да се помогнати и со фискални олеснувања за локалните жители за реконструкација на објектите и за задржување на автентичноста на мариовските села со зачувување на животната средина. Како крајна цел на оваа идеја преточена во проект за одржлив развој на регионот е подобрување на благосостојбата на локалното население.
Кањонинг − планинарење низ речен кањон

Кањонинг е релативно нова рекреативна активност или спорт дури и во светски рамки. Претставува планинарење низ речен кањон. Почетоците на кањонингот во Македонија се во 2016 година и се одвива низ живописниот кањон на Градешка Река. Почетокот на кањонинг турата е во мариовското село Зовиќ кое е на околу час и половина возење од Битола. Спуштањето низ кањонот е од под мостот, познат од филмовите на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Мостот е оддалечен 300 метри од центарот на селото. Рутата е долга еден километар и вообичаено се поминува за час и половина до три часа.

− Кањонингот претставува планинарење во река. Повеќе би било спуштање низ реката, низ водотеци, скокање од карпи, лизгање по мазни камења, вели Петар Нолев од „Маунтин солушн“.
По речиси два часа следува потег со класично планинарење. Од кањонот се излегува по планинска патека која води до врвот на височината од која се протега прекрасен поглед на цело Мариово.
Прилогот го подготви: Митко Јовановски
Економија и бизнис, 15 мај 2026г
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, која ја спроведува групацијата Паладиум. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.
ОРГАНСКИОТ ПУТЕР ОД БАДЕМИ СТАНУВА ПРЕПОЗНАТЛИВ ИЗВОЗЕН БРЕНД
ОД ВИНАРНИЦА ДО ДЕСТИНАЦИЈА | Винскиот туризам носи поголема додадена вредност












