Дигитализацијата и приватниот сектор
Македонските компании ризикуваат да ја изгубат конкурентноста доколку не започнат поинтензивно да инвестираат во дигитализација. Македонија има солидна основа за развој на дигитализацијата и располага со квалификувани кадри и институции кои можат да ја спроведат. Но, во овој момент развојот на дигиталниот пазар на услуги за приватниот сектор е скромен, како на страната на понудата (можности за користење на е-услугите), така и на страната на побарувачката, според бројот на заинтересирани и подготвени деловни субјекти за примена на процесот на дигитализација во деловните процеси. Моменталниот „дигитализиран биланс“ на Националниот портал за електронски услуги се состои од околу 360 достапни услуги, од кои приближно 110 се наменети за правните лица.
За побрза дигитална трансформација на приватниот сектор потребни се и поголема институционална, технолошка и финансиска поддршка. Дигиталната трансформација повеќе не е прашање на избор, туку станува еден од клучните предуслови за долгорочен опстанок, раст и конкурентност на компаниите и нивна поголема ефикасност, подобра продуктивност.
Забрзувањето на дигитализацијата во македонските компании и надминувањето на потешкотиите и пречките во овој процес беше и главната тема на панел-дискусијата „Предизвици и проблеми за побрза дигитализација на приватниот сектор“, што се одржа во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ во Скопје. Заедничкиот заклучок од дебатата на учесниците на панелот беше дека во време на забрзани технолошки промени, клучното прашање за компаниите веќе не е дали треба да се дигитализираат, туку дали ќе успеат тоа да го направат доволно брзо за да ја зачуваат својата конкурентност. Затоа, потребен е заеднички и координиран пристап на сите учесници кои можат да придонесат за позабрзана дигитализација на домашната економија.
Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ веќе нуди бесплатни услуги за компаниите, а средствата се обезбедени преку Европската комисија и Владата на Македонија.
-Процесот на дигитална трансформација не е едноставен и не претставува предизвик само за нашата држава. Токму затоа, Европската Унија формираше мрежа на европски дигитални иновациски хабови низ цела Европа, кои им помагаат на компаниите во процесот на дигитална трансформација. Во Европа функционираат околу 200 вакви хабови, а во Македонија, покрај нашиот, од оваа година започна со работа уште еден, изјави Димитар Ташковски, директор на ИНОФЕИТ ЕДИХ.
Преку ИНОФЕИТ ЕДИХ досега се обезбедени околу 40 услуги за тестирање пред инвестирање и со заедничка поддршка, тие идеи можат да прераснат во конкретни решенија за попродуктивно и поконкурентно работење, смета Ташковски.
Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, дигиталната трансформација не зависи само од подготвеноста на институциите да понудат електронски услуги, туку и од интересот на компаниите да ги користат.
Министерството активно работи на зголемување на бројот на дигитални услуги за компаниите и граѓаните но, како што предупреди министерот, дел од веќе воведените дигитални услуги остануваат неискористени.
Како пример ги посочи двете услуги поврзани со извозот – издавањето сертификат за квалитет на вино и сертификат за квалитет на производи, кој најчесто се користи при извозот на тутун. Годишно за овие сертификати се реализираат околу 20.000 трансакции во хартиена форма. Иако, услугите се дигитализирани од 20 јули годинава досега нивната искористеност е нула“, изјави Андоновски.
Дигиталната трансформација – клуч за конкурентноста на македонските компании
Македонските компании треба поинтензивно да инвестираат во дигитализација, иновации и нови технологии за да ја зајакнат својата конкурентност на домашниот и меѓународните пазари. За забрзување на овој процес, неопходни се посилна институционална и технолошка поддршка, како и полесен пристап до финансиски инструменти.
Дигиталната трансформација веќе не е прашање на избор, туку предуслов за раст и долгорочна одржливост на бизнисите. Нејзината цел не е само воведување нови технологии, туку нивна практична примена за подобрување на деловните процеси, зголемување на продуктивноста, намалување на трошоците и развој на поконкурентни производи и услуги.
На компаниите им се потребни конкретни насоки и поддршка за успешно да го спроведат процесот на дигитализација.
Од нашето искуство во работата со компаниите гледаме дека многу претпријатија сè уште немаат јасна претстава од каде да почнат, кои инвестиции ќе им донесат најголема корист и како да го финансираат процесот. Затоа е важно да имаат пристап до експертиза, соодветни технологии и финансиски инструменти. Со оваа дискусија сакаме да ги поврземе компаниите со институциите и организациите што можат да им помогнат и да придонесеме кон конкретни решенија за забрзување на дигиталната трансформација, Успешната дигитализација бара заеднички ангажман: компаниите треба да ги предводат промените, а институциите, академската заедница и организациите за поддршка да обезбедат знаење, соодветни услови и финансиски можности за нивно спроведување, ни изјави Горан Дамовски, Директор на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

Извршната директорка на Развојната банка на Северна Македонија, Ефимија Димовска, нагласи дека компаниите мора да ја препознаат дигитализацијата како неизбежен процес доколку сакаат да останат конкурентни, особено во услови на постепено приближување кон европскиот пазар и неговите стандарди.
-Компаниите да сфатат дека дигитализацијата не е цел, туку средство како да се остварат бизнис цели. Второ што воочуваме е дека луѓето не сакаат промени, без разлика на бенефитите и придобивките од дигитализацијата. Најважно е дека компаните немаат избор и мора да го следат тој тренд за да можат да бидат конкурентни на евроипските пазари, рече Димовска, која информираше и за финансиските можности што се нудат од Развојната банка за поддршка на дигиталната трансформација на малите и средните претпријатија.
Еден од предизвиците што беше посочен во дискусијата е недоволната поврзаност меѓу домашниот ИКТ сектор и компаниите од другите стопански дејности, односно ограничената побарувачка за домашни дигитални решенија. Јордан Димитровски, претседател на Управниот одбор на МАСИТ, нагласува дека причината лежи во недоволната развиеност на домашниот пазар, каде што компаниите често не ја препознаваат или не можат соодветно да ја вреднуваат економската корист од инвестициите во дигитални технологии.
Поради тоа, голем дел од македонските ИКТ компании се ориентираат кон странските пазари, каде што побарувачката и можностите за пласман на напредни дигитални решенија се поголеми. Според него, конкурентските компании од регионот веќе се во понапредни фази на технолошка трансформација, што дополнително го зголемува притисокот врз домашните производители.
Дигиталната трансформација не претставува само воведување нови технологии, туку суштинска промена во начинот на кој компаниите работат, произведуваат, управуваат со ресурсите и создаваат вредност за своите клиенти, изјави Кристоф Зомер, амбасадорот на Швајцарија, која е меѓу најиновативните држави во светот во последните 16 години и која го помага овој процес за македонските компании.
„Малите земји, како Швајцарија и Македонија, не можат да си дозволат да заостануваат зад технолошките и економските промени што се случуваат во светот. Конкурентноста не зависи од големината, туку од способноста да се адаптирате, да иновирате и да се интегрирате во глобалните пазари“, истакна амбасадорот Зомер.
Тој се осврна и на швајцарската поддршка за развојот на македонската економија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME), која поддржува компании во подобрувањето на нивната конкурентност преку иновации, технолошка надградба и развој на нови деловни можности.
пишува: Митко Јовановски, aвторот е новинар во Економија и бизнис
Економија и бизнис, 01 ноември 2026г












