Заштитата на сливот на Вардар бара одржливо финансирање и меѓуресорска соработка, е пораката што денеска од Скопје беше испратена на почетокот на второто издание на „Денови на Вардар 2026“, посветени на иднината на управувањето со сливот на реката Вардар.
За министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, заштитата на реката Вардар и одржливото управување со водите мора да бидат долгорочен државен приоритет, а за тоа се потребни координирани институции, меѓусекторска соработка и обезбедено финансирање.
Подготовката на Планот за управување со сливот на реката Вардар, според Хоџа, е важен чекор, а вредноста на еден план, како што рече, се потврдува преку неговата реализација, а не само преку неговото усвојување.
Управувањето со водите не може да биде одговорност само на едно Министерство, порача Хоџа, бидејќи одлуките во земјоделството, енергетиката, индустријата и локалната самоуправа директно влијаат врз нивната состојба.
– Водата не познава ресорски граници. Затоа, потребен ни е вистински меѓусекторски пристап, во кој институциите ќе дејствуваат координирано и ќе преземаат заедничка одговорност, рече министерот.
Осврнувајќи се на прекуграничниот карактер на сливот на Вардар, Хоџа ја истакна важноста на континуираната соработка со Косово и Грција, како и поддршката од Швајцарија во областа на животната средина.
– Нашата цел не е само да подготвиме уште еден стратешки документ, туку да изградиме систем во кој одговорностите се јасни, институциите имаат капацитет да дејствуваат, средствата се обезбедени, а резултатите се мерливи и видливи – истакна Хоџа.
Се очекува во првиот квартал од следната година Планот за управување со сливот на реката Вардар да биде ставен на јавна расправа, а откако ќе бидат разгледани забелешките, конечната верзија да биде доставена до Владата.
– Изработката на Планот беше сложен и напорен процес, а со неговото донесување, ќе почне уште поважна фаза на спроведување. Планот се заснова на начелата на интегрирано управување со водните ресурси. За тие правила да се спроведат во практика ќе бидат потребни промени во организацијата на секторот, во соработката меѓу институциите, во распределбата на надлежностите и во начинот на донесување на одлуки – истакна амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потенцираа дека земјоделскиот сектор зависи од расположливоста и квалитетот на водата, но во исто време има и одговорност за заштита на водните ресурси.
– Планот за управување со сливот на Вардар треба да обезбеди усогласување на потребите на земјоделското производство со целите за заштита и подобрување на состојбата на водите. Истовремено, предвидените мерки треба да бидат интегрирани во секторските политики, програмите и идните инвестиции во земјоделството и руралниот развој – истакна Надица Џерковска, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
извор МИА
Фото Економија и бизнис








