ФИЛОЗОФИЈА | Аспасија

пишува: Светлана Поп-Дучева, aвторот е доктор на Филозофски науки

На големиот хуманист, државник и оратор Цицерон му се припишува анегдота која ја запишал, а се однесува на Аспасија, најголемата љубов на Перикле. Имено, во еден разговор го запрашала Ксенофонт во присуство на неговата сопруга, што би сторил доколку неговиот сосед има подобар коњ, од неговиот, дали би го посакал? Одговорот бил потврден. Потоа истото прашање му го поставила за фарма, доколку соседот имал подобра фарма од неговата, дали би ја посакал – одговорот исто така бил потврден. И на крај го запрашала, дали доколку соседот има подобра жена од неговата, би ја посакал за своја? Ксенофон за момент се збунил, незнаејќи што да одговори пред сопругата и замолкнал. Аспасија тогаш му одговорила: „Запомни, кога станува збор за најдобрите работи, најдобро е секој да се труди да биде најдобар сам со себе, за да ја заслужи и задржи онаа вредност што веќе ја има дома“.

Аспасија, живеела во V век. пр. н.е. во Атина, во т.н. златен период на процутот на филозофијата, архитектурата, уметноста и демократијата во Атина, односно, за време на владеењето на Перикле. Животот на атинската жена во класичниот период на Атина, се одвивал во внатрешните одаи на домот, во гинециумите (грч. gynē – жена и oikos – куќа, дом) во т.н. женски простории, обично сместени во одделен дел или на кат од куќата, со цел да се обезбедат приватност и изолираност на жените и децата. Наспроти овие простории, животот на мажите се одвивал во т.н. aндронеи – машки одаи – каде што се приредувале гозби, симпозиуми и каде што се примале гостите, а нивните сопруги, немале пристап до тие делови на домот. Вратите на гинециумот не биле заклучени, освен во текот на ноќта, а прозорците немале решетки. Сепак, општествените обичаи и норми биле доволно силни за да ги задржат жените во домот, додека мажите имале потполна слобода на движење и меѓусебно дружење. На жените им било ограничено и дружењето со мажите дури и за време на прославите и свеченостите во нивниот дом. Така, животот на мажите и жените во Атина во V век пр. н. е. во голема мера се одвивал одвоено. Уште во времето на Солон (околу 594 година пр. н. е.) најзначајниот претходник на Перикле, сексуалното однесување на жените било предмет на законска регулатива. Доколку жена била фатена in flagrante delicto, односно на дело, можела да биде изложена на различни санкции и општествено понижување. Сопругот на жената обвинета за прељуба, како и во случаи на насилно обесчестување, бил законски принуден да се разведе, додека самата обвинета немала еднаква можност за одбрана или за докажување на својата невиност. Во одредени случаи, на жената можело да и биде оневозможено повторно да стапи во брак, а најчесто била продавана и како робинка, независно од нејзиниот претходен статус. Во Атина во V век пр.н.е., законите во голема мера ја третирале жената како лице со ограничена автономија и интегритет, која била ставена под контрола на машкиот член на семејството – таткото, сопругот или друг машки старател. Потврда за ваквиот однос може да се сретне и кај Аристотел. За природна и здрава брачна заедница ја сметал онаа во која „сопругот ќе владее со сопругата и децата“, при што нивната меѓусебна врска ја споредува со односот меѓу добротвор и корисник. Во златното доба за Атина, во време на владеењето на Перикле (околу 495–429 пр. н. е.) кога Атина доживеала силен напредок и развој и станала еден од најважните политички, трговски и културни центри на античкиот свет, а на Перикле му се припишува добро владеење, изградба на монументални објекти, Акропол и Партенонот, зајакнување на атинската поморска сила и друго – градот се развил во центар на филозофијата и уметноста. Но, во однос женските права и обврски, немало никакви промени, а според тогашните закони и општествени норми во Атина, законските сопруги – мајките на децата на атинските граѓани, биле жени со угледен статус кои живееле затворен живот во рамките на гинециумот, за разлика од хетерите, слободни и образовани жени кои имале поголема слобода на движење и пристап до јавниот и интелектуален живот во Атина.

Аспасија

Аспасија била хетера, и големата љубов на Перикле. Таа била пример на жена која со својот ум, разборитост, реторичка вештина, образованост и знаење, успеала да го промени својот статус, од хетера до исклучително влијателна и угледна партнерка на законодавецот и државник Перикле. Убавата Милетјанка, со извонредна интелигенција, и интелектуален капацитет, во античките извори се поврзува и со Сократ. Тој ја претставува како негова учителка по реторика, а Платон пишува дело. Далис е знае нешто за живото на Аспасија, за потеклото? Тешко се реконструираат детали и биографски податоци за жените од времето од антиката од проста причина што за хроничарите од своето време биле „невидливи“, но, од секундарни извори, понешто може и со сигурност да се знае. Во Атина пристигнала како „метика“ – дојденка од Милет, поради што не можела формално да се омажи за Перикле. Перикле се развел од претходната атинска сопруга за да живее со Аспасија, такашто врската меѓу Аспасија и Перикле бил скандал без преседан во тогашното атинско општество. За тоа колку била силна нивната љубов и меѓусебна наклонетост, сосема романтично ќе забележи и Плутарх, за разлика од драматургот Аристофан, кој во своите комедии ги исмевал Аспасија и Перикле, а врската ја претставил како проклетство, па дури и како една од причините за Пелопонеската војна. Сепак, Аспасија била доживувана како моќна жена која, несомнено, имала влијание врз политичките одлуки на Перикле. На прашањето дали Аспасија била филозоф? Неколку антички извори, меѓу кои Ксенофонт и Платон, го прикажуваат Сократ како човек кој разговара со самата Аспасија, а понекогаш дури и ја бара нејзината мудрост и совет. Во Платоновиот дијалог „Менексен“, Сократ тврди дека извонредниот погребен говор што го одржал бил составен токму од Аспасија, која била претставена како жена со извонреден реторички талент и говорничка способност. Самиот факт што Платон – еден од најголемите филозофи во историјата – и посветува значајно место во дијалогот „Менексен“ е особено интересен. Научниците и денес се уште расправаат за природата и намерата на овој дијалог, како и за прашањето дали во дијалогот „Менексен“ Аспасија е реално прикажана, со иронија или критика на сметка на тогашна атинската реторичка традиција. Сепак, присуството во делото на Платон сведочи за силната репутацијата на Аспасија меѓу филозофите во античка Атина. Упатува на тоа дека секако била активна учесничка во филозофските разговори што се воделе за време на гозбите во домот на Перикле, како и во нејзиниот салон. Аспасија затоа претставува многу повеќе од партнерка на Перикле. Таа е редок пример на жена од античкиот свет која ја „разбрабнувала“ тогашната философска клима во градот Атина, успеала да ги надмине ограничувањата на своето време и да стане дел од политичкиот, културен и интелектуален живот на Атина во V век пр. н. е. Нејзиниот живот сведочи дека и во општество во кое жената била во голема мера исклучена, деградирана, маргинализирана, невидлива во јавниот живот, сепак, постоеле личности кои со својата храброст и мудрост успевале да создадат сопствен простор и со знаење и интелектуална слобода придонеле во креирањето на интелектуалниот, научен и духовен живот во заедниците.


пишува: Светлана Поп-Дучева, aвторот е доктор на Филозофски науки
Економија и бизнис, 01 октомври 2026

Авторот е доктор на Филозофски науки

Најчитано