пишува: Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки
Кога се зборува за философијата на 21 век невозможно е да се изостави феминизмот како еден од посилните генератори на современата мисла. Феминистичката философија не е само „философија на жената“, таа е радикално преиспитување на фундаментите на западната традиционална мисла и парадигма во доменот на знаењето и на епистемиологијата како цивилизациски дострел. Кон крајот на 20 век и почетокот на 21 век, во рамките на философијата на феминизмот, се развива т.н. феминистичка етика која го има за предмет на проучување моралниот субјект на жената каде што водечка улога има феминистичкиот философ Алисон Џагар. Таа е една од првите философи која ги проблематизира и ги загатнува феминистичките прашања во философијата.
Алисон Мери Џагар (родена 1942 г.) е американски филозоф, родена во Англија. Денес е високо етаблирана во академската заедница − професор на Катедрата за философија и на Катедрата за студии за жени и родови на Универзитетот во Колорадо, Боулдер, како и истакнат професор на Универзитетот во Бирмингем, Обединетото Кралство. Родена во Шефилд, Англија, Џагар дипломирала философија на Бедфорд колеџот (Bedford College), Универзитетот во Лондон, во 1964 год.; магистрирала философија на Универзитетот во Единбург во 1967 год., а во 1970 год. докторирала философија на државниот Универзитет на Њујорк, Бафало. Алисон Џагаре е автор на бројни научни трудови и статии кои се сметаат за основа на феминистичката филозофија, како на пример: „Love and Knowledge: Emotion in Feminist Epistemology“ (1989), „Cultural Difference and Equal Dignity“ (1994), „Just Methods: An Interdisciplinary Feminist Reader“ (2008), „Gender and Global Justice“ (2013) и др.
Алисон Џагар во своите истражувања најнапред се спротивставува на еднодимензионалноста на т.н. „канонска етика“ или попозната како традиционална етичка парадигма која започнува со Аристотел и продолжува со Кант, каде што забележува низа недоследности како, на пример, отсуство на вреднување на женскиот морален глас, морална практика и способност за морално дејствување и живеење. Својата критичка мисла ја искажува во петте сублимирани точки кои денес претставуваат „алфа и омега“ на феминистичката етика.
1 Традиционалната етика сосема малку им придава значење на интересите и на правата на жената во споредба со интересите и со правата на мажот.
2 Традиционалната етика ги отфрла како морално незначајни проблемите, релациите и односите кои произлегуваат од т.н. приватен свет, како на пример грижата за децата, за старите лица, за болните итн.
3 Западната етичка парадигма сугерира дека жените и мажите не се подеднакво морално развиени.
4 Во традиционалната Теоријата на моралот, поголемо значење се придава на оние карактеристики кои се сметаат за машки какви што се: независноста, автономијата, умствената дејност, рационалноста, културата, трансценденцијата, војната и смртта, а се потценуваат каракатеристиките кои се поврзуваат со жените: меѓучовечката зависност, заедништвото, тело, емоција, природа, мир, живот, љубов, грижа итн.
5 Во традиционалните етички гледишта се фаворизираат машките културолошки модели на морално размислување, кои ги потенцираат правилата на универзалност, на праведност и на непристрасност во однос на женските култоролошки морални размислувања кои ги потенцираат релациите, соодносите, посебностите, наклонетостите и симпатиите.
Упатената критика на Алисон Џагар на адреса на онтолошката и на епистемолошката заснованост на западната етика е оправдана од повеќе причини. Традиционалната етика придонесува за историската неправда во рамките на патријахалните општествени уредувања, како и за неправедната второстепена позиција на жената како сенка на мажот, во функција на поддршка на машкиот род. Во „канонската етика“ на преден план се поставуваат универзалноста и апстрактноста на рационалното мислење, а се потиснува и се запоставува партикуларното, конкретно, емоционално однесување и дејствување на моралната практика на жената врз чии основи се градат, се докажуваат, се аргументираат, се откриваат и се елаборираат новите, современи етички феминистички теории.
Алисон Џагар, меѓу другото, се занимава и со проучување на местото на емоцијата во западната рационалистичка философија. Имено, таа укажува на неправедно доделеното место на емоцијата како еден вид епистемолошки поткопувач при процесот на осознавање, со статус на ефемерност. Џагар врши еден вид историска корекција на местото на емоцијата со тоа што ја нагласува како конструктивен елемент кој активно и доброволно е вклучен при процесите на набљудување, на вреднување и на носење морални одлуки, а кој неприродно бил апстрахиран низ историјата на „канонската етика“. За Џагар, емоциите не се пречка за рационално мислење и предлага нова рамка во која емоциите се признаваат како социјално неопходни и валидни бидејќи се поврзани со моралните судови. Феминистичката философија, и Алисон Џагер како пионер и нејзин главен претставник, донесе нови и свежи идеи кои го поттикнаа научниот и етички плурализам. Подоцна во рамките на т.н. феминистичката етика се разгрануваат повеќе етички правци како: етика на грижата, етика на релациите, мајчинска етика, гиноморфичка етика итн. Грижата како морална вредност и доблест како во етиката на грижата така и во другите правци се афирмира како носечка и главна вредност, како еден вид контрапункт на традиционалната западна етика која ги нагласува правдата и правилата како универзални принципи на моралното дејствување. Грижата како вредност поврзува и гради морални релации и е мошне значајна за човековиот живот. Грижата во доменот на приватното − семејството и интимните меѓучовечки релации − не е затворена, таа е сеприсутна и нејзиното влијание се проширува и се контекстуализира во социјални и во политички рамки.
Феминистичките етики докажаа дека моралот на жената е конструктивен, различен, неправедно маргинализиран и изоставен дури и од научните постулати. Феминистичките мислителки придонесоа за деконструкција на наративите од минатото, за признавање на жените како рамноправни морални субјекти, а со тоа тие придонесоа и до доближување на двете морални димензии условно речено − машката и женската − вертикалната и хоризонталната − во една, целосно општочовечка и универзална.
Економија и бизнис, 01 мај 2026г











