пишува: Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки
На Аристотел му се припишува мислата: „Човек кој живее сам е или Бог или ѕвер.“ Отуѓеноста е современ и е актуелен проблем. Иако отуѓеноста и осаменоста се различни поими, сепак, тие се длабоко поврзани. Денес отуѓеноста се разгледува и се проучува како поширок социолошки и философски концепт, додека осаменоста повеќе се смета за психолошка појава која најчесто се разгледува како една од формите на отуѓеност. Осаменоста, за разлика од минатото, денес се манифестира и се разгранува во повеќе категории и поткатегории на осаменост. Диференцијацијата оди од емоционална − недостаток на блиски односи, социјална осаменост, недостаток на поширока мрежа на пријателства − до егзистенцијална, чувство на одвоеност од светот и од смислата на постоењето и понатаму, како предмет на проучување на психијатријата, особено кога е поврзана со депресија, со анксиозност или со психотични состојби. Осаменоста е и филосовска тема која се разгледува уште од антички времиња сè до денес, и тоа како егзистенцијален, етички или метафизички проблем. Но, и како пат до контемплација, самоспознание, екстаза со Бога, дистанца од светот за подобро согледување на процесите и на феномените како егзистенцијален избор или морална исклучивост.
Философот „на движењето“, како што се нарекува Хераклит (ок. 544 − 480 г. пр. н. е.), автор на делото „За природата“ (зачувани се околу 130 фрагменти, а преведено е и на македонски од д-р Витомир Митевски) – е првиот регистриран „осаменик“ философ за кого хроничарите од неговото време пренесуваат дека „ја презирал толпата, а ја претпочитал самотијата“. Бил остар критичар на хеленската традиција, на обичаите и на демократијата. Нему му се припишуваат мислите: „еден за мене е како десет илјади, само ако е најдобар“ и „панта реи“ и кој, од тивкиот меланхоличен свет на осаменоста, ни ги соопштува законитостите на движењето, на менувањето и на минливоста на сè што постои во светот. Платон (427 − 348 г. пр. н. е.) во дијалозите на Федар, „Теетет“ и „Држава“, прави разлика меѓу потребата од осамување или дистанцирање од светот од страна на философот − прошетки во природа или водење дијалог со соговорник. Но, за самотијата смета дека е неприродна бидејќи човекот е суштество што живее „со луѓе“ и во „држава“. Аристотел е на истото стајалиште. Човекот е политичко/ општествено суштество (zoon politicon). Да се биде осамен е исто што и да се биде отуѓен од вистинската човекова природа, општествена. Разумноста и другите доблести можат да се развиваат само и единствено во заедница каде што човекот ги практикува етосот, навиката или обичајот да прави добро или да биде добар или не. За стоиците, пак, осаменоста е прифаќање на судбината која се прифаќа и се трпи доколку се развиваат внатрешната доблест и карактер − внатрешниот мир е позначаен од „надворешното друштво“. За Августин Аврелиј, осаменоста е пат до Бога. За Рене Декарт е услов за подобро размислување, но не и цел сама по себе. За Шопенхауер е „вистинскиот животен стил“ кој ќе ги избегне страдањата што ги носат светот и светската болка. За Кјеркегор, егзистенцијален услов на соочување на самите со себе, со Бога и со својата вера. За Ниче, пак, е привилегија на „натчовекот“ кој гради нови вредности, принципи и стандарди кои се авангардни и се автентични во однос на тие на „обичниот свет” кој живее во „стадо“.
Како размислуваат философите на 21 век во однос на осаменоста? Тие го редефинираат контекстот на осаменоста. Таа се разгледува како етички и политички феномен поврзан со изолираност, со деградација и со манипулација. Марта Нусбаум осаменоста ја анализира преку „пристап на способности“ (capability approach), нагласувајќи ја врската меѓу осаменоста и недостигот на емоционална и на социјална интелигенција. Славој Жижек ја гледа како производ на современиот капитализам и на дигиталната култура − парадокс каде што постојаната поврзаност преку технологијата создава уште поголема изолација. Амја Сринивасан ја дефинира од аспект на феминизмот, како резултат на нееднаквост и на дискриминација; Киран Сетија, професор на МИТ, во делото „ Животот е тежок“ (Life is Hard), ја става осаменоста во фокусот на проучување заедно со тагата, со неправдата и со надежта, опишувајќи ја како чувство на „исчезнување“ и на „невидливост“. Анка Геаус, современ философ, пишува за условите на социјалност и на пријателство, истакнувајќи дека создавањето услови за социјален живот е важно и е значајно, но не и доволно за надминување на осаменоста. (Cambridge University press) Бекен Балапашев, во трудот „Актуализацијата на осаменоста во современата филозофија“ (The actualization of loneliness in modern philosophy), ја класифицира осаменоста во три вида: присилна, резултат на социјално отфрлање и доброволна. Секоја форма на осаменост практично има различни ефекти врз духовната состојба на човекот. (Academia)
Современите мислители нагласуваат дека човечките вредности се реализираат само во рамките на социјалниот круг. Во заедницата, тие добиваат признание, валоризација и тежина. Во спротивно, осамениот човек останува невидлив и повлечен. Отуѓеноста и осаменоста се поврзани феномени кои треба да се третираат како фундаментални проблеми на современото постоење. Тие не се само психолошки нарушувања или социјални потреби туку и системски предизвици што ја редуцираат човечката автентичност − философски аспект на проблемот. Затоа третманот бара двоен пристап: индивидуален, преку саморефлексија и развивање на внатрешни капацитети и колективен, преку градење инклузивни заедници и институции со развиени етички приоритети и вредности засновани на хуманост и на солидарност.
Економија и бизнис, 01 јуни 2026











