Европскиот парламент ги поддржа препораките за забрзување на развојот на брзи железнички врски во ЕУ и подобрување на територијалната кохезија.
Пратениците на Европскиот парламент истакнаа дека брзите железници треба да ги поврзуваат не само главните градови на земјите-членки на ЕУ, туку и големите урбани центри во сите европски региони, како и клучните соседни земји – или преку директни брзи железнички линии или ефикасни врски со мрежа од такви железници.
Извештајот се залага за завршување на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), како и за идентификација на делови што недостасуваат, напуштени или недоволно искористени делови од мрежата и прекугранични врски што би можеле да донесат значителна додадена вредност.
Новиот план, објавен на веб-страницата на Европската комисија, предвидува конкретни мерки за подобро поврзување на ЕУ преку брзи, удобни, безбедни и сигурни железнички услуги. До 2030 година, патниците ќе можат да патуваат помеѓу Берлин и Копенхаген за четири часа, наместо седум часа колку што е потребно денес.
До 2035 година, патувањето со воз помеѓу Софија и Атина ќе трае шест часа, што е намалување од повеќе од 50 проценти, а новите врски ќе овозможат патување со воз помеѓу балтичките земји од 2030 година, како и од Париз до Лисабон, преку Мадрид, до 2035 година.
Европратениците изјавија дека достапните и прифатливи железнички услуги се од суштинско значење за намалување на сиромаштијата во транспортот и обезбедување еднаква мобилност низ цела ЕУ.
Тие ги повикуваат државите и железничките оператори да ги направат билетите за брзи возови попристапни, вклучително и со воведување поповолни цени, соодветни попусти и модели на претплата.
Фото Економија и бизнис







