УМЕТНИКОТ Е КОМПЛЕТЕН АКО МОЖЕ ДА СЕ ПРИЛАГОДИ НА СИТЕ СТИЛОВИ КАКО КАМЕЛЕОН

Интервју со Роксан Стојанов − балерина, ѕвезда на Париската опера
Интервју со Роксан Стојанов − балерина, ѕвезда на Париската опера

Со свечено отворање во текот на минатиот месец, Танц Фест Скопје го одбележа своето 22. издание − фестивалска програма богата со премиери, нови копродукции и регионални гостувања, гала-вечерта на фестивалот се одржа во Македонскиот народен театар. Во рамките на отворањето настапи и балерината со потекло од Македонија, Роксан Стојанов.

Како љубител на танцот го имав задоволството да ја проследам нејзината изведба, грациозен, хипнотички танц на високо ниво. Во кореографија на Роланд Пети (Roland Petit) беше портретирана една прецизна, геометриска Есмералда, но сепак поетична. Приказна со врвна изведба, заедно со Антонио Конфорти, уметник од Париската опера, кој во улога на Квазимодо подготви специјален настап за ова издание на фестивалот.

Со цел да ги поддржи младите балетски таленти и нивниот професионален развој, вечерта се одржа и финалето на Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксан Стојанов“.

Мојата прва средба со современиот танц во Париз беше во 1991 година, со делото на Вилијам Форсајт, Губењето на мал детаљ (The Loss of Small Detail). Тогаш, како студент по моден дизајн, сакав да ги видам костимите на Исаи Мијаке кои ги креираше тој за ова дело. Контрастот беше навистина интересен меѓу Форсајт со својот деконструктивен пристап и Мијаке со неговите плитс плиз (Pleats please) линии кои се речиси како бар-код, успешно ги придружуваа танцот и движењето.


Награда Роксан Стојанов 2026
(Copyright Dance Fest Dragan Perkovski)

Вие сте работеле со големиот Вилијам Форсајт. Какво беше тоа искуство?

Вилијам Форсајт во 2018 година создаде кореографија со седум песни на Џејмс Блејк, креација наречена Блејкворкс Уан (Blakeworks One). Балетот беше направен за Париската опера, како фузија од неговиот сопствен стил, но со француски пристап. Тогаш го запознав и прв пат учествував во негова креација.

Минатата година тој го врати делото веќе создадено за Силви Гилем (Sylvie Guillem) и за Никола Лериче (Nicolas Leriche) кога тие веќе беа во пензија, но сè уште танцуваа. Се работеше за обновена креација која се викаше Реареј ( R-E-A-2-R-A-Y). Форсајт сакаше да го смени ова дело и да го прилагоди за мене. Имаше уште една танчерка која, за жал, се повреди, па сите 15 претстави ги изведов јас со двајца партнери.
Тој тогаш ме стави во центарот на вниманието, неколку месеци пред мојата номинација за ѕвезда на Париската опера, примабалерина. Му должам многу бидејќи ме натера да истражам работи кои се специфични за мене, навистина го искористи начинот на кој се движам, она што сум способна да го направам за да биде навистина уникатно, да има свој стил. Соработката одеше со постојано истражување, работевме по пет часа на ден, но помина брзо, немавме време за опуштање. Тој е неверојатна личност, сметам дека сум среќна што го запознав затоа што тој е веќе кон крајот од својата кариера како кореограф, а јас успеав да направам нешто ново со него, беше неверојатно.

Ова дело се враќа во Париската опера во октомври следната година и ќе го изведам повторно, но верувам дека ќе биде поинаку бидејќи тој постојано има потреба да се изненадува. Никогаш не сака да знае што да очекува, се позиционира како гледач, па секогаш сака да ги преработи ритамот, движењето.

Навикната сум на работни процеси во дизајнот, во филмот, во театарот, во сликарството, во цртањето, но танцот го доживувам на многу апстрактно ниво. Во тој хипнотички, органски процес, гледаме геометриски или лирски фигури во воздухот. Како се раѓа една кореографија?

Тоа е долгогодишна работа, танчерот го обликува телото за да успее движењата да функционираат и естетски и технички − да биде органско. Мојата мисија не е само да репродуцирам движења во танцот идентични на некој друг според правилата. Сакам тоа да зборува и во мене за да биде точно, искрено, да биде емоција, а не само движење без смисла.

Танцот е професија која мора да ја започнеме што е можно порано, кога телото е податливо, за да ги интегрираме движењата автоматски. Во класичниот танц генерално ги знаеме напамет сите фигури, тие се вклопуваат како што сакаме да ги поврземе сите тие кореографски чекори. Разликата е во начинот на кој ќе ги распоредиме. Значи, има зборови и потоа правиме реченица.

Следува еден месец кога работиме на длабока истрага да го добиеме движењето. Кореографите можат да го прифатат и она што танчерот ќе го предложи во моментот. Тоа се различни начини на работа, секој има различни квалитети. Некои прават повеќе пируети, други имаат скокови со импресивни издигнувања, па кореографите можат да дадат акцент според квалитетите. Тоа е она што прави секој да биде единствен затоа што имаме квалитети, но и грешки кои стануваат квалитети. Сите различно ја допираме публиката, тоа е субјективна уметност.

Роксан Стојанов во улога на Пакита
Париска Опера – (фото Jonatan Kellerman)

Вашите движења се многу флуидни за разлика од тоа што го прикажавте на нашата публика кога вашиот танц беше повеќе отсечен. Кореографијата на Ролан Пети е секогаш фокусирана да прикажува нешта со аглести, прави линии.

Тоа е поврзано и со витражите на Нотр Дам, сакав да го покажам токму тој аспект. Делото е создадено во време кога современата уметност беше под влијание на кубизмот, многу прави, исправени нешта, кои ќе ги најдеме во горниот дел од телото. Но, долниот дел од телото е флуиден, класичниот танц останува инспирација, како тренинг на француската школа. Значи многу чисти линии, но и женственост.

А вие ми зборувавте за костимите. За Нотр Дам во Париз, костимите ги дизајнираше Ив Сен Лоран. Роланд Пети имал обичај во сите негови балети да соработува со големи дизајнери за костимите или за сценографијата со уметници. Сакаше да ги меша различните уметности и да направи нешто врвно преку музика, сценографија, костими, кореографија.

Имам впечаток дека постои еден вид натпревар меѓу современиот и класичниот танц, како да се два табора. Вие го демонстрирате токму спротивното, дека паралелно може да се еволуира и да се прават нови откритија.

Точно е дека постои желба да се стави современиот танц во преден план и да се покаже дека дозволува повеќе слобода од класичниот танц, кој е доста кодифициран. Современиот танц дозволува проширување на истрагата, но тука има и многу глупости. Значи не смееме да заборавиме дека сè уште има големи современи кореографи кои произведуваат неверојатни дела.

Мене современиот танц ми служи за развивање на мојата класика благодарение на слободата што се наоѓа во современиот танц. Ако некој се чувствува заглавен во класиката, треба да знае да ги изведе и двете, тие се комплементарни. Тоа е она што го прави уметникот комплетен, како камелеон кој може да се прилагоди на сите стилови.

Вие сте половина Македонка. Дали тоа малку ве издвојува, како некој редок бисер, да бидете видени и ценети?

Моето детство беше уникатно и неминовно придонесува за тоа што сум денес. Богатството на различни култури значи и дека денес ја имам оваа приспособливост во мојата професија, добив хибриден карактер. На Балканот постои една топла страна на споделување и очигледно јас го наследив тоа. Не сум во можност да се видам, но вистина е дека секогаш ми велеа дека имам нешто, дека изгледам славјански.
Првиот пат кога го видов Вилијам Форсајт ми рече дека е очигледно дека сум почнала да танцувам во Македонија затоа што во однос на моето држење согледал дека сум различна од другите. Тоа го научив кога бев многу мала, имав меѓу 7 и 9 години кога танцував овде. Не бев свесна за тоа, но ете, останало, телото има меморија и таа секогаш останува како примарен код.

Ја доделивте наградата „Роксан Стојанов“. Како го оценувате нивото на танц кај нашите нови таленти?

Идејата за оваа награда ми дојде минатата година кога ја добив Менадата. Тогаш го посетив училиштето, па учениците ми презентираа варијации. Ми приредија мало шоу во студио и ја почувствував нивната потреба за поглед од страна. Тоа беше идеја што навистина сакав да ја пренесам, а нивната радост ме направи најсреќна.

Вечерта на отворањето на фестивалот веќе имав впечаток дека гледам спектакл преку натпревар. Видов дека тие уживаат да излегуваат на сцената, а тоа е една од најважните работи. На таа возраст сакаме да се откриеме себеси, да знаеме дали навистина ни се допаѓа да бидеме солист или можеме да бидеме танчер како дел од група. Танцувањето сам на сцена е голема одговорност, со себе го носиш целиот балет што стои одзади. Ова е возраст во која треба да ја испробате оваа вежба која може да биде стресна.

Сакав да им дадам шанса да танцуваат, да се изразат, да покажат што сакаа да ми покажат и за нивната личност, за Македонија која останува дел од моите корени.

Организацијата беше одлична, а тие навистина танцуваа, беа искрени, ми покажаа многу убави работи. А гледајќи ги не чувствував преголем притисок, иако знам дека може да биде стресно. Стресот може да биде заразен, но тие беа навистина самоуверени и многу добро тренирани. Наставниците се одлични и нивото е многу добро. На нивна возраст не сум сигурна дека ја имав нивната самодоверба. Дури и ако имаше технички грешки, тие беа убедени во тоа што го направија. И мислам дека тоа може само да ги натера да се развиваат уште повеќе.

Роксан Стојанов и Антонио Конфорти во улога на Еснералда и Квазимодо, кореографија на Роланд Пети, сопственост на Танц Фест

Ѕвезда на Париската опера − повеќе слобода во изборот или поголема одговорност?

Одговорност, секако! Но, јас бев подготвена и работев за тоа, сите чекори што ги презедов ми овозможија да сфатам дека сакам да имам обврски. И да, слобода е да можеш почитувајќи ја работата да бидеш свој, без страв од неуспех. Бидејќи сè додека не сме ѕвезда и ни се даваат можности за солисти, сакаме сè да биде совршено, се плашиме дека можеби нешто ќе тргне наопаку. Денес веќе го немам тој притисок. Имам притисок да бидам на високо ниво, но се чувствувам поддржана од целиот балет, а и од публиката. Најдоброто нешто што треба да се направи е да се биде во моментот, да се доживее секој балет како да е последен пат за навистина да се ужива. Јас сè уште се развивам и додека не се пензионирам ќе продолжам да се развивам. Иако ме прогласија за ѕвезда, ги знам моите слабости, има уште работи на кои треба да се посветам, работиме до крај.

И мислам дека работата е клучот за сè, без разлика на талентот.

Особено кога сте талентирани мора да работите уште повеќе. Бидејќи работите што ги имаме лесно, ако не ги одржуваме, си заминуваат. Додека луѓето кои не се надарени постојано работат, па тоа што го стекнале никогаш нема да исчезне.

Секој има свој начин, свое темпо, но работата е навистина основата. Секако, тука се сцената и емоцијата. А работата овозможува, еднаш на сцената, да можеме да ја оставиме настрана сета работа што е направена за да се сконцентрираме исклучиво на емоцијата и на она што го доживуваме во моментот и на сцената − само размислување за споделување на приказната што треба да ѝ ја раскажеме на публиката.


Економија и бизнис, 15 мај 2026г
Разговараше: Лидија Георгиева, дизајнер, редовен професор

Авторот е дизајнер, редовен професор

Најчитано