– Тригодишно дете од САД победило тешка форма на рак на црниот дроб, хепатобластом, благодарение на експериментална имунотерапија CAR T-клетки, која се заснова на генетско препрограмирање на имунолошките клетки на пациентот за да го нападнат ракот. Неговото закрепнување, велат лекарите, нуди нова надеж во борбата против малигните тумори, особено кај деца. Ова, нагласуваат, е значајно затоа што CAR T-клетките претходно постигнале најголем успех во борбата против малигните болести на крвта, додека нивната примена кај солидните тумори, како во случајот со тригодишното дете, се покажала како многу потешка. Хепатобластом е редок, но најчест тип на примарен рак, малиген тумор, на црниот дроб кај децата. Оваа болест најчесто се дијагностицира кај новороденчиња и мали деца до три години, особено во првите 18 месеци од животот. Туморот потекнува од незрели црнодробни клетки (хепатобласти) кои брзо се размножуваат. Ракот на црниот дроб воопшто, се смета за трета водечка причина за смртност поврзана со рак на глобално ниво.
Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија Игор Стојковски за МИА вели дека CAR-T терапијата веќе има утврдена примена кај одредени хематолошки малигноми, додека кај солидните тумори сè уште е во рана фаза на клинички истражувања.

-Резултатот кај детето со хепатобластом е охрабрувачки, но, потребни се поголеми студии и подолго следење за да се потврдат ефикасноста и безбедноста, вели во изјава за МИА доктор Стојковски.
Според него, оваа терапија досега најмногу се развивала во областа на хематологијата, каде има поголемо искуство од нејзината примена, но, оти е голем и охрабрувачки чекор примената кај солидни тумори.
Авторите на студијата, сепак, предупредуваат дека станува збор за случај на само еден пациент вклучен во раната фаза на клиничкото испитување. Испитувањето на споменатата терапија продолжува како дел од студијата CARE на Медицинскиот колеџ „Бејлор“ и сличното клиничко испитување IMPACT што го спроведува Детската болница во Сиетл.
Овој случај се смета за голем медицински пробив, бидејќи метастатскиот карцином на црниот дроб кај тригодишно момче целосно исчезнал откако тоа примило само две дози од експериментална имунотерапија со генетски изменети клетки.
Детето, кое се борело со хепатобластом – најчестиот карцином на црниот дроб кај децата – претходно веќе имало поминато низ три циклуси на хемотерапија и хируршко отстранување на туморот, но агресивната болест се вратила и се проширила на белите дробови.
Како учесник во пионерско клиничко испитување од Фаза 1, момчето примило специјализирана форма на терапија со CAR T-клетки, при што истражувачите генетски ги модифицирале неговите сопствени имунолошки клетки за да таргетираат протеин што е силно изразен во туморите на црниот дроб, истовремено додавајќи специфични протеини за да им овозможат на изменетите клетки подолго да се борат против болеста.
Карциномот кај детето целосно исчезнал по само две амбулантски инфузии, дадени во интервал од осум недели, без пријавени сериозни несакани ефекти или системска токсичност. Повеќе од една година по терапијата, тој бил целосно ослободен од карциномот.
Овој извонреден исход претставува огромен чекор напред за онкологијата, бидејќи терапијата со CAR T-клетки историски се покажала како високо ефикасна главно против карциноми на крвта, а не против цврсти тумори отпорни на хемотерапија. Лекарите и научниците се надеваат дека овој случај најавува нова ера во која биоинженерски модифицираната имунотерапија ќе може успешно да ги елиминира некои од најагресивните цврсти тумори кај децата.
Случајот е опишан во списанието The New England Journal of Medicine. На момчето му бил дијагностициран хепатобластом, малиген тумор на црниот дроб. Во моментот на дијагнозата, туморската маса во левиот лобус на црниот дроб имала димензии од 11,2 x 9,6 x 7,1 сантиметри. Ракот се проширил на белите дробови, а постоеле и индиции за можно ширење на коските. Тој поминал низ три циклуси на хемотерапија и му бил хируршки отстранет примарниот тумор на црниот дроб, по што следела уште една операција во два зафата за отстранување на метастазите во белите дробови. И покрај третманот, болеста брзо се вратила, а во белите дробови се појавил нов тумор.
Потоа, момчето било вклучено во клиничкото испитување CARE, првото испитување врз луѓе на експерименталната терапија GPC3-CAR. Научниците генетски ги модифицирале неговите Т-клетки за да го препознаваат глипикан-3 (GPC3), протеин што е силно експресиран во туморите на црниот дроб. Тие исто така вградиле гени за експресија на интерлеукин-15 и интерлеукин-21 во клетките, бидејќи претклиничките модели покажале дека тие можат да го продолжат преживувањето на CAR T-клетките и да ја подобрат нивната способност за уништување на туморот.
По првата инфузија од оваа нова експериментална терапија, компјутерската томографија покажала делумен одговор, а нивоата на маркерот што може да укаже на активност на туморот – се намалиле во неговата крв. Осум недели подоцна, момчето примило втора инфузија. Подоцнежните снимки не покажале никакви преостанати знаци на болеста, освен резидуални лузни на ткивото. Една година подоцна, сè уште немало знаци на болеста.
Во самата студија авторите нагласуваат дека овој случај покажува оти кај пациент со солиден тумор отпорен на хемотерапија може да се постигне трајна и целосна ремисија исклучиво во амбулантски услови, без системски токсични ефекти.
Според нив, малото оптоварување со болеста и локализацијата на рецидивот во белите дробови – каде што првично минуваат интравенски инфузираните CAR T-клетки – веројатно ја зголемиле антитуморската ефикасност, истовремено ограничувајќи ги несаканите ефекти. Оваа студија дава докази дека 15.21.GPC3-CAR T-клетките може да претставуваат безбеден и ефикасен третман за хепатобластом и ја истакнува потребата од понатамошна проценка кај пациенти со солидни тумори позитивни на глипикан-3.
Терапијата со CAR-T клетки (Chimeric Antigen Receptor T-cell therapy) е револуционерен и високо персонализиран вид на имунотерапија и генска терапија што го користи сопствениот имунолошки систем на пациентот за препознавање и уништување на клетките на ракот. Често се нарекува и „живо лекарство“ бидејќи третманот се состои од живи клетки кои продолжуваат да се размножуваат во телото.
Процесот на лекување е комплексен и се одвива во неколку клучни фази: Собирање на клетки ИЛИ Левкафереза кога од крвта на пациентот се изолираат Т-клетките (вид на бели крвни зрнца одговорни за борба против инфекции и болести). потоа научниците вметнуваат специјален ген во овие Т-клетки. Овој ген ги тера да произведуваат вештачки рецептори на нивната површина наречени CAR (химерни антигенски рецептори). Овие рецептори дејствуваат како „ГПС уред“ кој е програмиран точно да го лоцира специфичниот протеин (антиген) на канцерогените клетки. Модифицираните CAR-T клетки се размножуваат во лабораториски услови додека не се добијат милијарди клетки.
Пред враќањето на клетките, пациентот обично прима лесна хемотерапија за да се направи простор во имунолошкиот систем. Потоа, CAR-T клетките се враќаат во телото преку инфузија, каде што веднаш почнуваат да ги таргетираат и уништуваат клетките на ракот.
Американската агенција за храна и лекови (FDA) досега има одобрено неколку вакви терапии, главно насочени кон карциноми на крвта, каде што другите стандардни третмани (како хемотерапија или трансплантација на коскена срцевина) не дале резултат. Најчесто се применува кај одредени видови на леукемија (како акутна лимфобластична леукемија), различни типови на лимфоми како не-Хочкинов лимфом, но и Мултипен миелом.
извор/фото МИА








