Филм за филм: НОВ БРАН

пишува: Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

Филм што го прикажува Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard) во самиот чин на создавање на „До последен здив“ (À bout de souffle). Така во кратки црти Ричард Линклејтер (Richard Linklater) го опишува „Нов бран“ (Nouvelle Vague, 2025). Американски филм на француски јазик, со француски актери, за францускиот нов бран од 1959 година, снимен во Париз, а потоа прикажан во Кан пред публика составена главно од критичари.

Романтичен омаж на еден тексашки автор и филмољубец кон бранот што го покрена група млади критичари кои потоа стануваат режисери. Револуционерно движење што, повеќе од шест децении подоцна, сè уште има влијание врз современиот филм и популарната култура. Годар, режисер кој постојано го рушеше класичниот филмски јазик, денес е претворен во впечатлива естетика што бескрајно кружи по социјалните мрежи. Неговите филмови, некогаш радикални и збунувачки, сега живеат како снимка од екранот со цитати за љубов, за осаменост или цигари во 2 наутро. Затоа е интересно што токму Нетфликс (Netflix) стои како продукција зад овој филм. Постои некаква прекрасна иронија во тоа што платформата која често се обвинува за уништување на филмската култура финансира дело за луѓе кои верувале дека киното мора постојано да се реобмислува и да се менува.

Во една од првите сцени, четири пријатели седат во киносала, пушат и гледаат филм. Тоа се Годар, Франсоа Трифо (François Truffaut), Клод Шаброл (Claude Chabrol) и Сузан Шифман (Suzanne Schiffmann). Филмот што го гледаат е „Исландски рибар“ (Pêcheur d’Island), а нивниот заклучок е едноставен: dégueulasse. Одвратен. Совршено го претставува традиционалното, студиско и бајато француско кино од таа ера против кое се борат сите заедно. Набрзо Трифо оди во Кан со „Четиристотини удари“ (Les Quatre Cents Coups) каде што добива награда за најдобра режија. Шаброл e веќе афирмиран. Само Годар заостанува во друштвото. И покрај отсуство на спремно сценарио, успева да го убеди продуцентот Жорж де Борегар (Georges de Beauregard) да го финансира неговиот долгометражен првенец. Неколку недели подготовки, дваесет дена снимање, хаотична сцена на снимање, пријатели кои доаѓаат и си одат, монтажа и приватна проекција. Така започнува „Новиот бран“.

Речиси сè во филмот изгледа реалистично, непретенциозно и направено со леснотија. „Нов бран“ на Линклејтер не е класичен филм за филм, ниту пак биографија за Годар. Наместо тоа филмот сака да го долови токму моментот пред историјата да стане историја, моментот кога никој на филмската сцена не е сигурен дали создава ремек-дело или комплетно фијаско. Реално, повеќето од вклучените во процесот, веруваат во второво. Неофицијалната историја на филмската уметност, на извесен начин, отсекогаш била мешавина од мит, импровизација, младешка ароганција и луѓе кои веруваат дека можат да измислат нов јазик.

Филмот вешто избегнува митологизација и е исполнет со мали, секојдневни моменти. Разговори за Алфред Хичкок и за Хауард Хокс, расправии за кадри… Импровизации на снимање. Нервозни телефонски повици до продуценти. Луѓе кои се дружат, шетаат низ Париз и зборуваат за филмот како да е најважната работа на светот. И за нив навистина е. Линклејтер не ги претставува овие луѓе како генијалци кои знаат што прават однапред. Напротив, тие постојано изгледаат несигурно. Годар истовремено изгледа и самоуверено и исплашено. Понекогаш е арогантен, понекогаш смешен, а понекогаш едноставно изгубен во сопствените идеи. Наместо да покаже „раѓање на ремек-дело“, Линклејтер покажува процес. А процесот е хаотичен, контрадикторен и често многу понесмасен отколку што историјата сака да признае.

Снимен во црно-бела техника, филмот не е стилска имитација на Годар и на естетиката на новиот бран. Нема агресивно копирање на скоковит рез при монтажата (jump cut) или форсиран модернистички стил. Наместо тоа Линклејтер го користи сопствениот препознатлив ритам за да ги долови енергијата и духот на времето. Во таа смисла, „Нов бран“ е во дослух со неговите претходни филмови за дружење (hangout) како „Џаболебар“ (Slacker, 1990), „Зашеметени и збунети“ (Dazed and Confused, 1993), трилогијата „Пред“ (Before Trilogy, 1995 − 2013) и „Сите сакаат по нешто!!“ (Everybody Wants Some!!, 2016). Голем дел од магијата доаѓа токму од чувството дека сме заедно со овие луѓе додека талкаат низ сопствените идеи. Разговорите се долги, често духовити и понекогаш изгледаат како да не водат никаде, но токму преку нив постепено се обликува чувството дека нешто ново е во зародиш.

Актерската екипа е одлична токму затоа што не се обидува совршено да ги копира вистинските личности. Наместо музејска реконструкција, секој лик има мала дистанца од оригиналот, доволно за да не изгледа како имитација. Особено впечатлива е Зои Дојч (Zoey Deutch) како Џин Сиберг (Jean Seberg). Таа не изгледа како актерка што игра некого, туку како некоја чудна реинкарнација на нејзината енергија. Истото ова важи и за Обри Дулин (Aubry Dullin) во улогата на Жан-Пол Белмондо (Jean-Paul Belmondo) − неговото движење, лежерност и физичко присуство совршено ја заокружува оваа култна филмска двојка.

Можеби најинтересниот аспект на „Нов бран“ е начинот на кој комуницира со денешницата. Приказната за група млади луѓе кои сакаат да ги скршат правилата одеднаш добива ново значење. Не затоа што совршено ја реконструира историјата, туку затоа што ја разбира енергијата што стои зад неа. Кога филмот завршува не останува чувството дека сме гледале лекција по филмска историја. Останува чувство дека сме поминале квалитетно време со луѓе кои биле опседнати со филмот до тој степен што морале да измислат нов начин за да го создадат. Можеби така и започнува секој вистински нов бран. Не со манифести, туку со пријатели, со разговори, со сомнежи, со лоши идеи, со евтини цигари и со желба за промена.


Економија и бизнис, 01 јуни 2026г

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Најчитано